1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Босна и Херцеговина во улога на колатерална штета

11 ноември 2011

Како непостојана членка на Советот за безбедност на ОН, БиХ може да биде колатерална штета на конфронтациите околу палестинското барање за прием во светската организација, тврдат аналитичарите.

БиХ може да го заврши мандатот во Советот за безбедност со неуспехФотографија: dapd

Изборот на БиХ за непостојана членка на Советот за безбедност на ОН, кон крајот на 2009-та година, властите го претставија како голем успех на босанската дипломатија и шанса оваа земја да се профилира на меѓународен план како фактор на стабилност. Меѓутоа, на крајот на мандатот во Советот за безбедност Босна и Херцеговина, според мислењето на босанските аналитичари, дојде во непријатна позиција да се определи за или против палестинското барање за прием во полноправно членство во светската организација.

„Каква било одлука да донесе, Босна и Херцеговина на крајот би можела да биде колатерална штета на конфронтациите околу палестинското барање“, зборува за Дојче веле поранешниот босански дипломат Хајрудин Сомун. „БиХ, која како непостојана членка на Советот за безбедност на ОН доби шанса да го искаже својот идентитет на некој начин, го завршува тој мандат со неуспех“, забележува Сомун.

Претседателот на Палестинците Махмуд Абас при предавањето на барањето за членство во ОНФотографија: dapd

Воздржаноста е најдобар избор

„Без оглед дали ќе го поддржи или одбие палестинското барање во ОН, БиХ ќе се замери со пријателите. Односите со САД, како и со некои европски сојузници, се исто толку важни за БиХ, колку и односите со исламскиот свет, односно арапските земји. Малите земји како што е БиХ или ослободителните движења, секогаш зависат од актуелните светски сили“, нагласува Сомун.

Сомун потсетува дека САД придонеле за завршување на војната во БиХ, додека исламските земји материјално и финансиски ја помагале БиХ, иако нивниот глас не бил одлучувачки во моментот на потпишувањето на Дејтонскиот договор. Аналитичарите тврдат дека и денес БиХ зависи од волјата на големите сили, пред се’ САД и ЕУ. Исто така, тие сметаат дека не треба да се занемарат потенцијалите на исламскиот свет.

Демонстрации на Палестинците во Западниот брег со поддршка за барањетоФотографија: dapd

Директорот на бањалучкиот Центар за меѓународни односи, Милош Шолаја смета дека БиХ е во чувствителна позиција и дека воздржаноста би била најдобар избор, бидејќи ниту внатре во БиХ нема согласност околу палестинското барање.

„Властите од Република Српска не го поддржуваат палестинското барање, а САД поздравуваат таков став. Од друга страна, поради позицијата на Организацијата на исламската конференција и добрите врски со исламскиот свет, Федерацијата БиХ со задоволство би го поддржала палестинското барање, така што тој баланс покажува дека е најдобро да се биде воздржан“, вели Шолаја.

Без договор во Претседателството на БиХ

Празна столица за идните претставници на Палестина во ОНФотографија: picture alliance/dpa

Одлуката за тоа како БиХ да гласа во Советот за безбедност ја носат со консензус членовите на државното Претседателство. Бакир Изетбеговиќ, кој во четвртокот (10.11.) ги прими во Сараево амбасадорите на Организацијата на исламската конференција, смета дека приемот на Палестина во Светската организација би го забрзал мировниот процес на Блискиот исток. Небојша Радмановиќ е против палестинското барање, додека претседавачот Жељко Комшиќ се’ уште се нема изјаснето во врска со ова прашање.

Според непотврдени информации, Палестинците би можеле да се повлечат од обидот да добијат полноправно членство во ОН и да се свртат кон резервната опција – унапредување на статусот во светската организација (статусот на набљудувач). Аналитичарите сметаат дека тоа ќе го ослабне притисокот врз Босна и Херцеговина, чиј мандат како непостојана членка во Советот за безбедност на ОН истекува на почетокот од 2012-та година.

Автор: Самир Хусеиновиќ/ Александар Методијев

Редактор: Горан Чутаноски

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми