Богоевски денеска сведочи за „аферата Телеком“
23 септември 2015 Поранешниот разузнувачки функционер Слободан Богоевски денеска пред Обвинителството за организиран криминал и корупција сведочи за случајот „Телеком“.
На почетокот на месецов во јавноста беше објавено сведочењето на Богоески пред американскиот суд во Њујорк каде се води процес против тројцата поранешни менаџери на „Маѓар Телеком“, Елек Штрауб, Андраш Балог и Тамаш Марваи. Во изјавата дадена за тужителот - Американската комисија за хартии од вредност (СЕК), Богоески зборува за корупцијата и поткупот кој бил исплатен од Маѓар Телеком и неговите консултанти на водечките македонски политичари во тој период од двете владејачки партии, СДСМ и ДУИ. Сведочењето на Богоески се смета за клучно за случајот кој СЕК го води против унгарските менаџери.
Зошто е објавено сведочењето на Богоески?
Сведочењето на Богоевски подигна голема прашина во Македонија. Се шпекулираше и за причините поради кои е тоа „токму сега “ објавено? Записникот од судското рочиште одржано на 24 август годинава во Њујорк, фрла малку повеќе светлина на тоа прашање. Имено, Судот одлучува да го отвори за јавност сведочењето на Богоески по завршувањето на истражната постапка и откако ни тужителот ниту одбраната на обвинетите не даваат забелешки на таквиот чекор. Дополнително, повеќе интересни детали се содржани во образложението на Американската комисија за хартии од вредност (СЕК). Од него произлегува дека една од клучните причини за одлуката е заминувањето на Сашо Мијалков од функцијата во ДБК.
„... Условите во Македонија се сменети откако Комисијата за хартии од вредност побара наредба за заштита. Сведокот стравуваше за својата безбедност додека беше на слобода, но сега е во затвор и веројатно во посигурно опкружување. Како резултат на последните политички случувања во Македонија одредени високи владини функционери се сменети од функцијата, вклучително и шефот на Државната безбедност, за кого сведокот стравуваше дека ќе сака да се одмазди поради неговото сведочење. Дополнително, сведокот и претходно информираше дека основата на неговото сведочење веќе протече во Македонија. Локалните адвокати на СЕК неодамна контактираа со Богоески, кој потврди дека сфаќа дека една од последиците од неговото сведочење коe се разгледува од Судот во оваа фаза е дека тоа ќе биде отворено и ставено на располагање на јавноста“.
Богоевски во моментов се наоѓа на издржување затворска казна во кумановскиот затвор. Осуден е поради корупција на двегодишна затворска казна во случајот „Агент“. Македонското Основно јавно обвинителство минатата недела, врз основа на „допрен глас“, потпирајќи се на сведочењето на Богоевски во САД, повторно отвори истрага за „случајот Телеком“. Богоевски веќе најави дека доколку биде повикан да даде исказ пред македонските обвинители ќе го повтори кажаното пред американските обвинители.