1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Борисов: Да преговараме со разум, а не со емоции

ДТЗ
16 март 2021

Бугарскиот премиер Борисов на аеродромот во Софија имаше средба со македонскиот министер за надворешни работи Османи, на која порачал дека сите противречности мора да бидат решени.

Bulgarien/Nord-Mazedonien Der mazedonische Außenminister Bujar Osmani trifft den bulgarischen Premierminister Bojko Borissov in Sofia
Фотографија: Ministry for Foreign Affairs of North Macedonia

Бугарија ја смирува топката во преговорите со С. Македонија. Бугарскиот премиер Бојко Борисов изутринава на аеродромот во Софија имаше средба со македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи, на која порачал дека сите противречности меѓу двете земји мора да бидат решени. „Следните генерации нема да ни простат ако ја испуштиме оваа голема можност“, изјавил Борисов.

Ненајавена средба

Средбата помеѓу Османи и Борисов не беше најавена. Османи изутринава замина во работна посета на Швајцарија и Шпанија, додека Борисов на Фејсбук објави дека е на пат кон Виена, кадешто ќе разговара со австрискиот канцелар Себастијан Курц и со премиерите на Чешка, Летонија, Словенија и Хрватска околу фер дистрибуцијата на вакцините против Ковид-19, врз основа на процентот на популација во секоја земја-членка на ЕУ. 

На средбата на софискиот аеродром, како што пренесуваат бугарските медиуми, Борисов ја потврдил принципиелната поддршка за европска интеграција на С. Македонија, со исполнување на соодветни услови.

„Значи, и вие и ние треба да се подготвиме за преговори со разум, а не со емоции. Геостратешката цел на Бугарија е за ова прашање да најдеме политичка волја – и ние и вие“, потенцирал Борисов пред Бујар Османи. Детали од средбата пренесе бугарската агенција БГНЕС, според која Борисов истакнал дека двете земји мора да го следат патот на дипломатијата и разбирањето.

-повеќе на темата: Студена војна меѓу Бугарија и Македонија

„Хероите кои загинаа за слобода не можат да бидат предмет што ги дели нашите народи. Затоа што нивниот сон беше да бидат заедно и затоа ги дадоа своите животи. Значи, тие треба да бидат мост на пријателството, а не на поделба“, го цитира владината прес-служба Борисов.

Бојко Борисов ја истакнал потребата од исполнување на сите обврски преземени според Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, потпишан во 2017 година. За време на состанокот на Борисов со Османи, биле разгледани и билатералните односи, европската перспектива на С. Македонија и предизвиците што ги носи пандемијата на Ковид-19. Борисов испратил посебна честитка до премиерот Зоран Заев и претседателот Стево Пендаровски.

-повеќе на тематаСкопје-Софија: недоверба и стеротипи за длабока држава

Шефот на македонската дипломатија сподели фотографии од средбата на социјалните мрежи, наведувајќи дека е потребно да се остваруваат чести средби. „Дефиниција за соседство: да се сретнувавме одеднаш и често, а сепак секогаш со пријателски пристап и многу теми за кои треба да разговараме“, напиша Османи на Твитер. 


Бугарија лани во декември стави вето на преговарачката рамка на Македонија и ЕУ, повикувајќи се на тоа дека Скопје не го исполнува Договорот за добрососедство. Во меѓувреме се разгореа препукувањата помеѓу двете страни околу македонскиот идентитет и јазик.

-повеќе на темата: Бугарско вето во ЕУ: Има ли надеж за пробив?

Министерот Османи вчера на прес-конференција изјави дека решавањето на спорните прашања со соседна Бугарија не се издигнати како услов на Европската Унија за започнување на преговори за членство.Тој вели дека инсистирањето на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји ова прашање да се реши побрзо доаѓа поради фактот што, како што рече, сите одлуки во Унијата се носат со консензус и оти се додека нема согласност од Бугарија процесот на преговори не може да почне.

„Политиките за проширување во Европскиот совет се носат со консензус и доколку нема согласност на една од 27-те земји членки процесот не може да се движи напред. Така што, сѐ додека Република Бугарија не даде согласност за усвојување на преговарачката рамка и одржување на меѓувладината конференција, тоа значи дека нема консензус и не може да се движиме напред. Претпоставувам дека во тој контекст е поставено прашањето со Бугарија, не како услов на ЕУ, бидејќи 26 земји членки беа за текстот на преговарачката рамка изминативе месеци и за почнување преговори во декември, единствено против беше Република Бугарија“, рече Османи.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми