Борба за пазар или загадување на животната средина?
16 февруари 2013Власта во Славонски брод од време на време издава предупредувања до граѓаните да не излегуваат од своите домови поради преголема концентрација бензен во воздухот. Но, дали постои вистинска причина за паника или во игра се и некои други интереси, со оглед на тоа што рафинеријата во Босански брод (кој властите на Република Српска го нарекуваат само Брод) постоеше и пред 30 години и тогаш не му пречеше никому?
Угледниот хрватски економист Дамир Новотни вели дека не станува збор само за загадување, туку за интереси на фирмата МОЛ (активна на хрватскот пазар на нафта, н.з.) и преземањето на пазарот од страна на руски компании кои во рафинеријата лиферуваат сурова нафта. „Постои цела низа интереси кои се прекршуваат преку прашањето на модернизација на рафинеријата во Брод и нејзиното можно влијание на пазарот на нафтени деривати во Хрватска.“
Тие интереси засега не се толку значајни, но во перспектива се очекува комплетна реконструкција на бродската рафинерија, по што рафинериите во Сисак и Риека би се нашле во неповолна положба: „Зашто, едноставно нема да може да произведуваат производи кои рафинеријата во Брод ќе може да ги испорачува на хрватскиот пазар.“
Што се однесува до загадувањето, екологот Александар Кнежевиќ вели дека емисијата на штетни гасови зависи од низа фактори, меѓу кои и висината на оџаците, состојбата на покривите и резервоарите. Кнежевиќ вели дека постојат гранични врендости на емисија на штетни гасови, но и гранични вредности на загадување што се однесува до местото на населеност. Дали емисијата на штетни гасови била опасна по здравјето пред 30 години? Кнежевиќ одговара: „Тешко е да се рече опасна, но сигурно ги минувала граничните вредности на загаденост, зашто ние и тогаш во постоечката рафинерија утврдивме недостатоци. И тогаш имало прекумерно загадување.“
Војна за пазар
„Веројатно има загадување, но овде сепак на сцена е конкуренцијата и економската војна“, оценува економистот од Бања Лука, Алекса Милојевиќ.
Министерот за надворешна трговија и економски односи на БиХ, Мирко Шаровиќ, вели дека ќе се обиде да најде решение со колегите од Хрватска што побргу, но дека загадувањето на воздухот е во константно опаѓање. Според Шаровиќ, рафинеријата во последните три години вложила над 100 милиони евра во опрема за заштита на животната средина: „Не е предалеку ниту рафинеријата во Сисак и мерењата покажуваат дека и тие влијаат на загадување на воздухот.“
Хрватската страна е одлучна да покрене меѓународен спор доколку во догледно време не се реши прашањето на загадувањето. Во Република Српска уверуваат дека рафинеријата се обврзала до 2017 година да спроведе цела низа мерки за унапредување на технолошкиот процес, за да се намали емисијата на штетни гасови.