Борба за сфери на влијание
14 јуни 2015Кина со своите активности во Јужното Кинеско Море ја загрозува стабилноста во регионот, критикуваше американскиот министер за одбрана Ештон Картер неодамна на еден собир во Сингапур. Кина тоа веднаш го отфрли.
Оваа вербална престрелка се однесува на архипелагот Спратли, кој се состои од околу 100 острови, а врз кој права полагаат и Филипини, Виетнам, Малезија, Тајван и Брунеи. Пекинг таму сега повеќе каменести острови ги зголемува со насипување земја и ги држи на дистанца рибарските и воените бродови на други земји. Според сателитските снимки, се чини дека таму настанува аеродромска писта долга 3000 метри, погодна за воени авиони. Заменик-шефот на генералштабот на кинеската армија Сун Џангуо рече дека тие активности не се само поради одбранбени потреби, туку и за Кина да може подобро да ги исполни своите „меѓународни обврски“, како на пример за спасувачки акции на море, заштита од катастрофи, истражување на морињата, набљудување на временските услови и еколошката заштита.
Спорни аспирации
Спорот за превласт во Јужното Кинеско Море е повеќедецениски. Кина има аспирации врз околу 90 проценти од подрачјето и тоа го засновува врз историски права - со векови кинески рибари се населувале на островите во тоа море. Освен тоа, Кина се повикува и на таканаречената „линија од девет црти“, која беше дефинирана во 1947 година од националистичката кинеска влада. Таа линија ги маркира областите преземени по капитулацијата на Јапонија, но меѓународно не е призната. „Дури и кога би претпоставиле дека е навистина дел од Кина секој остров во Јужното Кинеско Море врз кој таа полага право, ’линијата од девет црти‘ не би била во согласност со меѓународното право“, вели Мориц Рудолф од Институтот за кинески студии Меркатор во Берлин.
Нафта, гас и риби
И покрај тоа, Кина опстојува на своите аспирации, оти Јужното Кинеско Море, малку поголемо од Средоземното Море, е од огромно економско значење. „Таму има богати ловишта на риби, а се претпоставува и дека има подморско богатства“, вели Рудолф. Но, проценките многу се разијдуваат: кинеските научници проценуваат дека таму има резерви од преку 200 милијарди барели нафта и 900 билиони (илјади милијарди - н.з.) кубни метри гас, додека американските процени се само 11 милијарди барели нафта и 5,9 билиони кубни метри гас.
Но овде станува збор и за стратегиски трговски патишта. Преку Јужното Кинеско Море се одвива една третина од целокупниот светски бродски сообраќај. „Интересот на Кина за регионот е голем и поради тоа што околу 80 проценти од нејзиниот увоз на нафта проаѓаат низ него“, појаснува Рудолф.
Армиска „Бела книга“ за „активна одбрана“
Покрај економската, тука е и геостратегиската димензија. Кина сака од своето предворје да ја потисна хегемонијалната сила САД и истовремено да го јакне сопственото влијание. „Во последните години САД значително се зближија со Виетнам и Филипините“, вели Мориц Рудолф, експерт за Кина. Во таа борба за превласт обете страни нема да попуштат, уверен е Ши Јинхонг, политиколог од пекиншкиот универзитет: „Ситуацијата е севкупно блокирана. Но, обете страни колку што е можно ќе избегнуваат директни конфликти“.
Решителноста на Пекинг се покажува и во новата армиска „Бела книга“, што неодамна ја објави владата. И во тој документ Пекинг ги нагласува своите аспирации врз Јужното Кинеско Море и им префрлува на „некои соседни крајбрежни држави за провокативни дејствија и јакнење на нивното воено присуство на кинеските острови“, кои биле „илегално окупирани од тие земји“. Кинеската морнарица и воздухопловство ќе добијат поголема тежина кај „кативната одбрана“. За морнарицата тоа значи дека нејзините задачи се’ повеќе ќе бидат проширувани од одбрана на крајбрежните води“ и ќе содржат и „заштита на отворено море“. Соодветно на тоа, и воздухопловството сега од „одбрана на територијалниот воздушен простор“ ќе се концентрира „како врз одбрана, исто така и врз напад“.