Германскиот автопроизводител БМВ во унгарскот град Дебрецин гради нова фабрика, која ќе чини околу милијарда евра.
Реклама
Од фабричката лента во новата фабрика на БМВ во Унгарија би требало да излегуваат 150.000 возила годишно, соопшти германскиот автопроизводител. „По големите инвестиции во Кина, Мекиско и САД, сега го зајакнуваме производството во Европа“, изјави шефот на Управниот одбор на БМВ, Харалд Кригер.
Во Дебрецин, кој се наоѓа на околу 230 километри источно од Будимпешта, би требало да бидат вработени околу 1000 луѓе. БМВ со отворањето фабрика во Унгарија го следи примерот на Ауди и Дајмлер, кои во оваа земја продуцираат со години. Од БМВ велат дека одлуката паднала на Унгарија затоа што земјата има голем број доставувачи и квалификуван персонал.
Исто како и во другите БМВ-фабрики во Европа, во Дебрецин на иста производствена линија би требало да се продуцираат и бензинци и дизел-возила и електромобили. Кои точно модели ќе се произведуваат во новата фабрика сѐ уште не е соопштено. Фабриката ќе биде помала од фабриките во Динголфинг, Регенсбург, Минхен и Лајпциг, кои работат на границата на капацитет.
БМВ на европскиот пазар продава околу 1,1, милиони автомобили годишно, што претставува околу 45% од вкупното производство во светот.
100 години БМВ
Од своето формирање пред 100 години, БМВ од средно-голем производител на авионски мотори прерасна во една од најпознатите светски автомобилски марки. Во меѓувреме, да се вози БМВ стана работа на престиж.
Фотографија: picture-alliance/dpa/U. Deck
Симболика
Бело-синото лого кое ја краси хаубата на секое возило е симбол на компанијата уште од нејзиниот почеток пред 100 години. На 7 март 1916 година беше основана Bayerische Flugzeugwerke (Баварската фабрика за авиони). Подоцна, беше преименувана во Bayerische Motorenwerke (Баварска фабрика за мотори), но логото со пропелерот остана.
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Hoppe
Мотори
Есента 1923 година, БМВ го претстави својот прв мотоцикл, наречен Р32. Успешното претставување на саемот во Берлин беше проследено со масовна продажба и одлични перформанси. Тие успеси покажаа дека БМВ може да постигне далеку повеќе од производство на авионски мотори. До денес, комбинацијата на боксер моторот со два цилиндри и погонското вратило се клучни во дизајнот на мотоциклите на БМВ.
Фотографија: picture-alliance/dpa/BMW AG
Првата „тројка“
Во 1928 година, БМВ презема една фабрика за возила во Ајзенах. Прво беше преземено производството на постојниот автомобил, по англиска лиценца, а подоцна и сопствени возила. Во 1932-ра беше родена 303-та, првиот автомобил од сопствено производство. Тоа беа и првите автомобили кои имаа бубрежен изглед на предницата на моторот.
Фотографија: Imago/S. Geisler
Воздушни сили
БМВ започна како изведувач за воени потреби. Во Првата и Втората светска војна, во најголем дел произведуваше мотори за германските воздухопловни сили. За време на Втората светска војна фирмата експлоатирала околу 25 илјади принудни работници и затвореници од концентрационите логори. Подоцна, компанијата се извини за своето мрачно минато и исплаќаше компензација.
Фотографија: Imago/Lindenthaler
Барокниот ангел
По завршувањето на војната во 1945, БМВ ја загуби својата фабрика во Ајзенах која остана во советската зона. Во Минхен, каде дотогаш компанијата никогаш не произведувала автомобили, БМВ започна со монтажа на мотоцикли. Беше претставен и новиот модел, „501“, кој го доби прекарот „Барокниот ангел“ поради својот изглед.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Минијатура
Производството на големи возила беше толку скапо за БМВ што фирмата имаше загуба од 4.000 германски марки на секој поединечен модел. Дури и компактната Исета, лиценцирана преку италијанската фирма Исо Риволта, не можеше да помогне во избегнување на влошената финансиска состојба.
Фотографија: picture-alliance/dpa/F. Leonhardt
Наследници
Во 1959-та БМВ се соочуваше со банкрот и преземање од Дајмлер. Во последен момент, индустријалецот Херберт Квант ја презема фирмата и започна целосна реорганизација, на тој начин спасувајќи ја. Неговите наследници, братот и сестрата Штефан Квант и Сузане Клатен (на фотографијата со нивната мајка), заедно поседуваат 47 проценти од акциите на БМВ кои денес вредат околу 30 милијарди евра.
Фотографија: picture-alliance/dpa/F. Rumpenhorst
Нов почеток
Во 1961, компанијата конечно претстави модел од средната класа: редизајнираниот БМВ 1500. Кусо потоа, 1500 беше заменет со 1600, 1800 и на крајот 2000. Тоа беше голем успех. Големото враќање на БМВ беше комплетирано по претставувањето на моделите „02“ со две врати: 1602, 1802, 2002 и 2002ti/tii.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Сите добри нешта доаѓаат во „тројка“
Најдобро продаваниот модел на БМВ е серијата 3, која беше лансирана во 1975. Шест години подоцна од лентата беше симнат и милионитиот модел. До 2012, серијата стигна до својата шеста генерација. Седмата е планирана за 2018. Речиси секое четврто возило кое го произведува БМВ припаѓа на серијата 3.
Фотографија: Imago/Kicker
Централа
Во 1973, БМВ ја претстави својата нова централа, зграда која се нарекува „четири цилиндри“. Денес, објектот е симбол на баварската престолнина. Во 70-те и 80-те, БМВ стана еден од најбрзо растечките производители во светот. Денес компанијата има 25 фабрики во 14 земји и вработува 100 илјади луѓе.
Фотографија: picture-alliance/dpa/D. Sambraus
Мини
Во рамките на својата експанзија, БМВ во 1994 го купи британскиот Ровер, и го продаде со загуба шест години подоцна. Само брендот Мини ја преживеа лошата купопродажба, и доживеа ривајвал од 2001 наваму. Од 2003, БМВ произведува и луксузни возила од типот „Ролс- Ројс“ во своите фабрики.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Електрични возила
Во сегментот на електричните автомобили, БМВ е пред конкуренцијата со моделот i3 како и со каросериите од карбонски влакна. Големите градови како Пекинг, Лондон или Осло сѐ повеќе се вртат кон вакви возила. По скандалот со Фолксваген и дизелите веќе не се на цена. Тоа му одговара на БМВ, кој ја зголемува својата флота е-возила.