1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бомбите како политички пораки до ДУИ

Свето Тоевски5 мај 2015

Детонирањето на екплозивната направа непосредно пред влезот во седиштето на ДУИ во Тетово е политичка порака до оваа партија дека треба да го понесе својот дел од одговорноста за кризата во државата

Фотографија: DW

До моментот на објавувањето на овој текст (05.05.2015) никој од раководството на оваа албанска партија – партнер на Никола Груевски и ВМРО ДПМНЕ во владината коалиција, се уште не се произнесол јавно со оценки за мотивите на овој безбедносен инцидент, ниту кој би можел да биде потенцијалниот сторител. Експлозивната направа, веројатно бомба „кашикара“ или рачна граната, според првичните информации од полицијата и обвинителството, но и имајќи ги предвид и сведочењата на стражарите од обезбедувањето пред партиското седиште, ја фрлиле завчера (03.05.2015) околу 22 часот две лица, внатре во дворот на објектот, движејќи се со голема брзина на моторцикл. Во тие моменти екслозивната направа ја зел еден од стражарите и ја исфрлил на улицата пред влезната врата. Од експлозијата која се случила веднаш потоа немало повредени лица. Но, била направена незначителна штета на асфалтот на улицата - кратер со дијаметар од 20 см и длабочина од десет сантиметри каде што се пронајдени повеќе траги кои се испитуваат. „Се преземаат активности за целосно обелоденување на околностите поврзани со експлозијата на направата и за пронаоѓање на сторителите" – соопшти локалната полиција.

Засега целосен молк во ДУИ околу инцидентот

Во текот на вчерашниот ден (04.05.2015) безмалку половина од партиското раководство се наоѓаа надвор од Македонија. Потпретседателот на Владата Муса Џафери и шефот на кабинетот на Ахмети Артан Груби се наоѓаа во службена посета во Брисел. Потпретседателот на ДУИ Изет Меџити, придружуван од пратеничката Ермира Мехмети и членот на партиското претседателство Фатмир Дехари, престојуваа во посета на Соединетите Американски Држави. Генералниот секретар на партијата Абдулаќим Адеми се наоѓаше во Косово на регионалната средба на министрите за образование. И покрај оваа нивна отсутност од земјата, Дојче веле се обиде вчера да добие изјава од Муса Џафери, Артан Груби и од партискиот портпарол Бујар Османи, поставувајќи им прашање по мобилен телефон преку смс – пораки: дали тие во експлозијата гледаат чин со некаква политичка заднина и со политички мотиви? Не успеавме да добиеме никакви одговори. Единствено, дел од медиумите на албански јазик во земјата пренесуваат најава на гласноговорникот Османи дека како партија ќе се огласат со соопштение, откако полицијата и другите надлежни државни органи и институции ќе ги соопштеле првите резултати од започнатата истрага. Во меѓувреме, се најавува и седница на Централното претседателство на ДУИ, но без официјално определување термин кога може да дојде до неа.

Политичка порака до ДУИ

Назми Малиќи, деканот на Факултетот за политички науки на ФОН универзитетот во Скопје, истакнува: „Оваа експлозија има своја политичка заднина – тоа претставува порака до ДУИ, но и не само до неа, дека таа и другите раководни партии, кои се одговорни за политиките во државата, не водат грижа за стабилноста на земјата, не обрнуваат внимание дека спроведуваат лоши политики, дека имаат пасивна комуникација и со народот и со своето партиско членство. Експлозијата пред седиштето на ДУИ е порака до неа како партија да се освести и да фрли поглед и на животот на луѓето, како тие опстојуваат во овој општествен момент.“

Раководството на ДУИ (архива)Фотографија: DW/S. Toevski

Насер Зибери, поранешен политичар и пратеник од редовите на Партијата за демократски просперитет, а сега политички аналитичар, вака гледа на активирањето екслозивна направа пред седиштето на ДУИ: „Овој инцидент воопшто не е случаен. Тој претставува сигнал, индикатор дека Македонија забрзано влегува во нова, многу турбулентна криза, како натамошен развој и натамошно влошување на политичката криза во земјата. Според мене, заземањето на караулата кај Гошинце, политичката криза и ова фрлање експлозивна направа е дел од настани во ист контекст, сето тоа индицира дека политичката криза веќе се претвора во безбедносна криза. Ако таа безбедносно – политичка криза не се разреши, ќе дојде до ескалирање и дестабилизирање на ситуацијата. Но, јас не мислам дека тоа ќе претставува меѓуетнички конфликт, туку многу повеќе ќе претставува излевање на гневот на граѓаните: гневот на граѓаните – Албанци кон албанските партии и гневот на граѓаните – Македонци кон македонските партии, кои ја сочинуваат владејачката коалиција. Екслозијата пред ДУИ ја ја сметам како порака до сите овие партии да седнат на заедничка маса, да отпочнат дефинитивно политички дијалог и да изнајдат решение за надминување на кризата во Македонија. Секако дека внатре во Демократската унија за интеграција има турбуленции, има разногласија, но, според мене, завчерашниот акт не е последица од тие внатрешно – партиски несогласувања, туку е многу повеќе дело на надворешни структури, кои со таквиот инцидент вршат политички притисок врз ДУИ да ја преземе улогата што треба да ја има во актуелнава политичка ситуација.“

Осман Кадриу, професор по уставено право и политички систем на ФОН универзитетот, го споделува ставот на нашите соговорници дека она што се случи пред седиштето на ДУИ е „чин со политичка заднина“. Во овој контекст Кадриу е категоричен: „Не сметам дека експлозијата беше нешто што некој го направил сам, спонтано, од свои лични причини, туку во тоа гледам настан со политичка заднина. Ова претставува упатување политичка порака до партијата на Ахмети, во смисла на потсетување дека и таа сноси дел од одговорноста за состојбата во која е западната Македонија. Нарачателите на фрлањето на експлозивната направа со тоа и ставија до знаење на ДУИ дека таа веќе има мотив да ја напушти Владата, оти треба да ја понесе и својата одговорност за случувањата во земјата.“

Новоформираната албанска партија „Беса“ преку својот портпарол Африм Гаши излезе со сличен став: „Како партија не ја исклучуваме можноста овој инцидент да претставува напад со политичка порака, да претставува нечија закана кон ДУИ, но, сепак, многу повеќе сме уверени дека тоа е само дел од сценаријата, кои самата ги применува владејачката коалиција, заради дефокусирање на вниманието на јавноста од политичката криза кон ете, вакви, наводни ’експлозии’. Случајот со караулата кај Гошинце, полициската акција и пребарувањата со потрага по оружје, ова детонирање експлозивна направа пред ДУИ, сето тоа се методи за заплашување на населението. Сето тоа се методи и инсценирања со цел да да се пренасочи вниманието на граѓаните од главните проблеми, поврзани со кризата. ’Беса’ ги повикува и ДУИ и сите други партии да седнат заедно и да воспостават политички дијалог, да се надмине кризата без инциденти, без насилство.“

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми