1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Блискоисточна игра на нерви

Никола Ќурчиски4 декември 2015

Најавата на Путин за „одмазда“ по соборувањето на рускиот воен авион може да има сериозни последици за Турција. Турскиот бизнис веќе трпи последици во Русија

Фотографија: Reuters/RIA Novosti/Kremlin/A. Druzhinin

Инцидентот со соборувањето на рускиот бомбардер „СУ-24“ во Сирија од страна на турскиот „Ф-16“, покрена лавина реакции во светската јавност дека сме на чекор од почеток на нова светска војна. Во оваа игра на нерви, Путин нема да реагира избрзано и наивно, со воена интервенција во Турција, а тоа и го потврди во вчерашното годишно обраќање пред Федералното Собрание. Реакцијата ќе се одвива секторски и градијално на долгорочни патеки, но „нема да се заврши само на доматот“, како што кажа Путин во вчерашниот говор (однесувајќи се на забраната за увоз на овошје и зеленчук од Турција). Москва како првичен одговор, освен забраната на производи од Турција, воведе визи за турските граѓани и уапси неколку турски државјани кои потоа ги ослободи. Турскиот бизнис веќе трпи последици во Русија, а еден од најпогодените сектори веројатно ќе биде и градежништвото, бидејќи многу турски компании имаа градежни проекти во Русија, особено во Москва, каде учествуваат во изградбата на Московските облакодери, попознати како Moscow city.

Економска споредба

Но, ајде да погледнеме што кажуваат економските параметри во оваа нова економска војна меѓу Русија и Турција. Трговската размена меѓу овие две земји е 25 наспрема 6 милијарди долари во корист на Русија. Значи, Русија извезува производи во Турција во износ од 25 милијарди долари на годишно ниво, додека Турција извезува во Русија само 6 милијарди долари. Најголем дел од овој процент кај Русија го сочинува испораката на гас. Турција во 2014 е втор најголем купувач на гас од Газпром, со 27,3 милијарди м3 гас, веднаш по Германија, што е нешто повеќе од 17% од вкупната продажба во Европа. Судејќи според ова, Русија може многу повеќе да загуби на економски план. Секако, Москва не ја прекинува доставата на гас кон Турција, бидејќи ќе загуби многу пари и значаен дел од пазарот. Од друга страна, пак, и Турција зависи од рускиот гас, бидејќи доколку Русија реши да ја прекине доставката на гас, тоа ќе има сериозни последици за турската економија. Ердоган веќе активно работи на заштита од ова малку веројатно сценарио, па од 1 до 2 декември беше во посета на Катар, каде меѓу другото, беше потишан и договор со кој Катар треба да ја снабдува Турција со течен гас (LNG). Со ова на Москва и’ е укажано дека се бара алтернатива за диверсификација на зависноста од рускиот гас - иако тоа не можно, барем не на краток рок, бидејќи Катар го нема потенцијалот, а Турција инфраструктурата за да стане независна од рускиот гас.

Никола ЌурчискиФотографија: privat

Според мене, овде лежи и една од главните причини зошто Сирија е толку важна точка на Блискиот Исток. Сирија е најпогодна рута за изградба на гасовод од Саудиска Арабија и Катар, преку Сирија и Турција, во Европа, па така Европа и Турција би се снабдувале со неруски гас. Токму поради ова, за доминантно сунитските држави од Блискиот Исток (пред се': Саудиска Арабија, Катар и ОАЕ) е стратегиски важно да имаат контрола врз територијата на Сирија. Од друга страна, пак, доколку Русија и Иран (со доминантно шиитско население), успеат да ја задржат Сирија, а во последно време и Ирак покажува знаци на приклучување кон оваа коалиција, тогаш ќе им го пресечат патот кон Европа на сунитските држави и на еден начин географски ќе ги изолираат, бидејќи ќе го контролираат појасот од Иран до Средоземното море (Иран-Ирак-Сирија).

Турска турлитава

Ердоган сега се наоѓа во исклучително тешка ситуација. Ниеден друг лидер не успеа до толку политички да ги искористи нападите од ИСИС во своја корист како него. Неговата партија, по една декада, на изборите од јуни годинава го загуби апсолутното мнозинство во турскиот парламент. Но, бомбардирањата на пограничниот турски град Суруч, еден месец подоцна, за што Ердоган ја обвини ИСИС, му даде крила за нова победа на парламентарните избори во ноември. Пред изборите во јуни, само 14% од Турците се изјаснија дека тероризмот е најголема закана за Турција, до септември таа бројка скокне до 72%, а во ноември Ердоган го врати апсолутното мнозинство во парламентот. Но, денес тие темели се поткопани и турската јавност е се’ погласна во обвинувањата против Ердоган, со изнесувањето на докази од страна на руското Министерство за одбрана, дека тој и неговото семејство соработуваат со ИСИС и имаат заеднички нафтени- бизнис интереси. Друг интересен факт е дека на 100 напади врз курдските позиции во Сирија, турските воени авиони вршат само еден напад врз позиции на ИСИС. Сево ова придонесува да се дестабилизира политичката ситуација во Турција по изборите, а ако на тоа се додадат и потенцијалните економски последици од економската војна со Русија, тогаш може да се смета дека на Ердоган нема да му претстои мирен период. Сето дотолку повеќе, бидејќи не се знае кои ќе бидат наредните потези на Москва. Уште пострашно за Ердоган може да стане ако Русија почне да им помага на Курдите кои се борат за своја држава, во која треба да биде и источниот дел на Турција. Една од можните мерки, за кои скришно се разговара во Москва, е и таа.

Никола Ќурчиски е докторант на политички науки на Руската Претседателска Академија во Москва.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми