Борис Џонсон: „Не“ за референдум за независност на Шкотска
ЖА / агенции
14 декември 2019
Британскиот премиер Борис Џонсон ја отфрли можноста за одржување нов референдум за независност на Шкотска. Тој ги повика Британците на меѓусебно помирување и сплотување.
Реклама
Џонсон, како што соопштија вчера попладне од неговиот кабинет, на шкотската премиерка Никола Старџен ѝ порачал дека мора да го почитува резултатот од одржаното народно изјаснување во 2014. година. Тогаш Шкотите се изјаснија против независност од останатиот дел на Обединетото Кралство. Шкотската национална партија на Старџен се залага за останување во Европската унија, наспроти Џонсон, кој планира што побрзо спроведување на Брегзит. На завчерашните парламентарни избори Шкотската национална партија, слично како и Ториевците на британскиот премиер, забележа пораст на освоените гласови. Веднаш по објавувањето на изборните резултати, шкотската премиерка изјави дека планира одржување втор референдум за независност.
„Можеби Борис Џонсон има мандат да ја изведе Велика Британија од ЕУ, но нема мандат да ја извади Шкотска од ЕУ. Шкотска мора сама да одлучи за својата судбина“, изјави таа за ТВ Скај.
Премиерот Борис Џонсон пак по првичната еуфорија од убедливата изборна победа на неговата партија, ги повика Британците на постигнување единство.
„Го молам секого од вас да подвлече линија и да биде спремен на помирување“, изјави Џонсон, имајќи ја во вид жестоката поларизирачка дебата за излез на Велика Британија од ЕУ, која општеството во последните две години го подели на два речиси непомирливи табора. Џонсон истовремено го потврди своето ветување да ја изведе земјата од ЕУ до крајот на јануари.
Првите луѓе на ЕУ од своја страна побараа од британскиот премиер да се погрижи што е можно побрзо за јасност околу Брегзит, но истакнувајќи дека нема да има билатерален трговски договор по секоја цена.
Џонсон сега треба да се погрижи за тоа новоизбраниот Долен дом на парламентот да го одобри неговиот договор постигнат со ЕУ за Брегзит, што со оглед на комотното мнозинство не би требало да му биде проблем. Кога зелено светло за договорот ќе даде и Европскиот парламент, може да се очекува Велика Британија на 31. јануари во регулиран процес да ја напушти ЕУ. Потоа почнува преодна фаза до крајот на 2020 година, во која треба да се постигне спогодба за идните односи меѓу Велика Британија и ЕУ.
Германската канцеларка Ангела Меркел очекува тешки преговори со оглед на кратките рокови.
Американскиот претседател Доналд Трамп пак смета дека изборната победа на Борис Џонсон значи интензивирање на трговските односи со САД.
Брегзит или не: Зошто ѝ покрај тоа ги сакаме Британците
Британскиот парламент го отвори договорот за Брегзит на премиерката Меј. Сега сѐ поизвесен е „болен развод“ со ЕУ. Според многу Европејци, тоа е целосно непотребно. Изјава на љубов до Британците во десет слики.
Фотографија: Getty Images/Stuart C. Wilson/Universal Pictures Home Entertainment
Го сакаме кралското семејство!
Никој не седел толку долго на престолот, како кралицата Елизабета Втора. Од 1952 година таа е кралица на Британците и се залага за дисциплина, стабилност и традиција. Вообичаено два чекора зад неа, големата љубов на нејзиниот живот: сопругот, принцот Филип. Оваа година таа го слави својот 93-ти роденден, а тој има 98 години.
Фотографија: Getty Images/AFP/B. Stansall
Сакаме поп музика од Велика Британија
Тие се едноставно легендарни - Ролинг Стоунс: Мик Џегер, Чарли Вотс, Кит Ричардс и Рон Вуд. На 24 март 2016 година, култниот бенд имаше концерт во Хавана, Куба, испишувајќи музичка историја.
Тауер бриџ во Лондон: од 1894 година, мостот во центарот на британскиот главен град е едно од најпрочуените знаменитости на метрополата. Лондон е една од најпопуларните туристички дестинации во Европа, со повеќе од 30 милиони туристи годишно.
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Büttner
Ги сакаме хероите од нивните книги
Авантурите на ученикот за волшебник Хари Потер од Џоан К. Роулинг воодушевуваат деца ширум светот. На сликата е прикажан Хари Потер, кој го игра Даниел Редклиф, во својата втора година на обука во Хогвортс, на училиштето за магии и волшебништво.
Фотографија: picture-alliance/dpa/dpa-Film Warner
Ги сакаме убавите британски модели
Наоми Кемпбел е клучен дел од меѓународниот моден бизнис околу три децении. Родена во Лондон, таа беше првиот црномурест модел кој се појави на насловната страна на францускиот Вог и ѝ припаѓаше на генерацијата на супермодели во 1990-тите.
Фотографија: DW
Го сакаме британскиот хумор
Ретко кој ги растегнува мускулите за смеење толку многу како Роуан Аткинсон, алијас Мистер Бин. Истоимената серија-комедија беше оригинално прикажувана од 1989 до 1995 година и ужива култен статус.
Фотографија: Getty Images/Stuart C. Wilson/Universal Pictures Home Entertainment
Ги сакаме нивните извонредни градини и паркови
Градините Кју во југозападниот дел на британскиот главен град Лондон се меѓу најстарите ботанички градини во светот. Британците се познати по „зелениот палец" и се сметаат за специјалисти за косење трева. Никој во Европа нема толку убави градини и паркови како Британците.
Фотографија: Reuters/T. Melville
Го сакаме нивниот стил
Не станува збор за брзина, туку за елеганција и класа. Пример за тоа се култните автомобили од Велика Британија, како што е Ролс-Ројс. Иако брендот оттогаш е купен од страна на Германците, тој останува британски класик.
Фотографија: imago/Felix Jason
Го сакаме нивниот чуден вкус
Кога станува збор за кулинарството, со сигурност има други европски земји кои се во предност. Но, ако Британците останат со нас во ЕУ, нема да се жалиме на пивото без пена и јагнето со сос од нане. Ветуваме!
Фотографија: Styko
Ја сакаме нивната традиција
Дури од нив научивме колку убаво може да биде панорамското разгледување. Црвените двокатни автобуси во Лондон се повеќе од само превозно средство. Тие сѐ уште се клучен белег на британската метропола на Темза.