1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бомба во облик на крст

Самир Хусеиновиќ / Ивана Стојкова22 септември 2014

Спомен-крстот на местото на кое поранешните војници на војската на Република Српска убиваа цивили низ Сараево е „примитивна провокација на Милорад Додиќ“, тврдат аналитичарите. Се бара да не се зголемуваат тензиите.

Фотографија: Klix.ba

За време на војната Златиште беше едно од најсилните упоришта на поранешната војска на Република Српска (ВРС) на сараевското воено поле. Лојалните сили на обвинетиот од Хашкиот трибунал Радован Караџиќ во главниот град на БиХ, за време на четиригодишната опсада, убија околу 10.000 луѓе, од кои повеќето беа цивили. Многумина од нив се убиени со снајпери, токму од местото Златиште, каде вчера (21.09.) беше поставен спомен-крст во знак на сеќавање на повеќе од 6.500 убиени сараевски Срби.

Претседателот на „Сојузот на логорашите“ на Репулика Српска Бранислав Дукиќ вели дека сојузот го исполни даденото ветување за подигнување на спомен-крст во Златиште. „Го подигнавме спомен-крстот за да го гледа бог и да го гледаат и чуваат Србите“, рече Дукиќ во изјава за новинската агенција „СРНА“.

Приказната за подигнувањето на спомен-крстот е стара речиси шест години. „Сојузот на логорашите“ уште во 2008 година ја најави изградбата на крстот во Златиште по примерот на хрватскиот крст над Мостар. Замислата е крстот да биде висок 26, а широк 18 метри. Според тогашните објаснувања на Бранислав Дукиќ, требаше да ги има врежани имињата на 5.800 загинати, заробени или исчезнати српски војници и цивили.

Од Златиште за време на војната во БиХ делуваше артилеријата на поранешната војската на Република СрпскаФотографија: Klix.ba

Реакции на сараевчани: „Провокација и повик за војна“

Реакциите во Сараево се очекувани. „Ова е јасна провокација, а крстот е подигнат со намера да се започне војна“, вели еден граѓанин на Сараево. „Ова е само една од низата провокации, како изградбата на црква покрај муслиманските гробишта во Поточари. Веднаш би отишла да го срушам. Тоа е мислењето и на 90 отсто на граѓаните во Сараево, и тоа не само на Босанците, туку и на Србите и Хрватите“, вели граѓанка на Сараево.

Српските политичари од Република Српска, кои се огласија во врска со подигнувањето на импровизираниот спомен-крст во Златиште, го одобруваат овој чин, со напомена дека станува збор за „привремено решение“. Потсетуваат дека изградбата на вистински крст допрва претстои. Заменик-претседателот на Домот на народите во Парламентот на БиХ Сташа Кошарац кажа дека не го интересираат реакциите на Сараево, ниту пак реакциите на Канцеларијата на високиот претставник. „Тоа е нивен проблем“, вели Кошарац.

Канцеларијата на високиот претставник се огласи за соопштението во кое се истакнува дека „верските симболи не смеат да бидат користени за иницирање на меѓунационални тензии“. Од надлежните се очекува во најкраток можен рок да се погрижат за спроведување на сите законски прописи, со цел да не дојде до пораст на тензиите. Здруженијата и верските заедници би требало да работат на процесот на помирување, наведуваат од Канцеларијата на високиот претставник.

Кога ќе се спомене „Златиште“, кај многу сараевчани се будат сеќавањата на деновите од војнатаФотографија: picture-alliance/dpa

Крстот е подигнат без одобрение од властите во РС?

Со оглед на тоа што спомен-крстот е подигнат во екот на предизборната кампања, градоначалникот на Општината Источен Стар Град и член на Спрската демократска партија (СДС), Бојо Гашановиќ, изјави дека станува збор за политичка местенка на Сојузот на независните социјалдемократи (СНСД).

„Тоа го стори некој кој не е Србин. Ако сакаш да направиш такво нешто тогаш мора да се испочитуваат процедурите и протоколот. Треба владиката да дојде и да даде благослов, значи постои обичај, а не туку така, преку ноќ. Мене како градоначалник никој ништо не ме праша за тоа, а општината не дала никакви документи“, вели Гашановиќ, додавајќи дека начинот на кој крстот е поставен „не им доликува на Србите“.

Сараевскиот новинар Сенад Пеќанин верува дека поставувањето на спомен-крстот во Златиште е „примитивна провокација“ на Милорад Додик. „Мислам дека најдобар одговор на оваа провокација е предлогот на Младинскиот форум на нашата партија – да се постави минус на некое од брдата над Сараево, како потсетување на безобразната злоупотреба на воените страдања и варварскиот однос кон минатото. Идејата на нашата партија доаѓа од духовитиот одговор на еден граѓанин на Мостар, кој на прашањето што претставува џиновскиот крст над градот, тој одговорил: ’Тоа е еден голем плус за Мостар’. Поставуваењето на крстот над Сараево е доказ дека фашизмот не е мртов, а одговор од наша страна е дека ни сараевскиот дух не убиен“, вели Пеќанин за ДВ.

Главниот уредник на елктронскиот неделник „Спектар“, Властимир Мијовиќ, потенцира дека „крстот на срамот и провокација треба веднаш да биде тргнат од страна на Валентин Инзко (високиот претставник во БиХ, н.з.) и британските командоси (од составот на ЕУФОР, н.з.)“.

Властимир Мијовиќ: „Подбуцнувачите“ посакуваат да експлодира бомбата“

„Големиот бел крст, кој осамна над Сараево, на местото на кое пред две децении една злосторничка војска вршеше напади низ главниот град на БиХ, без разлика дали беа цивили или вооружани бранители, е главниот придонес на оваа земја на Меѓународниот ден на мирот (21.09). Додека го пишувам ова, крстот се’ уште не го срушиле, иако тоа го најавуваат. Но, тензијата е можеби и поголема од онаа на потписите во Дејтон, кога беше договорено да престанат вооружените конфликти во БиХ“, вели Мијовиќ, во коментарот на својот Фејсбук профил.

Фотографија: Klix.ba

„Верувам дека сараевчани по овој повод, одвај се воздржуваат, од друга страна, пак, сигурен сум дека многу политичари, посебно оние кои ги буцкаа градителите на крстот, кои го оправдуваат неговото поставување, потајно посакуваат таа темпирана бомба да експлодира. Меѓу другото, таа и е поставена со цел уште толку да го помати умот на луѓето. Таа бомба во облик на крст му е потребна на Милорад Додик, сега кога се ближат изборите на кои Србите би требало да го казнат за осумгодишното диктаторско владеење во РС“, потенцира меѓудругото уредникот на „Спектар“.

Властите на Источно Сараево претходно имаа одмерен став во однос на најавата за изградба на спомен-крстот во Златиште. Кажано беше дека при евентуалната изградба на спомен-обележјето на ова место да бидат консултирани сите релевантни фактори, вклучувајќи го и градот Сараево. Комисијата за државен имот на БиХ пред две години не го одобри подигнувањето на овој споменик. Високиот претставник во БиХ Валнетин Инзко побара преиспитување на одлуката од 2012 година, според која парцелата од државното земјиште од Златиште е одземена и доделена на локалните власти во РС.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми