1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

БНД се однесува како НСА

Б. Георгиевски/дпа18 август 2014

Американската шпионажа во Германија беше предмет на осуда во сите медиуми. Откритието дека и Германија ги шпионира своите сојузници, сега го тера печатот да ја смени плочата. Оправдано ли е кога Германија шпионира?

Фотографија: picture-alliance/dpa

„Доколку на соработниците на разузнавачката служба БНД дополнително им ги врземе рацете и ги ограничиме нивните активности во странство, тоа би било во спротивност со нашите надворешно-политички и безбедносни интереси“, пишува „Тирингише ландесцајтунг“, откако се откри дека германската служба шпионира во Турција. „Да се собираат информации само по електронски пат би било неодговорно, особено кога станува збор за Турција. Бидејќи владата во Анкара му пружа поддршка на Хамас и неговата борба во Појасот Газа. Не треба да се заборави ниту на новата закана во регионот - Исламската држава“, наведува овој весник.

Во слична линија продолжува и „Зидвест пресе“: „Сознанието дека БНД го прави истото што и американската ЦИА не е вредно за уште една афера. Дури би можело да се каже и дека е охрабрувачки. Бидејќи задачата на агентите е да им обезбедат информации на политичарите, особено во доменот на надворешната политика, и да им овозможат пристап до информации од највисоко ниво. Во случај на пријателски земји и стабилни нации, доволно е прелистување на весниците. Во Турција состојбата е поинаква. За реална проценка на состојбата, потребни се автентични информации кои не можат да се најдат на киосците во Истанбул“.

И „Бадише цајтунг“ од Фрајбург го оправдува германското шпионирање во Турција. „Од безбедносна смисла активностите на германските агенти на Босфорот се разбирливи, бидејќи состојбата во таа земја-членка на НАТО, е сепак нестабилна. Од друга страна, сознанието кое стана предмет на медиумско известување им нанесува голема штета на надворешно-политичките односи, а германската влада е мета на жестоки критики. Обвинета е дека кон своите партнери не се однесува ништо подобро од САД“.

Критички тонови читаме во „Тагесцајтунг“: „БНД не е жртва на НСА. Напротив, германската тајна служба се обидува да ја имитира американската и поради тоа сега мора да се соочи со последиците. Сега веројатно повторно ќе дојде до оддалечување меѓу американската и германската тајна служба. Во фокусот се активностите на БНД и прашањето - кои се пријателите на Германија и до која мера се шпионираат? Падна во вода изјавата на канцеларката Меркел дека пријателите не се шпионираат. На крајот веројатно ќе излезе дека германската БНД интензивно ги шпионира и другите држави, а не само Турција!“

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми