Блискиот Исток пред пресвртница?
20 ноември 2014Ескалацијата во Ерусалим стигна до точка, на која на сите мора да им биде јасно: Со насилство конфликтот меѓу Израелците и Палестинците не смее да продолжи ниту ден повеќе. Ова важи за сите страни. Нападот токму врз синагога отвора простор за страв дека политичките и територијалните проблеми ќе бидат целосно нерешливи, ако еден религиозен конфликт започне сѐ да надвладува.
Убиствата во синагогата во населбата Хар Ноф во Ерусалим се брутални и бесмислени. Палестински групи како Хамас се обидоа атентатот да го глорифицираат како борба против израелската опсада. Тоа е невозможно! Убиството не е човечко однесување, рече американскиот министер за надворешни работи Кери и тој е во право.
Повик за одмазда на двете страни
Изјавите за оправдување на сите им се доказ за тоа колку конфликтот на Блискиот Исток во меѓувреме стана брутален и нечовечен. Повиците за одмазда и колективна казна за Палестинците од страна на десничарски еврејски Израелци се уште еден доказ за тоа.
Ништо од тоа не може да ја смири актуелната состојба. Во ова зовриена атмосфера најголема одговорност носи политиката. Но, таа потфрла. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за нападот го смета одговорен претседателот на Палестинците Абас. Абас потбуцнувал против Израел, тој повикал на ден на гневот и со тоа ги охрабил атентаторите. Министерот за стопанство Бенет го нарекува Абас дури еден од најголемите палестински терористи. Тоа е внатрешно-политичка борба за десничарскиот табор избирачи - ништо повеќе.
Обвинувањата не соодветствуваат на реалноста ниту според израелски проценки. Шефот на израелската тајна служба Шин Бет повикува на претпазливост: Претседателот Абас не повикува на терор, му противречи тајниот агент на своето политичко раководство. Палестинскиот претседател го осуди нападот на Ерусалим. Во втората изјава тој застана против убиствата на цивили генерално - кој и да ги извршува.
Но и Абас треба да се запраша дали повикот за одбрана на Ал Акса џамијата по секоја цена би можел да ја смири состојбата. Дали претседателот навистина бил загрижен дека израелската влада на тврдокорци би можела одново да го поделува светилиштето? Или Абас сакаше да го види израелскиот премиер Нетанјаху како ползи на колена кон Аман во Јордан?
Нетанјаху и Абас се под притисок
Се чини дека на двете страни внатрешно-политичкиот притисок ја одредува дневната политика. За повеќе не е доволна политичката сила. Израелскиот премиер Нетанјаху ги урна сите мостови - кон Палестинците и сојузниците. Нема политичка нит за разговори, која би можел да ја обнови. Иако америкaнскиот министер за надворешни работи Кери се надева толку многу токму во спротивното. А палестинскиот претседател се бори за тоа, во Појасот Газа да ја преземе контролата од доминантниот Хамас. Пред млади, но и порадикални сили да посегнат по неговата моќ.
Во суштина Изрелаците и Палестинците имаа заеднички интерес: Безбеден живот. Меѓутоа оваа цел двете страни можат да ја постигнат само преку компензација. Но во моментов патот води во сосема друга насока. Само политиката би можела да сопре натамошно пропаѓање!