1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Борисов ослободен, Петков обвинува за саботажа

ЕМФ | агенции
19 март 2022

Бугарскиот премиер Кирил Петков го критикува ослободувањето на Бојко Борисов од притвор и на Обвинителството му префрла саботажа на борбата против корупцијата.

Bulgarien Bojko Borissow Haftentlassung
Фотографија: BGNES

Премиерот на Бугарија, Кирил Петков, кој најави „нула толеранција“ за корупцијата, доцна вчеравечер (18.03), по ослободувањето на Бојко Борисов од притвор, изјави дека од страна на Обвинителството е направена „апсолутна саботажа“. Не постои независно Обвинителство, критикува Петков и најавува дека и натаму ќе се бори за Бугарија да стане „слободна и нормална европска земја“. „Нема веќе недопирливи“, рече премиерот.

Обвинителството ги отфрла обвинувањата. Портпаролка на Обвинителството изјави дека за отворање истражна постапка немало доволно докази. Тоа може да се промени, доколку се соберат повеќе докази, рече портпаролката Десислава Петрова.

Поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов беше ослободен од притвор 24 часа по неговото апсење. По излегувањето од полициската централа во Софија, тој коментираше дека „нема обвинувања“ и дека апсењето било „брутално и грозно“.

Протест против апсењето на Борисов пред парламентот во Софија - поддржувачите носеа маици со натпис: „Му верувам само на овој човек“Фотографија: Valentina Petrova/AP Photo/picture alliance

Борисов беше уапсен поради сомневања за проневера на средства од ЕУ. Според министерот за финансии Асен Василев, Борисов е осомничен за земање мито од магнат со игри на среќа во замена за поврат на данок. Двајцата членови на партијата на Борисов, кои беа исто така уапсени во четвртокот - екс министерот за финансии Владислав Горанов и поранешната советничка за медиуми на Борисов, Севдалина Арнаудова, се исто така ослободени од притвор.

- повеќе: Апсењето на Борисов и големата опасност за кабинетот на Петков

Апсењето на Борисов се случи во рамките на опширна полициска акција, по наредба од Министерството за внатрешни работи. Акцијата не била договорена со Обвинителството поради „итност“. Се вели дека на тој начин Владата сакала да го заобиколи главниот обвинител Иван Гешев, кому постојано му се префрла дека ги затвора очите пред корупцијата.

- повеќе: На балканскиот начин, потребен му е европски зачин

Акцијата се случи еден ден по посетата на шефицата на Европското јавно обвинителство, Лаура Ковеши, на Софија. Таа ја подвлече „одлучноста“ на новата влада во борбата против корупцијата и нагласи дека е време бугарските власти да соработуваат со јавното обвинителство на ЕУ во решавањето на „особено чувствителните случаи“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми