1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Борба за превласт меѓу Ал Каеда и Исламска држава

Андреас Горжевски/ Ж.А.5 јули 2015

Исламска држава засилено и‘ прави конкуренција на Ал Каеда и во Тунис. Со помош на напади, како неодамна во Сус, двете организации врбуваат радикални приврзеници.

Фотографија: picture-alliance/ZUMA Press

Исламска држава незапирливо го шири својот терор и во Северна Африка. Кратко пред ужасниот напад извршен на плажата во тунискиот летувачки центар Сус во петокот, во кој загинаа 39 лица, поддржувачите на ИД презедоа одговорност за злосторството преку Твитер.

Тешко и речиси невозможно е да се провери дали оние кои ги влечеле конците се вистина приврзеници на ИД. Но, признанието покажува дека сега и во колевката на Арапската пролет се разгорува конкурентска борба меѓу џихадистичките групи. Некои од нив веќе и‘ објавија војна на владата во Тунис, уште пред водачот на ИД, Абу Бакр ал-Багдади пред една година да прогласи свој калифат во Сирија и во Ирак. Сега ИД се обидува, по Либија, да „фати корен“ и во Тунис.

Среде немирниот регион на Северна Африка, Тунис долго важеше за оаза на безбедност За разлика од големиот сосед Алжир, таму во 1990-те години немаше граѓанска војна меѓу армијата и исламистите. Исто така, наспроти Либија и Алжир, Тунис релативно успешно ги преживеа турбленциите на Арапската пролет од 2011 година. Во меѓувреме, 11-милионската земја има напреден устав. Но, сончевиот туристички рај има и друга страна.Многу региони се запоставени и сиромашни. Оттаму доаѓаат многумина од 3.000 Тунижани кои се борат за ИД во Сирија и во Ирак. Толку многу џихадисти не доаѓаат од ниедна друга арапска земја.

Реклама за нови приврзеници на ИД

ИД, и покрај многуте борци од Тунис, досега таму долго немаше база вредна за споменување. Но, според желбите на водството на ИД, тоасега треба да се промени. Организацијата во март ги повика „браќата“ да положат заклетва за верност кон калифатот на ИД, вели експертот за терор Ајман Џавад Ал-Тамими од тинк-тенкот Форум Среден Исток. Во повеќе држави од Африка џихадистичките групи се потчинија формално терористичката органозацијана Ал-Багдади. На почеток на јуни се приклучи и една група под име „Муџахедините од Тунис“ и прогласи провинција на ИД во Тунис, вели Ал-Тамими.

Терористичката група на Осама Бин Ладен, Ал Каеда, пак, е активна во Тунис уште од 2002 година. Своевремено групата ја презеде одговорноста за нападот на островот Џерба, во кој беа убиени 19 туристи, меѓу кои 14 беа Германци.Подоцна во Северна Африка настана сопствена „филијала“ на организацијата, под името „Ал Кеда во исламски Магреб“. Кон оваа група наводно припаѓа и „Бригадата Окба Ибн Нафаа“, наречена според муслимански војсководец од седмиот век. На сметка на оваа група одат повеќе напади врз војници и политичари. Експертите се сомневаат дека нејзино дело е и нападот врз музејот Бардо во престолнината Тунис. Во атентатот на 18 март 2015 година беа застрелани 20 туристи и еден полицаец, а една туристка подоцна подлегна на повредите.

Полициска акција по нападот во музејот Бардо во ТунисФотографија: AFP/Getty Images/F. Belaid

Ансар ал-Шариа и како добротворна организација

Многумина членови на „Бригадата Окба Ибн Нафаа“ потекнуваат веројатно од салафистичката група „Ансар Ал-Шариа“, чиј основач во Тунис беше АбуИјад. Тој војуваше во Авганистан и во Босна и Херцеговина. Абу Ијад наводно стои зад нападот врз американската амбасада во Тунис во 2012 година. Оттогаш е во бегство. Еден дел од неговите приврзеници се приклучиле кон ограноците на ИД во Либија. „Ансар Ал-Шариа“ освен тоа настапува и како добротворна организација, како што истакнува поранешниот австриски аташе за одбрана во Либија, Волфганг Пусцтаи. Со тоа групата треба да покаже дека се грижи за потребите на незаштитените.

Во Тунис се активни и други џихадистички групи. Во оваа сцена ИД се обидува да регрутира приврзеници, истакнува експертот на тероризам Ал-Тамими. Притоа, напади како оној во Сус се важно средство за испраќање сопствена порака и еден вид реклама.

Народно востание како цел

За експертот за Африка Пустцаи не игра голема улога кон која група припаѓа некој терорист. „Различните салафистичко-џихадистички групи ги сврзува заедничка идеологија и заедничка визија на фундаменталистичка исламска држава“, вели аналитичарот. Поинаку отколку во Либија, која е во распаѓање, туниските џихадисти меѓутоа се свесни за нереалистичноста на воена победа над државната власт. Нивната непосредна цел е етаблирање на гнезда на отпорот.

Тие, првенствено од тешко пристапниот планински регион Хамби, кој се наоѓа на границата со Алжир,се обидуваат да го прошират своето поле на влијание. Нивна долгорочна цел е, претоставува австрискиот експерт, да постигнат еден вид народен бунт. Тие тоа треба да го вршат постојани напади врз војската и летувалците. Ако одморалците изостанат поради континуираниот терор, ќе се влоши и онака тешката економска ситуација во земјата, гласи калкулацијата на терористите. Тоа повторно ќе им оди во прилог на екстремистичките групи, а на кои точно, не може да се предвиди.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми