1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Блискиот пријател на Путин во Берлин

Роман Гончаренко / Александар Методијев15 мај 2014

Шефот на „Руските железници“ е добредојден во Берлин, иако е меѓу лица против кои САД покренаа санкции. Владимир Јакунин, близок соработник на Владимир Путин, ќе зборува за иднината на Европа на конференција во Берлин.

Фотографија: picture-alliance/dpa

Станува збор за тешка задача која денеска (15.05.) му претстои на Владимир Јакунин. И покрај кризата во Украина и заладените односи меѓу Русија и Западот, шефот на „Руските железници“ сака да зборува на конференција во Берлин за тоа дека „Европа не може да ја изолира Русија“. Додека руските медиуми и политичари ја напаѓаат Европа, Јакунин сака да дискутира за „голема Европа од Лисабон до Владивосток“ со експерти од бројни земји. Тој исто така сака да каже дека по завршувањето на Студената војна Европа „е во потрага по идентитетот на другата страна од линијата на раздвојување“.

Овие цитати потекнуваат од вебстраницата на невладината организација „World Public Forum 'Dialogue of Civilizations'“. Јакунин е основач и претседател на оваа организација и со самото тоа и организатор на конференцијата под наслов „Европа: изгубена во преводот?“ („Europe: Lost in Translation?“). Друг организатор е германско-рускиот форум со неговиот нов претседател и поранешен шеф на СПД Матијас Матцек.

Близок соработник на Путин

65-годишниот Јакунин припаѓа во најтесните владеачки кругови во Москва. Тој е близок соработник со претседателот Владимир Путин. Тие двајца се познаваат од почетокот на 90-ите години. Двајцата беа членови на здружението „Осеро“ во Санкт Петербург. И други од овој елитен клуб сега се на власт. Според руските медиуми, Јакунин, слично како и Путин, работел за советската тајна служба КГБ. Но, директни докази за тоа нема.

Откако Путин стапи на претседателската функција во 2000 година, Јакунин од заменик-министер за сообраќај стана претседател на „Руските железници“. Овој концерн во државна сопственост вработува повеќе од милион луѓе и остварува промет во милијади, пред се’ благодарение на превозот на стока. Сепак, во последно време претпријатието бележи загуби, бидејќи руската економија веќе речиси и да не бележи раст.

Јакунин со години е близок соработник на рускиот претседател Владимир ПутинФотографија: Alexey Nikolsky/AFP/Getty Images

Противречна мисија

Јакунин е коавтор на книги, како што е „Замка: нови технологии во борба против руската државност“. Во ова дело, кое од печат излезе во 2009 година, се наведува дека Западот сака да ја ослабне Русија. Во еден извештај, кој Јакунин го претстави во средината на март 2014 година во Руската академија на науките, додаде дека Западот и’ наметнува „туѓи вредности“, односно економска политика ориентирана кон економски раст. Притоа Русиоја оди во правец на „губење на духовната и морална база“, рече Јакунин, кој раководи и со управата на една православна фондација.

Москва мора да се ориентира далеку од Европа – и економски и политички, рече Јакунин во еден настап пред студентите во Санкт Петербург. „Предолго бевме хипнотизирани од европскиот успех и неолибералниот модел“, рече тој.

Почестен“ со американски санкции

Повод за оваа изјава беа санкциите од ЕУ и САД против руските политичари и економските шефови, кои беа подигнати по руската анексија на украинскиот полуостров Крим. Јакунин и самиот е погоден делумно од тие санкции. Неговите сметки во американските банки се блокирани и тој не смее да патува во САД. Јакунин реагираше изненадено и рече дека очигледно е казнет поради своите патриотски погледи. Исто така рече дека се чувствува „почестен“ со санкциите и дека е „во добро друштво“.

Опозициски блогер Алексеј Навални забележува дека Јакунин создал корумпирана офшор-империјаФотографија: picture-alliance/dpa/RIA Novosti

Но, тој не се наоѓа меѓу лицата против кои покрена санкции и ЕУ. Можеби и затоа што Германија води добар бизнис со неговото претпријатие. Германски „Сименс“ значително учествува во модернизација на „Руските железници“ и добива работа во милионски износи, на пример, за своите брзи и регионални возови.

Критичарите во Русија му забележуваат на Јакунин дека е лицемерен кога го критикува Западот. Имено, додека тој со задоволство се претставува како руски патриот, двајцата негови синови наводно живеат во Велика Британија и Швајцарија. За тоа во летото 2013-та пишуваше московскиот опозициски блогер Алексеј Навални. Тој му забележуваше на Јакунин дека создал корумпирана офшор-империја и дека поседува нелегално изграден објект покрај Москва. Вниманието на јавноста го привлече снимката на објектот во кој наводно постои дури и посебна соба за крзнените бунди. Јакунин ги отфрли овие наводи.

Берлинската конференција, која ја организира невладината организација на чие чело е Јакунин, очигледно цели на времето во кое „украинската криза ќе биде надмината“, како што стои на флаерот за конференцијата. Што бара Јакунин во Берлин? Тој пред два месеци рече дека „денес се води информациска војна“ и дека е важно да се делува против тоа“. Тој во Берлин сака „западното општество да го освести од хипнозата на која е изложени поради сопствената пропаганда“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми