1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Божик, коронавирусот и загубата на физичка блискост

Мартин Муно
25 декември 2020

Годинава Божик се слави сосема поинаку, зашто ограничувањата воведени поради коронавирусот значат загуба на физичката блискост, смета Мартин Муно.

Deutschland BdT Renninger Krippe
Фотографија: Marijan Murat/dpa/picture alliance

 Кога околу 2,3 милијарди христијани ширум светот го слават Божик, тие се потсетуваат на раѓањето на еден човек. Апстрактен, енигматичен (можеби затоа толку често се претставува како постара личност по побелена коса), Бог пред повеќе од 2.000 години како дете дошол на свет или, како што стои во Јовановото евангелие: „И зборот стана тело и се насели меѓу нас." Значи, едно посебно раѓање. Местото на настанот – штала, била сѐ само не соодветна за Бог, но тоа е дел од логиката на приказна која брзо се запаметува.

И Божиќните празници во оваа 2020 година се посебни и за многумина неадекватни. Не само затоа што поради пандемијата на коронавирус не можеме да бидеме со оние кои ги сакаме или што поради локдаунот не можевме да купиме подароци. Празникот го славиме во заднината на  актуелното искуство спротивно на оживотворувањето кое Јован го опишува во Новиот тестамент. Тоа е длабоко вознемирувачко искуство на оддалечување од телесното и губење контрола, кое само делумно може да се опише со зборовите „социјална дистанца."

Осамен човек пред компјутерот

Од една страна имаме загуба на „социјалното тело". Ако погледнеме некоја видео снимка од времето пред коронавирус, на која луѓето се блиску еден до друг и се прегрнуваат, сега интинуитивно реагираме шокирано. „Што прават овие? Па тоа не е во ред!" За по момент подоцна да се сетиме дека оваа година е загубенонешто што со години сме го доживувале како нормално и во што сме уживале.

Заеднички телесни искуства

Заедничките телесни искуства како што се одење на стадион или концерт, барем засега се можни само преку сеќавањата – блискоста со другите луѓе моментно важи за потенцијална закана и на тоа, целосно оправдано, се гледа со резерва.

Секојдневните одења на работа ги замени осамена работа од дома. Без оглед дали станува збор за состанок или кратко муабетење во ходник, соживотот со другите се загуби во виртуелниот простор на видео конференции. Кај нив во прв план е ефикасноста, а не заедништвото. И притоа се губи многу од комуникацијата, зашто не останува многу од гестикулацијата и мимиката, ако главите на колегите се гледаат во мали прозорчиња.

Мартин Муно, автор на коментарот

Дигиталното вмрежување работата од канцеларија ја префрли на кујнската маса или било каде каде можеме да поставиме таблет-компјутер и имаме велан. Работата веќе не е врзана за одредено место и затоа за многумина, посебно за самците, станува вонвременска, без почеток и крај. Новиот, изолиран деловен свет така за последица има оддалечување од физички контакти. Тоа што го чувствуваме веќе не е блискост со колегите, туку првенствено болки во грбот.

Напатено тело на одделение за интензивна нега

И по работата размената е само виртуелна. Наместо видео конференции на ред тогаш доаѓаат Фејсбук, Инстаграм, Воцеп и други. Некако се вклопува во сликата што најпопуларните апликации за комуникации се собрани под еден корпоративен покрив. Емоционалните реакции се банализираат, како подигнат палец или срца или се си пробиваат пат во неконтролирани објави на омраза. Во текот на пандемијата социјалниот простор значително се промени: каде исчезнаа луѓето кои пееја од балкони и им аплаудираа на крајно оптоварениот медицински персонал?

А тука е и телото кое страда поради пандемијата. Слики на лица без свест кои лежат на одделенија за интензивна нега со цевчиња во белите дробови, борејќи се да преживеат, одамна станаа своевидна икона. И постои беспомошно тело кое не може да ги избегне вирусите зашто се наоѓа во сиромашни квартови, масовни сместувалишта и бегалски кампови. Или она кое умира во самотија.

Без оглед дали сме христијански верници или не: Божиќната приказна токму во текот на пандемијата јасно ни става на знаење дека сме телесни суштества на кои од раѓањето па натаму им се потребни внимание и наклоност. Или како што се изрази филозофот Џудит Батлер: „Животот ја надминува личноста, поединецот, во облиците на меѓусебна зависност, што сите би требало да го прифатиме, иако таа ситуација во овој момент може да изгледа заканувачки."

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми