1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Бомби“ на Јутјуб ја подгреваат кризата -„продажба на името“

Катерина Блажевска22 февруари 2015

Во партијата на Бошкоски со индигнација ги отфрлаат таквите, како што велат, „местенки“ против него: „Ако го продавал името, зошто уште тогаш не го уапсиле за велепредавство?“

Фотографија: DW/K. Blazevska

Вонредна вест: Љубе Бошкоски го продавал името за пари. Тоа е пораката од „контра-бомбата“ активирана преку видео-снимки кои вчера беа објавени на Јутјуб, потоа веднаш преземени од провладините телевизии, а за нивно презентирање дел од нив организираа и вонредни вести, прекинувајќи ја редовната програма.
„Само да знаеш, грчката влада е воодушевена од тебе“. Со овие зборови започнува една од снимките, на која, непознато лице кое зборува со јасен грчки нагласок, со Бошкоски договара финансирање на изборната кампањата на неговата партија, Обединети за Македонија, за 70.000. Сумата не е прецизирана во конкретна валута. Бошкоски зема пари, за кои непознатото лице вели дека се 10.000. На една од видео-снимките стои датум 11.04. 2012.
Парламентарните изборите се одржаа на 5 јуни 2011 година, лидерот на Обединети за Македонија беше уапсен наредниот ден, на 6 јуни, заради нелегално финансирање на изборната кампања, а потоа и осуден за тоа дело.
Во наводниот разговор со непознатото лице, Бошковски, вели дека „сега ќе мора малку да глуми лудило“: „Јас ќе играм сега на патриотската (карта), и после ќе го решиме (името) во два дена, заедно со тебе!“ Соговорникот му сугерира дека „'Северна' е перфектно имe...“. Во натамошниот дел од разговорот Бошкоски објаснува во кои медиуми планира да ја рекламира неговата кампања.
Ќе го чуваме за утре-задутре!
Случајно или не, овие снимки уследија откако лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во четвртокот презентираше и разговор реализиран по апсењето на Бошкоски, на кои според него, се гласовите на министерката Гордана Јануловска и шефот на кабинетот на премиерот, Мартин Протоѓер.
„Дали ние можеме освен ова (апсењето) да го пуштиме муабетот?... Да кажеме што било. Дознава Канал 5, тоа и тоа. Да го продаде името, да направи ова...“, прашува Протоѓер, а Јанкулоска одговара: „Ај да го чуваме тоа за од утре-задутре, да ја напишам пријавата денес. Мораме денес да ја исфорсираме пријавата, за да нема простор за тензија, а тој кога ќе си влезе во Шутка, друг е муабетот кога веќе е внатре.“

Силно полициско обезбедување пред Владата при протеститеФотографија: DW/K. Blazevska

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ синоќа немаше коментар за објавените снимки, а во провладините медиуми доминираше прашањето: Кои се мотивите на СДСМ да го брани човекот што сакал да го продаде државното име?
Професорот Ѓорѓи Спасов смета дека со посебните истражни мерки (ПИМ) што ги користела полицијата во тој период, и траеле до завршувањето на изборите, биле слушани сите штабови на опозицијата, кандидати и лидери кои комуницирале со Бошкоски како лидер на опозициска партија.
„Затоа на Тито Петкоски не му беше дозволено како претседател на собраниската Комисија за контрола врз работата на УБК да направи увид во користењето на ПИМ во случајот со Бошковски“, потсетува Спасов.
Пред шест дена таканаречени „Македонски анонимуси“ преку видео на Јутјуб му се заканија на Зоран Заев со објавување на своја „бомба“: „Ние овие денови ќе објавиме работи кои лицето Зоран Заев и опозицијата сигурно ќе сакаат да ги скријат. Се е кај нас. Тик-так! Тик-так! Време е за правата вистина. Време е за целата вистина!“
Од МВР тогаш најавија тужби за медиумите кои најавите на овие „анонимуси“ ги поврзуваат со полицијата, дефинирајќи ги како нејзина „продолжена рака“.

Фотографија: DW/K. Blazevska

Срамни местенки
Во партијата на Бошкоски со индигнација ги отфрлаат таквите, како што велат, „местенки“. Ако го продавал името, зошто тогаш не го соопштиле тоа, туку после четири години и тоа на Јутјуб? Зошто не го уапсиле за велепредавство, ако било така“, прашуваат негови приврзаници. Тие и вчера во голем број присуствуваа на вториот ден од протестот пред Владата, организиран преку социјалните мрежи.
„Нема да молчиме на монтираните политички процеси и нема да потклекнеме пред владината пропаганда која со лаги сака да ги оправда своите валкани политики“, изјавија тие. Со бели листови на кои беше напишана пораката „Слобода ја Љубе“, ја облепија целата должина на заштитната ограда пред Владата.
На протестот повторно беа емитувани снимки од разговорите кои ги обелодени лидерот на опозицијата Зоран Заев. „Убијци! Нема правда, нема мир!“-извикуваа над стотина учесници во протестот од различни возрасти, националности и професии. Пред и околу зградата на Владата беа распоредни бројни полициски сили. Кордонот полиција и нивниот снимател кој ги снимаше учесниците во протестот, предизвика жестока реакција меѓу присутните.
„Оставка, оставка...“, ечеше од масата. Ритам „држеше“ граѓанскиот активист, Никола Наумоски, удирајќи врз рачно изработениот тапан, со ликот на премиерот.
„Зошто сум овде? Затоа што по снимките што ги презентираше опозицијата, уште појасно се соочив со фактот дека си имаме работа со режим - брутален, садистички, психопатски...Режим кој се радува и се сити на тажни човечки судбини, кој се гордее со тоа како негови двајца 'обезбедувачи' исфрлаат трето лице од животниот колосек. Ќе бидам овде, ќе бидам на овие протести, се‘ додека оваа агонија не заврши со оставки на сите што се инволвирани во срамните и брутални активности“, вели Наумоски.
Меѓу големиот број јавни личности присутни на протестот, беше и актерката, Силвија Стојановска. Видно вознемирана од емитуваните снимки, го искажа својот револт.
„Што да правиме? Масовно да бараме азил во друга земја, затоа што немаме држава. Затоа што мојата татковина веќе не ја чувствувам како моја. Гледаме дека крадат, гледаме дека сокриваат, гледаме дека прават местенки...“, рече Стојановска, критикувајќи ги оние што молчат пред таквите девијации.

Никола Наумоски: „Не можам да молчам“Фотографија: DW/K. Blazevska

Груевски кај Јункер
По ваквата размена на „бомби“, во наредните денови и натаму главно прашење ќе биде како да надвладее разумот, но и механизмите на правната држава, кои во Македонија се сметаат за урнисани. Неизвесно е и што ќе произлезе од посетата на премиерот Груевски, кој во четврток во Брисел ќе се сретне со првиот човек на Европската комисија, Жан -Клод Јункер.
Информацијата ја објави портпаролот на Комисијата, Маргаритис Схинас, објаснувајќи дека тоа ќе биде прва средба на Јункер со македонскиот премиер, откако тој го наследи Жозе Мануел Барозо. На прашањето кој ја иницира оваа средба, портпаролот Схинас рече дека нема одговор и дека средбата Груевски - Јункер е резултат на заеднички консултации.
Заеднички консултации и активности се неопходни и на домашен терен. По објавувањето на третата „бомба“, Лилјана Поповска, претседателка на владејачката ДОМ, ја потенцира неопходноста од паралелни процеси за решавање на политичката криза.
„Она што го чувме силно вознемирува, зашто не‘ засега сите. Ако се потврди автентичноста на снимките, тоа би била жестока илустрација на дефектите во нашиот судски систем. Оттука се поставува прашањето како правно ќе се разреши оваа политичка криза. Со оглед на нарушениот кредибилитет на судството, потребни се паралелни процеси во судот и во Парламентот преку анкетна комисија, по што ќе треба да следи и поединечна одговорност за секое лице што ја злоупотребило својата положба. Заради објективност, судските процеси треба да ги водат кредибилни судии, со исклучување на лица што се спомнати во негативен контекст“, сугерира Поповска.
Слични предлози деновиве се вртат и во дипломатски кругови.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми