1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Блокадите на Евзони провоцирааат и „нафтена криза“!?

Костадин Делимитов
8 февруари 2017

Затворената граница предизвикува сериозни загуби за економијата но и отвора дилеми- зошто Македонија не го користи нафтоводот? Транспортерите негодуваат, „Окта“ предупредува од нафтена криза, надлежните смируваат.

Symbolbild Shell Öl Tanker
Фотографија: Getty Images

Заглавени камиони, натрупани стоки, нервозни стопанственици и коминтенти. Блокадата во Грција предизвикува сериозни штети за македонското стопанство. Загубите се големи, а колку точно изнесуваат засега не знае никој. Но едно е јасно, тие веќе се бројат во милиони. Повеќе камиони веќе десетти ден се заглавени на граничкиот премин Евзони, а Солунското пристаниште се трупа со стоки за Македонија кои чекаат на транспорт. Веќе денеска се собрани околу 120 илјади тони. Дел од превозниците веќе бараат алтернатива преку други премини, но тоа само им ги зголемува трошоците:

„Клучното прашање е како да се подигне стоката која се трупа на Солунското пристаниште. Станува збор за масовни превози и неизвесно е како ќе се превезат. Оние транспортери кои што веќе се заглавени ги советуваме доколку се во можност, пред се финансиска, да бараат алтернативни решенија преку други премини. Исто така апелираме до увозниците да одобрат повисока цена на транспортот за да може да се најде алтернатива. Но она што загрижува е што на повидок нема ублажување, туку напротив слушаме најави и за радикализација, односно блокади и на другите премини“, предупредува Билјана Муратовска од „Макамтранс“ здружението на камионски транспортери.

Фотографија: Fotolia/Phototom

Проблеми во транспортот на нафта

Во целиот овој хаос со грчките блокади се проблематизира и транспортот на нафта кој се одвива со камиони цистерни. Но добрата вест е што барем железничкиот транспорт функционира непречено и ги испорачува потребните количества :

„Железничкиот транспорт се одвива непречено и нема никакви застои. Ова вклучително важи и за транспортот на нафтата кој исто така се одвива нормално. Овие количини што се транспортираат преку железницата, а станува збор за околу 150 илјади тони годишно, се доволни за задоволување на потребите“, изјави за Дојче Веле Никола Костов, директор на АД Македонски железници транспорт.

Сепак, од рафинеријата „Окта“, кој важи за најголем увозник на горива во државата предупредуваат дека проблемот може многу лесно да ескалира ако не се најде ефикасно решение со нивните цистерни натоварени со 750.000 килограми дизел гориво кои се заглавени на границата. Една од опциите е тие да се пропуштат преку Дојран или Меџитлија каде е забранет премин на акцизна стока, но за тоа е потребна соодветна реакција од институциите:

„Во контакт сме со релевантните институции и чекаме на нивен одговор. Ова е соодветното решение во моментов и постојат механизми за тоа да се спроведе. Доколку нема навремен одговор од релевантните јавни институции, ќе ги почувствуваме првите знаци на криза со гориво во текот на оваа недела. Тоа значи дека е потребно решение веднаш, имајќи ги во предвид постоечките залихи на гориво, како и тоа дека не сме сигурни колку долго ќе трае блокадата“, реагираат од ОКТА. 

Владата смирува, нема да се дозволи да има нафтена криза, но не прецизира како и на кој начин ќе се реагира:

„Секако дека ние ќе спречиме било каква криза, ме известија од секторот за енергетика дека веќе треба да се справиме со овој проблем. Денеска ќе ги интензивираме состаноците за надминување на проблемот“, изјави Дритон Кучи, министер за економија.

Што се случува со нафтоводот Скопје-Солун

Рафинеријата ОКТАФотографија: Petr Stojanovski

Освен камионскиот и железничкиот транспорт, една од опциите за брз и непречен проток на нафтените деривати за Македонија е нафтоводот Скопје-Солун но тој не е во функција бидејќи фирмата оператор ја нема добиено потребната лиценца за трансфер на дизел горива. Нафтоводот, кој во 2011 година доби лиценца за транспорт на сурова нафта работеше до 2013 година кога транспортот запре поради застој на работењето на рафинеријата. По овој период стартуваше операција на негова пренамена за транспорт на дизел гориво директно до рафинеријата но тоа не профукционира бидејќи компанијата сѐ уште чека да добие лиценца за превоз и на дизел горива. Од Владата во Скопје најавуваа разговори на ниво на работни групи по процесот на формирање политичка Влада, но засега нема ништо од овој процес.  

Оттука во целиот овој спор дел од упатените препознаваат и своевиден притисок, пред сѐ од страна на „Окта“ која со „паничните“ најави за нафтена криза сака да обезбеди брзо решение на проблемот. Сепак прашање е колку и ќе успее, коментираат нашите соговорници, ако се има предвид фактот дека државата целиот овој период веројатно и свесно тактизира со што индиректно го поддржува и домашниот железнички транспорт кој со превозот на нафтените деривати обезбедува стабилна финансиска инјекција. Сепак, ваквата алтернатива е и доста ризична, со оглед на честите блокади и на железничкиот сообраќај во изминатиов период. Со нафтоводот Скопје-Солун инаку оперира компанијата „Вардакс“. Нејзиното формирање е согласно купопродажниот договор за „Окта“ кој овозможи 80% од операторот да биде во грчка сопственост, а останатите  20% акционерски дел на Македонија. Рафинеријата го запре производството во март 2012 поради загуби во преработката на сурова нафта, Оттогаш, компанијата се занимава исклучиво со трговија на нафта. 

 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми