1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

БиХ: Каква земја, такви избори

Бенјамин Парган Превод Жана Ацеска14 октомври 2014

Резултатите од изборите во БиХ будат малку надеж во подобрување на економската и политичката ситуација. По победата на старите националистички партии, земјата уште долго ќе биде проблем за ЕУ, смета Бенјамин Парган.

Фотографија: Darko Zabuš/Klix.ba

Апсурдна збирка од политички куриозитети во комбинација со долга листа од социолошки феномени кои се далеку од секоја логика и разум: каква земја, такви избори. Тоа би можело да биде краткото резиме по изборите во земјата со најкомплициран и најнеефикасен политички систем во цела Европа. Така на пример, класичните економски теми во изборната кампања, а очигледно и на гласачките места, играа второстепена улога. Притоа, најважните стопански параметри се катастрофални: стапката на невработеност, во зависност од изворот на статистиката, се движи меѓу 30 и 50 насто, а кај младите-50 до 70 проценти. Странските директни инвестици стагнираат со години на најниско ниво. Потенцијалните инвеститори се дополнително исплашени од неефикасната и коруптивна власт, инфраструктурата е неразвиена.

Политичарите од сите етнички групи: муслиманските Бошњаци, католичките Хрвати и православните Срби, во изборната кампања играа на т.н. етно-политичка карта. Со тоа умешно го свртуваа вниманието на народот на теми кои на изборите повеќекратно се докажаа како убиствено оружје на националистичката реторика, а всушност се бесмислени и бескорисни рововски битки меѓу етничките групи. За жал, многумина гласачи ја следеа оваа наметната тактика, одлучувајќи врз основа на припадноста на етничките табори, а не врз основа на слободниот граѓански разум. Бројот на оние кои гласаа во етнички рамки едноставно беше преголем. И за жал, на малкумина им успеа пред да гласаат да постават прашање за досега постигнатите резултати на политичките партии, без нивно претходно етничко и националистичко филтрирање.

Од овие причини, но и со оглед на ниската излезност од околу 54 проценти, граѓаните со право на глас на малата југоисточна европска земја треба да прифатат одредени критики. Во нив се вбројува политичката наивност, слепиот национализам и неразвиеното разбирање на демократијата. Сега на многумина гласачи ќе им биде уште потешко да се претстават себе си како жртви на корумпираните и неспособни политичари. По овие избори, мнозинството од избирачите станаа нивни соучесници. Зашто, изборите во однова поминаа слободно и фер, граѓаните можеа доволно да се информираат и слободно да одлучат. Сепак, не е исправно вината за сега официјално потврдената стагнација да им се припише само на избирачите.

Дејтонскиот договор како принудна рамка

Зашто, нефункционалните државни рамки се создадени од меѓународната заедница преку Дејтонскиот мировен договор. Со него во 1995 година, за волја на вистината, беше ставен крај на бруталната војна меѓу етниите во земјата. Но, договорот е целосно непогоден за демократскиот и економски напредок на земјата. Оваа крута наметната рамка, базирана на принципот на етнички пропорции, за БиХ е пречка на патот кон нормална држава и мора барем да се приспособи, ако не и целосно да се укине. ЕУ досега покажа демонстративно малку интерес да се зафати со оваа работа, иако, правно гледано, земјата се‘уште е ЕУ-протекторат. Но, во пракса, бриселската бирократија се држи понастрана од политичкиот живот во поделената земја. Можеби во надеж дека слободните демократски избори можат да имаат „лековито“ дејство. Оваа надеж, по кој знае кој пат, повторно се изјалови.

Да се надеваме, БиХ не мора да се лизне целосно во правец на религиозна, етничка и економска нестабилност за ЕУ конечно сериозно и активно да интервенира. Сегашните новоизбрани, но стари кадри со сигурност нема ништо да направат за да ги сменат состојбите, зашто хаотичните односи многу добро се вклопуваат во нивниот концепт. Тие и натаму можат безобзирно и дрско да се богатат и релативно едноставно да го задржат своето бирачко тело со својата демагошко-националистичка реторика.

БиХ без поддршка однадвор нема да најде излез од калта која се состои од фрустрации, бес, резигнација и економска беда. Оваа мешавина носи многу опасности и малата балканска земја може да се претвори во голем проблем на ЕУ.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми