1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

БНД - една сосема нормална тајна служба

Марсел Фирстенау/превод: БГ19 август 2014

Исто како што американската НСА се однесува кон Германија, така и БНД го третира својот НАТО-партнер Турција. Никој никому не верува, но тоа никој не сака да го признае, коментира Марсел Фирстенау.

Фотографија: picture-alliance/dpa

Свет без тајни служби? Премногу добро за да биде вистинито. А, и наивно, за жал, имајќи ги во предвид бројните конкретни и апстрактни опасности. Една од потенцијално смртоносните опасности е меѓународниот тероризам, кој по нападите од 11 септември во САД достигна нови димензии. Оттогаш, од разни причини, под сомнеж се не само најголемите непријатели, туку и долгогодишните пријатели и сојузници. Со тоа е уништена минималната доверба, која партнерствата и пријателствата воопшто ги прави можни.

Секако, не се третираат сите еднакво: од непријателите се очекуваат секакви ужаси. Но, ни во партнерите се нема доверба, бидејќи можеби премалку работат на националната и на глобалната безбедност. Американските шпиони од НСА ги прислушуваат исламистичките терористи заради спречување на терористички напади. Ја прислушуваат и германската канцеларка Ангела Меркел. А, зошто? Затоа што, без оглед на актуелниот претседател во САД, во Белата куќа се плашат дека во Германија повторно би можеле да се планираат атентати, по примерот на оние од 11 септември, кои беа испланирани во Хамбург.

Разни видови тишина

Без разлика колку сето тоа делува ирационално, се чини дека во главите на водечките разузнавачи и политичари, таквите мисли се одлучувачки за дефинирање на стратегијата во борбата против тероризмот. Притоа, сите страни свесно ризикуваат лесно и трајно да ги расипат долгогодишните добри, или дури и пријателски односи. Меѓу САД и Германија тоа се случи откако Едвард Сноуден ги обелодени шпионските практики на НСА. А, сега тоа е случај и меѓу Германија и Турција. Германската влада, за волја на вистината, не потврди дека БНД систематски го шпионира својот НАТО партнер, но тоа не го ни демантираше.

Сѐ додека не се докаже спротивното, тој вид на молк наведува на само еден заклучок: медиумските извештаи за шпионските активности на БНД против Турција се точни. Тоа може да има сериозни последици за и онака затегнатите германско-турски односи. На Германија, а особено на Ангела Меркел, Турција одамна и’ замерува дека по секоја цена сака да го спречи влезот на земјата во ЕУ. Потоа, тука е и сѐ уште нерасветлената серија убиства од страна на Националсоцијалистичкото подземје - НСУ, чии жртви беа претежно граѓани од турско потекло. Без разлика колку тие две работи немаат врска едно со друго, сето тоа заедно сериозно ја загрози довербата, и на политичко и на меѓучовечко ниво.

Марсел ФирстенауФотографија: DW/S. Eichberg

Преиспитување на службите

Ќе биде потребно време за довербата повторно да се изгради. За жал, и скептицизмот е на место, доколку тајните служби продолжат по старо, а политичарите од сите бои им даваат одврзани раце. Тоа може да се види и на примерот на американско-германските односи, со барањето на Берлин да се потпише договор за нешпионирање. Вашингтон едноставно не сака да престане со шпионирањето. Парадоксално, но американците по тоа прашање се доследни, а така не се создаваат пријатели.

Едно нешто останува јасно: моралните стандарди за тајните служби не важат. Но, тоа не значи дека политичарите се ослободени од одговорноста. Нивната задача е, сега повеќе од кога било порано, со висок степен на транспарентност да ја објаснат и оправдаат работата на тајните служби, која ја опишуваат како безбедносна. Јавноста и земјите-партнери имаат право на тоа. Доколку сѐ остане по старо, недовербата ќе продолжи да расте, како во земјата така и во странство. Недовербата води до отуѓување, а и едното и другото, на долг рок, и штетат на демократијата - во Германија, во САД, во Турција, секаде.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми