Блажевски исплива полошо од својот рекорд
28 јули 2012Македонскиот знаменосец на синоќешното отворање на Олимпијадата, пливачот Марко Блажевски, е првиот Македонец кој настапи на Игрите во Лондон. Блажевски делницата 400 метри мешано ја исплива со време од 4 минути 32 секунди и 37 стотинки, што е за речиси 3,5 секунди послабо од неговото најдобро време 4 минути 29 секунди и 7 стотинки.
Македонскиот пливач заврши како трет во групата од пет пливачи, која според составот е најслаба во квалификациите. Блажевски пливаше на шестата патека во првата квалификациска група. Доколку не дојде до некое поголемо изненадување во останатите групи, се очекува Блажевски да го заземе 35 место, во конкуренција на 37 натпреварувачи.
Македонскиот рекорд во оваа дисциплина стар 14 години го држи Александар Маленко и тој изнесува 4 минути 27 секунди и 62 стотинки. Како втора од четиритие македонските претставници на ЛОИ ќе настапи пливачката Симона Маринова на 2-ри август во дисциплината 800 метри слободно.