1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Болничките капацитети добри, монтажните болници ќe доцнат

23 септември 2020

Заради еден потпис, ќе доцни изградбата на 16 монтажни болници кои требаше да бидат подигнати до октомври.

Nordmazedonien | Coronavirus | Pandemie
Фотографија: DW/Petr Stojanovski

Влошувањето на состојбите со Ковид -19 во светот и регионот, го вклучува алармот кај националните власти за позасилени подготовки во справувањето со евентуално зголемен есенски бран на епидемијата. Македонските власти исто така ги анализираат бројките и состојбите и преземаат соодветни мерки, но една од најавените активности со сигурност ќе доцни: најавената изградба на 16 монтажни болници. Зошто се случи тоа? Уште во почетокот на јули, министерот за здравство, Венко Филипче, со поддршка на Заедницата на единиците на локални самоуправи (ЗЕЛС) одржа работен состанок со градоначалниците на повеќе општини, со цел да се подготви соодветен и навремен одговор на евентуалниот есенски бран на ковид-19 во земјава. Градоначалниците на 16 општини (Гевгелија, Куманово, Кавадарци, Струмица, Кичево, Дебар, Гостивар, Струга, Кочани, Охрид, Велес, Тетово, Штип, Битола, Ресен и Прилеп) го поддржаа предлогот на Министерството за здравство и на Комисијата за заразни болести за формирање регионални „Ковид-центри“ во нивните градови каде веќе постојат општи болници и здравствени домови. Целта беше преку дополнителни капацитети (изградба на монтажни болници) да се обезбеди соодветен третман и тријажа на пациенти позитивни или сомнителни на Ковид - 19, без притоа да се компромитира редовното работење на болниците и здравјето на другите пациенти. Според најавите, монтажните болници требаше да се градат со средства обезбедени преку заем од Светска банка.

Повеќе:

Филипче предупредува: Состојбата се влошува, доаѓа нов бран

Од крштевки на свадби, се шират кластерите на коронавирусот

Ковид-19 ги менува законите за основно и средно

С. Македонија: Што ќе се случи кога Ковид-19 ќе „се сретне“ со сезонскиот грип?

Средствата беа наменети за проекти во две министерства: за здравство, и за труд и социјална политика, најмногу за справување со последиците од корона-кризата. Иако кредитот во износ од 90 милиони евра беше одобрен од бордот на оваа меѓународна финансиска институција, тој не можеше да се реализира, бидејќи дополнителната заменик-министерка за финансии поставена од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Димитриеска-Кочоска, одби да го стави нејзиниот потпис за повлекување на средствата, со образложение дека сѐ уште нема добиено детален преглед за што ќе се искористат парите.

„Да ми ги дадеа сите пресметки и да ми кажеа која е намената на кредитот, би било смешно и апсурдно да не го потпишам. Зошто да не го потпишам кога е од полза на државата“, изјавуваше во јуни Димитриеска-Кочоска.

На крајот, случајот заврши со тоа што тогашната министерка за финансии, Нина Ангеловска, со писмо ја известила Светска банка дека кредитот ќе биде повлечен по завршувањето на изборите.

Допрва постапки за набавка и монтажа

Надлежните претходно се надеваа дека 16-те монтажни болници ќе бидат подигнати до октомври. Каква е состојбата сега? Според министерот за здравство, Венко Филипче, подготвките во СБ се завршени и сега треба да бидат распишани постапките за набавка и монтажа.

„Ако го почневме процесот навреме, ако немаше блокада, монтажните болници ќе беа подигнати до октомври. Но, сега не може да се предвиди кога би завршил тој процес“, вели министерот.

Од вкупната сума на кредитот (90 милиони евра), 34 се наменети за проекти на Министерството за здравство, а другиот дел за ресорот труд и социјална политика. Од средствата наменети за здравството, 9 милиони евра се за изградба и опремување на монтажните болници, за нивно снабдување со медицинска и немедицинска опрема, како и за ретроактивно финансирање на тоа што било потрошено досега. Во следната година 10 милиони евра ќе бидат наменети за ФЗОМ, а 15 милиони евра за опремување на други болници, за ИТ- надградба, реконструкции, подигање на вакцинални пунктови низ државата и за набавка на заштитна опрема, тестови и лекови за Ковид -19.

Во моментов, според министерот Филиче, здравствениот систем има доволно капацитети за хоспитализирање на заболени од Ковид-19. Клиниката за инфективни болести заедно со монтажната болница има капацитет од 180 болнички кревети, околу 150 има во ГОБ „Осми септември“, 60 во болницата во Козле и по околу 30 во инфективните одделенија во 16 општини, како и можност за реадаптација на тамошните болници. 

Свеста го чува здравјето

Но, она што најмногу може да ја намали потребата од болнички легла, и да го намали притисокот врз здравствениот систем од зголемена бројка на заболени, е свеста на граѓаните за заштита од Ковид-19. На овој аспект министерот за здравство се осврна и на вчерашната прес-конференција. 

„Свесни дека повеќе од сигурно ќе се соочиме со есенски бран, уште на почетокот на летото почнавме да го подготвуваме здравствениот систем - ги зголемивме капацитетите и бројот на здравствени работници, и го реорганизиравме системот. Но, системот не може без граѓаните и нивната поддршка. Да ги почитуваме мерките, да не дозволиме да се преполнат болниците. Непочитувањето на мерките исто така ќе значи оптоварени и изморени здравствени работници, кои поради големиот број на пациенти, нема да можат да пружат соодветната нега. Секој мора да ја разбере сериозноста на она што ни претстои. Непочитувањето на мерките ќе не одведе кон нови рестрикции, кон критична состојба во болниците, кон нова неизвесност. Тоа не смееме да го дозволиме, бидејќи ќе значи доведување во прашање и на економската стабилност на земјата, на работните места, егзистенцијата... Од нас зависи каква есен ќе имаме и како ќе го премостиме и овој бран“, рече министерот.

Од анализите на епидемиолошките анкети на новозаразените, тој посочи дека јасно може да се заклучи дека главната причина за зголемување на бројката се должи на непочитување на мерките и тоа пред се на семејни собири, прослави, свадби и слични настани, но и генерално опуштање на граѓаните. Филипче најави засилена контрола на актуелните мерките, и се надева дека тоа ќе даде резултат, за да не мора да се враќаат во сила некои рестриктивни мерки.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми