1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Болсонаро не сака од Макрон „колонијалистички совети“

ЖА
23 август 2019

Во областа на Амазон беснеат шумски пожари и ги загрозуваат белите дробови на Земјата. Бразилскиот претседател е разлутен што францускиот претседател сака да ја стави темата на претстојниот самит на Г7.

Brasilien Waldbrände
Фотографија: Reuters/A. Machado

Огромните пожари во амазонската област предизвикуваат меѓународни тензии. Бразилскиот ултрадесничарски претседател Жаир Болсонаро вчера го обвини францускиот претседател за „колонијалистички менталитет“, зашто Емануел Макрон планира пожарите да ги тематизира на самитот на Г7 во Бијариц. Болсонаро на Твитер остро го нападна Макрон што сака темата да се дискутира во отсуство на земјите од регионот на Амазон. Освен тоа, тој во потегот на Макрон гледа обид „внатрешните работи на Бразил и и другите земји од регионот да ги инструментализира и од тоа да извлече личен профит.“ „Сензационалистичко алчниот тон“ на Макрон не продонесува за решение на проблемот, напиша Болсонаро.

Францускиот претседател вчера шумските пожари во амазонската прашума ги нарече „меѓународна криза“. „Во пламен се „белите дробови на нашата планета“, напиша Макрон на Твитер, најавувајќи со останатите членови на Г7 на викенд во Бијариц да разговара за овој ургентен случај. Меѓутоа, Макрон притоа објави фотографија на шума во пламен која не е од сегашните пожари. Таа е направена од фотограф кој почина уште во 2003 година, а на социјалните мрежи курсираат бројни фотографии од поранешни пожари.

Општа загриженост

Катастрофалните пожари во прашумата во Амазонија предизвикаа загриженост во цел свет. Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш вчера изрази длабока грижа. „Во екот на глобална климатска криза не можеме да си дозволиме да претрпат штета едни од важните извори на кислород и да наштетат на тамошниот биодиверзитет“, изјави тој.

Точните размери на пожарите е тешко да се утврдат. Според бразилскиот Институт за вселенски истражувања, ИНПЕ, во цел Бразил во рок од 48 часа избувнале речиси 2.500 нови пожари. Со тоа, од почетокот на годината се веќе преку 75.000 пожари, што е зголемување од 84 проценти во споредба со претходната година. Главна причина е уништување на шумите заради создавање обработлива површина. Болсонаро, кој не верува во климатските промени, за пожарите напротив ги обвини организациите за заштита на природата. 

Движењето „Петоци за иднината“, иницирано од шведската климатска активистка Грета Тунберг, смета дека одговорност за пожарите носи и Болсонаро поради својата климатска политика. Неговата влада во амазонските прашуми гледа единствено „крава за молзење“. Под мотото „Спасете го Амазон“ движењето повика за денеска на демонстрации пред дипломатските преставништва на Бразилво цел свет.

Претседателот на Еквадор Ленин Морено во меѓувреме му понуди на Болсонаро да испрати пожарникари за сузбивање на огнената стихија.

     

     

     

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми