1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Препуштете им го местото на младите“

Мануела Каспер-Клериџ/превод:З. Јордановски17 април 2015

Борба за превласт меѓу двајцата челници на Фолксваген. Не е на повидок брз крај. На актуелниот спор Мануела Каспер - Клериџ од Економската редакција на ДВ гледа од свој агол.

Фотографија: Reuters/W. Rattay

Двајца постари господа кои веќе не можат да се разберат - зошто мора тоа да не интересира?

Едниот, Мартин Винтеркорн (на фотографијата горе), 67-годишен, е претседател на Управниот одбор на Фокксваген и најдобро платен менаџер во Германија со годишни примања од околу 16 милиони евра. Другиот, Фердинанд Пиех, 77-годишен, е наследник и внук на легендарниот градител на автомобили Фердинанд Порше и преку своето семејство еден од косоптвениците на Фолксваген. Обајцата доминантни, властољубиви. Долго време добро се разбираа и го направија Фолксваген еден од најуспешните автомобилски концерни на светот со продадени преку 10 милиони автомобили и обрт од 202 милијарди годишно.

Во прашање е иднината

Но, сега е во прашање вистинската стратегија, како и тоа, кој да го има последниот збор. Еден тежок, борбен косопственик, кој сака светскиот концерн Фолксваген да го води во стил на автократско семејно претпријатие, или еден успешен менаџер и надарен инженер на пензионерска возраст. Обајцата се симболи на успешната сторија на Фолксваген, концерн кому денес му припаѓаат претпријатија како Порше, Бугати, МАН или Сканија.

Мануела Каспер - КлериџФотографија: DW

Но, токму затоа што е во прашање иднината на Фолксваген, таа не смее да биде во рацете на постарите господа. Нивните најдобри времиња веќе се минато, а на Фолксваген веројатно допрва му претстојат. Сега работите мора да ги преземат младите, за да ја креират иднината на концернот. Фолксваген сака да ја симне Тојота од тронот и да стане најголем светски производител на автомобили. Целта е дофатливо блиску, но успехот не е сигурен. Нужни се нови идеи и динамични менаџери, кои ќе можат да предизвикаат воодушевување кај соработниците и кај муштериите; некое ново раководство кое суштински ќе ги проанализира поранешните грешки и уште не е заглавено во долгогодишни борби за превласт. Оти, досега никој во Фолксваген не се осмелува на двајцата постари господа јасно да им го каже своето мислење - а тоа е итно потребно.

Одете си во пензија

Ерата на Пиех и Винтеркорн е добро време за претпријатието, билансот на успехот е завиден. За само седум години добивката скокна од 6,4 на речиси 18 милијарди евра и се продадени повеќе автомобили од било кога.

Тоа е неспорно, но некои нешта беа погрешно напаравени. Пласманот на Фолксваген во САД доживеа пад, скапата фабрика во Чатануга не е доволно искористена, а Фолксваген се’ уште нема некоја евтина марка како другите производители на автомобили. Голема е зависноста на бизнисот од Кина, а токму таму тој покажува слабост. Фолксваген нема ни добар адут кога станува збор за електромобилност.

Како што се гледа, има многу работа и поради тоа сега мора младите да ја преземат. Се бараат нови идеи и нова динамика. Тоа го очекуваат и околу 600 000 вработени во Фолксваген. Двајцата постари кавгаџии би требале да одат во секако заслужената пензија.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми