1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Религија

Божик во Витлеем

Тања Кремер
24 декември 2021

Прославата на Божик во родниот град на Исус е посебна и секогаш привлекува многу туристи. Но, исто како лани, и годинава поради короната прославата ќе биде поинаква за разлика од времињата пред пандемијата.

Bethlehem vor Weihnachten 2021
Фотографија: Tania Kraemer

Од далечина се слушаат гајди, труби и тапани. Рана квечерина е во Беит Сахур, мало гратче во близина на Витлеем, во окупираниот Западен брег. Млади палестински музичари од локалната извидничка група вежбаат на едно игралиште во овој претежно христијански град. „Годинава многу вежбавме. Нашите членови речиси секој ден го тренираа настапот за да бидат дел од парадата во рамки на божиќната прослава“, вели Дафер Касис, раководител на лутеранската верска заедница. Предводени од гајдаџиите, овде се вежбаат разни божиќни песни. Свирењето гајда е традиција која датира уште од времето на британската колонија од 1920 до 1948 година. На парадата мора секој чекор да е усогласен. Се вежба во патики и тренерки кои денеска, на Бадник, ќе бидат заменети со свечената извидничка униформа.

„Минатата година, како и секаде во светот, не можевме соодветно да го прославиме Божик. Поради тоа сега толку многу се радуваме и се надеваме дека годинава на 24 декември сè ќе оди според планот“, вели Касис. Тој објаснува дека минатата година неговата група се одлучила да не учествува во божиќната парада во Витлеем поради пандемијата.

Многу божиќни прослави во Витлеем

Палестинските извидници и нивните музички групи се составен дел од Божиќ во Витлеем. Прославите започнуваат на Бадник наутро, со процесија од различни музички групи на извидници од регионот. Се оди до колевката пред црквата на Христовото раѓање, местото на кое се верува дека се родил Исус. Таму се одржува и полноќната миса.

Во Витлеем Божик се слави неколкупати поради различните календари на христијанските цркви во Светата земја. Во родниот град на Исус првите божиќни прослави почнуваат на 24 декември. Ова е по Грегоријанскиот календар, по кој слават католичката и протестантката црква. Две недели подоцна се слави православниот Божик, по што следи и Божик на ерменската заедница. Божиќната сезона во Витлеем е долга и атмосферата во градот посебно свечена, но и годинава пандемијата ги засенува прославите. 

Проби во Витлеем пред Божик Фотографија: Tania Kraemer

Нови ограничувања поради Омикрон

Кампањата за вакцинација на палестинските територии се спроведува со засилено темпо, туристичкиот сектор се надеваше на профит, но варијантата Омикрон во Витлеем повторно им ги помати сметките. На 1 ноември Израел ги укина ограничувања за влез во земјата кои беа воведени уште во 2020, но за да се заштити од ширењето на новата варијанта на вирусот на почетокот од декември повторно ги затвори границите за странци. И тоа непосредно пред почетокот на еврејскиот празник Ханука и божиќното време во Витлеем. Само неколку туристички групи беа во посета на Светата земја пред воведувањето на овие ограничувања. 

„Луѓето овде се надеваа дека туристите повторно ќе се вратат“, вели младиот палестински фотограф Елијас Халаби загледувајќи се во високата божиќна елка на централниот плоштад.

Лани поради пандемијата прославите на Божик беа поинакви од вообичаено (Витлеем, 24.12.2020)Фотографија: Tania Kraemer

„Многумина се разочараа од новото ограничување за патување, но и покрај тоа овде имаме посебна божиќна атмосфера.“ Годинава барем немаше ограничувања за домашните посетители да присуствуваат на традиционалното палење на светилките на големата божиќна елка на почетокот од декември, со што се означува почетокот на божиќните прослави. Халали секоја година е овде во ова време за да ги овековечи овие посебни моменти со својата камера. „Можеби ја немаме секогаш најубавата елка, но ја имаме црквата на Христовото раѓање, поради што сме посебни“, вели низ насмевка Халали.

- повеќе: Божик, коронавирусот и загубата на физичка блискост

Сега се надеваат на посета од домашните туристи како и на христијани од појасот Газа за кои има влез со специјални дозволи. 2021 година беше тешка година за Витлеем и неговите жители кои претежно живеат од туризмот. „Навистина сите сме тешко погодени, од малите дуќани и занаетчии, до пансиони, но и големите хотели“, вели Махера Насар Гареб, раководителка на дневен центар за луѓе со интелектуална попреченост. Овој центар делумно се финансира со продажба на производи од филц кои ги прават младите штитеници на центарот – фигури на Св. Никола, колевка со Исус, јагниња, се меѓу најомилените ракотворби за Божик. „И покрај сѐ, сакаме да останеме оптимисти. Некогаш мора да му дојде крај и на вирусот“, се надева Гареб.

Вработени во дневниот центар Ма'ан лил Хајт изработуваат фигури на С. Никола за продажбаФотографија: Tania Kraemer

Реставрирана црква - мал број посетители

На само неколку улици од тука е црквата на Христовото раѓање. Таа со векови е отворена за посетители. „И покрај лошите вести за новиот сој на корона се надеваме дека ќе биде можно да се вратат аџиите и да слават заедно со локалното христијанско население“, вели кустосот Франческо Патон, врховен чувар на католичките објекти во светата земја. Црквата во изминатите десет години била темелно реставрирана, но заради пандемијата вообичаените гужви во ова време од годината сега ги нема. И во пештерата во која сребрен камен го означува местото на кое според преданијата е роден Исус, ги нема долгите редици луѓе.

- повеќеФотографија на денот: Ѕвездата од Витлеем

Надвор, елката и дрвената лулка се повторно омилен мотив за фотографирање, како за посетителите, така и за домашните. „Божик за мене е период за надеж, ако се остави на страна сѐ она што ни се случи со короната. Тука со години има толку многу проблеми”, вели фотографот Елијас Халаби и со тоа се осврнува на долгогодишниот конфликт помеѓу Израел и Палестинците, кој фрла сенка врз регионот. „Но и покрај сето тоа што се случува околу нас, секогаш одново е посебен настан палењето на светилките на елката, црквата на Христовото раѓање и моментот едноставно да си тука, во Витлеем. Тоа е толку неповторливо, што ни дава надеж и сигурност.“

Мирен и тивок Божик во Витлеем

01:05

This browser does not support the video element.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми