Бомбаш самоубиец ја срамни со земја мисијата на ОН во Нигерија
26 август 2011Голема експлозција го потресе денеска (26.08) седиштето на ОН во престолнината на Нигерија, Абуџа. Едно крило на зградата е срамнето со земја, најмалку 16 лица ги загубија животите, а повеќе од 60 се ранети. Болнички извори велат дека спасувачите се‘ уште вадат тела на загинати, па се претпоставува дека бројот на жртвите може драматично да порасне. Според првичните информации, бомбаш самоубиец со автомобил успеал да ги пробие двете сигурносни рампи на обезбедувањето на зградата, пред да се забие во неа и да го активира експлозивот.
„Видов распарчени тела... Многу луѓе загинаа“, изјави еден работник на УНИЦЕФ и додаде дека изгледало како експлозијата да се случила во подрумот и ја разнишала зградата.
Во зградата вообичаено работат околу 400 службеници на ОН во Нигерија. Портпаролот на ОН во земјата одби да го коментира случајот. Портпаролка на ОН во Женева изјави дека мисијата на светската организација во Абуџа била бомбардирана, но дека нема податоци за жртви.
Зградата на мисијата на ОН се наоѓа во дел од градот во кој се сместени и други дипломатски мисии, а на зградата е видлива огромна дупка. Портпарол на нигериската полицијата потврди дека се случила експлозија, но рече дека истрагата е во тек.
Никој засега не ја презеде одговорноста за нападот, но богатата со нафта Нигерија, веќе подолг период се соочува со разни терористички закани. Сомневањата се дека зад нападот стои исламистичката група Боко Харам.
Автор: БГ/ап/афп
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска