Борусија Дортмунд -„германската ФЦ Барселона“
23 април 2012Борусија Дортмунд е фудбалски првак на Германија- тоа е „хит за едно лето“, еднократно фудбалско чудо. Така веројатно веруваа многу навивачи на рекордерот по титули во Бундеслигата-Бајерн Минхен во летото минатата година. А почетокот на сезоната 2011/2012 година дополнително им го зацврсти таквото уверување. Бранителот на тирулата по летната пауза делуваше исцрпено, од ентузијазмот и леснотијата со која Борусија Дортмунд ги освојуваше срцата во сезоната 2010/2011 немаше ни трага ни глас. Бајерн од другастрана суверено ја одработуваше својата програма, повремено дури и сензационално. Се чинеше дека прашањето на шампионот сезонава е само формалност. Но потоа работите се свртеа наопаку. Додека Бајерн паѓаше во криза, Борусија успеа да направи серија каква што Бундеслигата досега не видела- во 26 натпревари по ред екипата на тренерот Јирген Клоп остана непоразена и две кола пред крајот на првенството ја обезбеди втората шампионска титула по ред.
Модерен, атрактивен, напаѓачки фудбал
Тоа не е никакво чудо, туку резултат на долгогодишен концепт кој се изроди од нужда. Кога Борусија во 2005. година поради финансиските проблеми стоеше на работ на бездната, клубот беше принуден да се ориентира на млади а со самото тоа и ефтини таленти. Скромност- беше мотото по кое се водеше клубот- и спортски и финансиски. Тренерот Јирген Клоп кој во 2008. годинаод Мајнц прејде во Дортмунд имаше време да направи хомогена екипа. Денес неговите играчи на теренот се разбираат „на слепо“ и совршено ја спроведуваат во дело филозофијата на брзи додавања на Клоп.
Борусија така по начинот на игра и по клупската филозофија се’ повеќе наликува на „германска ФЦ Барселона“ иако таа споредба е можеби претерана со оглед дека клубот од Дортмунд во своите редови го нема Лионел Меси. Но сите други состојки од успешниот рецепт се тука: млади играчи кои под водство на харизматичен тренер се сраснати во целина и имаат усвоено концепт на модерен, атрактивен, напаѓачки фудбал. Минхенски Бајерн во таа германско-шпанска споредба изгледа повеќе како мадридски Реал: полн со ѕвезди, успешен, но ретко заводлив.