1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Богатството неповратно истекува...

23 февруари 2010

Летно време суши, во зима поплави. Македонија се соочува со вакви непогоди зашто невешто ги менаџира водите. Експертите велат дека е неопходна изградба на инфраструктура, акумулации кои ќе го складираат вишокот на вода.

Потребно е менаџирање со водитеФотографија: picture-alliance/ ZB

Македонија нема стратегија за управување со водите, тврдат експертите кои ги анкетираше Дојче веле. Земјата е многу богата со вода, која, за да може најадекватно да се искористи, треба да се акумулира. Сега се троши непотребно, а водите не се ниту регионално, ниту временски правилно распоредени. Некои делови од земјата се соочуваат со недостиг на вода, во други подрачја има вишок. Лете има суши, во зима поплави.

Причината за тоа е отсуството на концепт за менаџирање на водите, тврдат експертите.

Потребна е институција за управување со водите

Јосиф Милевски, хидролог од Управата за хидрометеоролошки работи во разговорот за Дојче веле тврди дека на Македонија и‘ е неоходна Агенција која ќе управува со водите.

“Немаме инфраструктура, се соочуваме со многу вода, а имаме малку акумалации каде што можеме да ја зачуваме водата за тогаш кога ќе ни треба. Затоа неоходни се што побргу ’Чебрен’ и ’Галиште’, капацитети кои ќе ја смират Црна Река, ќе имаме подобра одбрана од поплави“, вели Милевски.

Високото ниво на Охридското Езеро можеше да се избегнеФотографија: DW

Милевски ги наведува примерите од соседството. Во сите земји во регионот управувањето со водите го врши еден центар-институција која се разликува само во името. Неговиот став го дели и професорот на Машинскиот факултет во Скопје, Атанаско Тунески. Тој за Дојче веле објаснува дека одговорноста за високото ниво на Охридското Езеро треба да се бара во компанијата „Електрани на Македонија“, која е надлежна за испустот на водата.

“Нивото на Охридското Езеро непотребно се држеше на високата горна кота. Наместо да има волумен што ќе ги прими водите од дождовите и снегот што се топи на Галичица, езерото скокна и се случија поплавите“.

Тунески препорачува да се изградат нови акупулации и тоа освен на реките Црна и Треска, смета дека е неоходен капацитет и на најголемата река во земјата, Вардар. “Крајна цел на државата е да се акумилира секоја капка вода“, вели Тунески.

Мешање на надлежностите

Хидролгот Милевски наведува примери кои покажуваат дека невешто се менаџира водата токму поради мешањето на надлежностите врз ова природно богатство. “Би го спомнал случајот ’Студенчица’, кога една сушна година ги покажа сите слабости на водните системи“.

Според податоците од последниот Светски форум за вода, Македонија според потрошувачката на вода во Европа се наоѓа на третото место. Потврда за нерационалното трошење дава статистиката. Летно време во Скопје дневната потрошувачка на вода достигнува до 470 литри по жител.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Жана Ацеска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми