1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Болници опасни по здравјето

14 јануари 2011

Во европските болници секоја година се заразуваат околу 4,1 милиони пациенти со бактерии кои се отпорни на повеќето антибиотици. Од нив, 31.000 пациенти умираат од бактериите кои ги добиле при лекувањето во болница.

Фотографија: dpa

Скандинавските земји воведоа тестови на мултирезистентни бактерии уште при приемот на болничко лекување и со помош на оваа мерка успеаја да го намалат процентот на инфекции со овој вид бактерии на само еден процент. За разлика од нив, во Германија, Франција и Полска, на пример, со овие подмолни бактерии се заразуваат дури 25% од сите пациенти во болниците. Во Шпанија или во Турција состојбата е уште полоша. Таму вакви бактерии добиваат и до 50% од сите пациенти.

Фотографија: picture-alliance/ dpa

Станува збор за бактерии од типот „стафилококус ауреус“, кои во обични услови се релативно безопасни, но се отпорни на повеќето видови антибиотици и при операции, на пример, можат да предизвикаат тешки инфекции. Во Германија тоа се случува секоја година со 35.000 пациенти.

Тестови при приемот во болница

За да ја одбегне или барем намали ваквата опасност, Универзитетската клиника во градот Есен воведе тестови на мултирезистентни бактерии веднаш при приемот во болница. Пациентот Хајнц Дитер Риблинг појаснува дека станува збор за куса и безболна процедура:

„Зедоа повеќе брисови, а потоа ме сместија во еднокреветна соба и ме лекуваат со креми и апчиња“, појаснува пациентот Хајнц Дитер Риблинг, кој требало да биде подложен на ампутација на нога поради дијабетес. Тој е еден од вкупно 500-те пациенти во Универзитетската клиника во Есен, кај кои годинава биле пронајдени мултирезистентни бактерии и затоа биле подложени на специјален третман пред операцијата:

„Сакаме да спречиме другите пациенти да ги добијат овие бактерии. Исто така сакаме да му дадеме можност на пациентот што ги носи да му се поправи здравјето. И конечна важна причина е заштитата на болничкиот персонал“, појаснува раководителот на секторот за хигиена во болницата во Есен, професор Валтер Поп.

Фотографија: picture-alliance / dpa

Финансиски ризици за болниците

Тој појаснува дека дури 80% од сите случаи на заразување со вакви бактерии се должат на фактот што пациентите ги донеле веќе со себе од некој претходен болнички престој. Преку ваквиот заштитен пристап болницата се штити не само од инфекции, туку и од финансиски штети. Пациентите кои ќе добијат вакви бактерии, имено, имаат право да ја тужат болницата од која излегле и да добијат отштета. Ако болницата не е во состојба да докаже дека пациентот ги имал бактериите уште претходно, тогаш таа мора да ја сноси и одговорноста, како во морална, така и во финансиска смисла. Затоа професорот Валтер Поп смета дека наскоро повеќето болници во Германија ќе го следат примерот на Универзитетската клиника од Есен и ќе го воведат тестирањето на пациентите на мултирезистентни бактерии веќе при приемот на лекување.

Автор: Алмут Хорстман/Горан Чутаноски

Редактор: Борис Георгиевски

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми