Бонитетот на Кипар повторно намален
11 јануари 2013Оценката за бонитетот за Кипар од „Б3“ е намалена на „Цаа3“, соопшти рејтинг агенцијата „Мудис“ и укажа на проблемите во банкарскиот сектор на земјата, кој е упатен на државна помош, како и на растечките долгови на оваа средоземноморска земја.
Потребата на банките за ракапитализација, според проценките на „Мудис“ изнесуваат десет милијарди евра, што е повеќе од двојно од БДП на земјата. Според тоа состојбата со долговите на Кипар во 2013. година би можела да нарасне на 150 проценти од БДП, што би бил највисок долг во еврозоната.
Изгледите се негативни
Поради проблеми со ликвидноста, потребата за рекапитализација на банките и спорите преговори со Тројката (претставници на ЕК, ЕЦБ и ММФ) „Мудис“ ги оценува „негативно“ и изгледите на банката. Во изминатите десет месеци агенцијата го намали бонитетот на Кипар за вкупно девет оценки. Исто така и други големи рејтинг агенции ги намалија оценките за бонитетот на оваа земја.
Кипар се наоѓа во длабока економска криза. Малата островска држава, тесно поврзана со Грција во јуни 2012. година како четврта земја од евро-просторот побара финансиска помош од ЕУ и ММФ, откако банките во Кипар беа тешко погодени поради финансиската криза во Грција. Во моментов се дискутира за меѓународни кредити од околу 17 милијарди евра, од нив десет милијарди за поддршка на банкарскиот сектор. Подготвувајќи се за програмата за помош владата во Никозија веќе усвои мерки за штедење.
Меркел патува на состанокот на Европската народна партија
Должничката криза ќе биде и централна тема на средбата на конзервативната Европска народна партија, која денеска треба да се одржи во близина на кипарскиот пристанишен град Лимасол. На средбата се очекува и германската канцеларка Ангела Меркел. Средбата се смета и како поддршка за конзервативниот кипарски шеф на граѓанската партија Демократско обединување Никос Анастазијадис. Според анкетите тој е најизгледен кандидат за кипарските претседателски избори во февруари.
Во борбата за добивање кредит за помош од ЕУ Кипар се брани од критиката за своите банки и нивните врски со Русија. Министерот а финансии Васос Шиарли ги отфрла обвинувањата дека островската држава не ги почитува правилата на ЕУ за борба против перењето пари и сивата економија, поради значењето на руските инвеститори за финансискиот сектор. „Ние се придржуваме до правилата“, изјави тој по средбата со амбасадорите на ЕУ.