Борбите за моќ во Турција продолжуваат
22 декември 2013Критичарите ја обвинуваат владата на премиерот Реџеп Таип Ердоган дека со разрешувањето на полициските службеници има намера да ја попречи истрагата за корупцискиот скандал, во кој би можел да биде вмешан и самиот премиер. Покрај синовите на министрите за внатрешни работи и за економија, Муамер Ѓулер и Зафер Чаглајан, за корупција, измами, илегална трговија на злато и присвојување на туѓ имот, се обвинети уште 14 лица, меѓу кои и директорот на турската државна „Халк банка“, Сулејман Аслан. Со најновите обвиненија, во рамки на антикорупциската акција, досега се обвинети вкупно 24 лица. Турскиот премиер Ердоган ја оцени вчера операцијата како „заговор“.
По вчерашното покренување на обвинение против синовите на министрите разрешени од должноста беа уште 25 полициски началници од различни оддели на итанбулската полиција. Претходно 11 началници на оддели на полицијата во Истанбул ги загубија функциите, а директорот на истанбулската полиција Хусеин Чакпан беше исто така разрешен, а на негово место е назначен валијата на округот Аксарај, Селами Алтанок. Промени во раководниот состав на полицијата имаше и во други места во Турција.
Во Турција на истрагата за корупција и натаму се гледа како на напад на турскиот исламски свештеник Фетнулах Ѓулен, кој живее во САД, врз владата на Ердоган. На Ѓулен, кој е поренешен политички соработник на Ердоган, му се припишува големо влијание врз полицијата и правосудството. Двајцата имаа поддршка посебно од конзервативните исламски верници. Многу приврзаници на Ѓулен сепак сметаат дека тој е застапник на еден помодерен и позападно ориентиран ислам.
Меѓу моќното движење на Ѓулен - Хизмет, кое има милиони членови ширум светот, и приврзениците на Ердоган со недели наназад ескалира конфликт кој прави поделба во исламистичкиот табор во земјата.
Ѓулен, кој пребега во САД откако против него беше покренато обвинение во Турција, ја отфрли сета одговорност за рациите на полицијата во рамките на истрагата за корупција.