1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Босна е решение за Западен Балкан

4 септември 2009

Мировниот активист Здравко Марјановиќ, „војводински Босанец и босански Војвоѓанец“, е еден од двата овогодишни добитници на Ахенската мировна награда. Другиот добитник е театарската група „Берлинска компанија“.

Здравко МарјановиќФотографија: picture alliance/dpa

Ахенската мировна награда (Ахенер Фриденспрајс) се доделува на Антивоениот ден, 1 септември. Таа ја промовира идејата за дијалог и разбирање меѓу народите и луѓето, односно поттикнува изградба на меѓусебна доверба.

„Јас сум едноставно човек кој се грижи за мирот и соживотот на сите луѓе во цел свет, а посебно во моето опкружување.“ Со овие зборови, мировниот активист Здравко Марјановиќ се опишува себеси. Во исто време, со тоа и ја опишува суштината на својот антивоен ангажман. Од самиот почеток на процесот на распаѓањето на поранешна Југославија и првите најави за злото кое се спрема, овој, како што сам за себе вели, „босански Војвоѓанец и војводински Босанец“, активно се спротивставувал на тие настојувања. Роден 1941 година, во селото Крња Јела, крај босанскиот град Петровац, како дете за време на колонизацијата по војната, дошол во Бачка Паланка, во Војводина.

Рамнодушност и апатија во ангажирањето за мирот

Овогодинешните добитници на Ахенската мировна наградаФотографија: picture alliance/dpa

Тука, во 1988 година, бил сведок на т.н. „јогурт-револуција" која го означила почетокот на распадот на Југославија, а нешто подоцна под неговиот прозорец поминувале тенковите на Југословенската народна армија на патот кон хрватските и босанските боишта.

„Едноставно одев на терасата во станот и не можев мирно да го гледам сето тоа што се случуваше, морав да проговорам. Со група луѓе, бевме некаде 9-10 души, тргнавме јавно да се спротивставиме на војната. Нормално и дека имавме проблеми поради тоа, но секогаш мора да се смета и на проблеми."

Во 1994 година, Марјановиќ го основа „Друштвото за толеранција“, во времето кога во Војводина радикалите на Шешељ и четниците ги претепувале неистомислениците, а една година подоцна го основа и весникот „Толеранција“. Меѓутоа, она што најмногу го погодило за време на војната, не биле непријателството и нападите на националистите и шовинистите, туку рамнодушноста, т.н. „мнозинство кое молчи“ околу него.

„Повеќе од 80 отсто од луѓето кои видоа што правиме, беа тотално незаинтересирани. Се плашам дека и денес е така, тотална апатија. Многу малку луѓе се ангажираат за воспоставување на мирот, и тоа е она што мошне ме загрижува.“

Страв ако Босна не опстане како држава

Работа концентрирана на младитеФотографија: picture alliance/dpa

Токму поради тоа, по поеќегодишен ангажман на различни мировни проекти и проекти за враќање на раселените, денес, работата на Марјановиќ е концентрирана на младите: заедно со соработниците, тој се обидува да ги натера младите да размислуваат за утрешниот живот, да се ангажираат за да не се повтори тоа што ја снајде постарата генерација. „Друштво за толеранција“ организира меѓународни средби на млади луѓе, како и младинска размена меѓу Србија и Германија „Тие деца не чувствуваат омраза. Тие деца се едноставно среќни да видат некои нови луѓе и кога правиме евалуација, секогаш им е желба да запознаат нови луѓе и нешто ново“, истакнува Марјановиќ.

Тој знае дека едно од залагањата за иднината е соочувањето со минатото и неговото надминување. Поради тоа, заедно со мировните групи од Хрватска и Босна и Херцеговина, ја основал и регионалната мрежа „Форум мост на пријателства“, која се залага за надминување на минатото, воспоставување на мирот и испорачување на воените злосторници.

Срцевината на политичкото решение за состојбата на Западен Балкан, според него, е во Босна и Херцеговина: „Ако Босна и Херцеговина опстане како држава, јас мислам дека таа е иднината на Балканот. Ако тоа не се случи, не знам што се‘ ќе ни‘ се случи нам на Балканот, мислам дека сите опции се можни и затоа ми е страв.“

Автор: Зоран Арбутина / Ана Алибегова

Редактор: Жана Ацеска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми