1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

БиХ: Негирање геноцид и величање воени злосторници

Самир Хусеиновиќ
9 јули 2019

Од геноцидот во Сребреница поминаа 24 години, а БиХ уште нема закон за забрана за негирање на воени злосторства. Слично е и во другите држави од регионот.

Balkan - Konflikt zwischen Kosovo und Serbien - Gedenkfriedhof
Фотографија: Getty Images/AFP/E. Barukcic

Иницијатива за усвојување закон за забрана за негирање на геноцид, холокауст и други воени злосторства во парламентот на БиХ е покренувана најмалку пет пати, но секогаш се спротивставуваа српските претставници од Република Српска. Зошто? Претставничката во парламентот на БиХ од РС, Душанка Мајкиќ наведува повеќе причини, меѓу кои и досегашната работа на правосудството во БиХ, „кое пресудувало главно против Србите“. „Би требало претходно да се завршат сите постапки кои третираат воени злосторства на Бошњаците и Хрватите над Србите“, дополнува таа. Мајкиќ смета дека ваков закон би ги ограничил правата на одбрана на осомничените за воени злосторства. „Бранејќи се дека не извршил злосторство, обвинетиот автоматски би можел да биде санкциониран според Законот за забрана за негирање геноцид и други злосторства“, вели таа.

Опструкција на следбениците на Караџиќ

Душанка Мајкиќ, инаку членка на Сојузот на независни социјалдемократи на Милорад Додик, верува дека предлагачите на Законот „сакаат да дадат еднострана слика за вината на српскиот народ за настаните од минатата војна.“ „На бошњачките политичари би им одговарало сега, кога почнуваат судења против нивните осомничени, судот на БиХ да го затрупаат со голем број предмети врз основа на Закон за забрана за негирање геноцид, што за нас е неприфатливо“, вели Мајкиќ. Бошњачките функционери во институциите на власта тврдат дека со негирање на геноцидот и опструкции за донесување закон за негово санкционирање, следбениците на Радован Караџиќ и други воени злосторници покажуваат неподготвеност за соочување со минатото и вистината.

Следбениците на Радован Караџиќ не се спремни за соочување со вистинатаФотографија: picture-alliance/AP Photo/Y. Herman

„На една страна е целиот цивилизиран свет, кој од Австралија па до Канада ја одбележува годишнината од геноцидот во Сребреница и им оддава почит на жртвите, а од друга се политичките претставници и големи делови на академската заедница во ентитетот РС и државата Србија кои го негираат геноцидот“, истакнува потпретседателот на босанскохерцеговскиот ентитет во РС, Рамиз Салкиќ.

Тој предупредува на праксата на оспорување на историски и судски утврдени факти, но и на рамнодушноста на политичари кои се обидуваат да ги релативизираат настаните од јули 1995 година. „Така се воспитуваат генерации на кои не им е спорно убивањето преку 8.000 бошњачки цивили во Сребреница“, вели Салкиќ за Дојче веле. Тој потсетува дека во РС и во Србија се величаат најголемите воени злосторници по Втората светска војна.

„Затоа ни е потребен закон. Не е нормално некого, кој е осуден пред Меѓународниот суд на доживотен затвор за најтешки воени злосторства, да го сметаат за херој“.

Салкиќ верува дека поради неспособноста за соочување со вистината, многу српски претставници со тоа му нанесуваат штета на сопствениот народ „зашто товарот на злосторствата на поединци и групи, го ставаат на грб на целиот народ.“

„Треба да се следи светлиот пример на Германија, која се пресмета со злосторниците од Втората светска војна, направи сѐ за жртвите на холокаустот, се сврте кон иднината и стана една од најмоќните земји во светот“, потенцира Салкиќ. 

Хрватска и Србија без адекватни законски решенија?

Оваа област не е регулирана ни кај соседите на БиХ, па екстремистите релативно безбедно можат да негираат геноцид и воени злосторства. Белградскиот новинар Дејан Кожул вели: „Собранието на Србија во 2010 година усвои Декларација со која се осудува злосторството над бошњачкото население во Сребреница, но без споменување на зборот геноцид, додека суштината на односот на Србија кон холокаустот е таква што неговото негирање би значело и негирање на српските жртви кои се ставаат во прв план во однос на еврејските и ромските“.

Како во БиХ, така и во Хрватска не е законски регулирано негирањето геноцид, но правосудството и без тоа наоѓа формула за казнување такви испади, ако за тоа постои волја, вели загрепскиот аналитичар Давир Ѓенеро. „Проблемот на негирање на геноцид во Хрватска не е толку тежок како во БиХ. Имено, иако некои злосторства во Хрватска, на пример во Шкабрњ и во Вуковар, имаа обележја на геноцид, тие немаа толкав обем ниту беа така ‘индустриски организирани' како оние во Сребреница. Затоа меѓународните судски тела тие злосторства не ги препознаа како геноцид, а хрватската тужба против Србија поради спроведувње и неспречување геноцид не успеа“, вели Ѓенеро.

Улици со имиња на усташки генерали во МостарФотографија: DW/V. Soldo

За разлика од државите од регионот, во Германија и други земји негирањето воени злосторства е кривично дело, што неодамна во авторски текст за ДВ го истакна и германскиот дипломат Кристијан Шварц-Шилинг. Директорот на претставништвото на Фондацијата Конрад Аденауер во БиХ, Свен Петке смета дека „жртвите на страшни злосторства заслужуваат да се работи бескомпромисно на совладување на минатото.“ „Во тоа спаѓа и негирањето геноцид. На пат кон ЕУ, БиХ мора да воведе или да ја дополни законската регулатива која негирањето геноцид и други злосторства кривично ќе го санкционира“, вели Петке за ДВ.

Отворено величање на воени злосторници

Во невладините организации во БиХ кои се занимаваат со заштитата на човекови права, не се оптимисти во поглед на скоро законско уредување на оваа област. Извршниот директор на Хелсиншкиот комитет за човекови права, Бранко Тодоровиќ, вели дека во БиХ уште не се создадени предуслови за опоравување на постконфликтното општество: „Голем дел од оние кои се на власт и донесуваат одлуки беа директни учесници во војната и воените идеологии. Би било нереално од нив да се очекува осуда на довчерашните партиски истомисленици и многу често извршители на насилства во име на воената политика."

Повеќе:

Милорад Додик - претседател кој не ја признава сопствената земја

Кој посакува нова војна во Босна?

Караџиќ е таму каде што му е местото

Според Тодоровиќ, клучен интерес на „корумпираната и неспособна власт“ не е помирување и траен мир, туку токму спротивно, поделби, стравови, омраза и несигурност.

„Како поинаку да се објасни нехуманиот и нецивилизациски однос кон жртвите, не само со фалсификување на вистината, туку и отворено славење на осудени воени злосторници со давање нивни имиња на улици, училишта или студентски домови“, вели Тодоровиќ.

Со закон или без него, вистината мора да се прифати, истакнува претседателката на Здружението на мајките од Сребреница и Жепа, Мунира Субашиќ. „А вистина е дека во Сребреница беше извршен геноцид над Бошњаците и тоа е утврдено со пресуди на Хашкиот трибунал и судови во БиХ. Кога некој го негира геноцидот во Сребреница, преживеаните одново ги страдаат маките од јули 1995 година. Нѐ боли негирањето геноцид, ни пречи и кога се негираат злосторства над други народи. Со забрана за негирање судски факти полесно би ја прифатиле вистината без која нема помирување, а без помирување не можеме да одиме нанапред“, вели Мунира Субашиќ.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми