1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Босна и Херцеговина меѓу Ердоган и Ѓулен

Самир Хусеиновиќ/сн19 август 2016

По обидот за пуч во Турција, во Босна и Херцеговина се интензивира расправата за судирот на релација Ердоган-Ѓулен. Во фокусот се образовните институции „Босна Сема“, кои се поврзуваат со движењето на Фетула Ѓулен.

Фотографија: klix.ba

За раздорот меѓу имамот Мухамед Фетула Ѓулен со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во јавноста во Босна и Херцеговина не се зборуваше многу, сѐ до неуспешниот воен преврат во Турција. Кога Ердоган за обидот за државен удар го обвини Ѓулен и неговото движење Хизмет (прев. служење), одделни критичари на ова движење и симпатизерите на Ердоган во БиХ се сетија дека во земјата делуваат образовните институции „Босна Сема“ кои многумина ги поврзуваат со лидерот на Хизмет. Медиумите пренесуваат дека Хизмет денес располага со „стотина факултети“ и „илјадници училишта“ и други образовни институции во повеќе земји во светот. Под контрола на луѓе блиски на Ѓулен, наводно, се и образовните институции „Босна Сема“ кои во БиХ делуваат во согласност со важечките закони.

Кој е Фетула Ѓулен и каков интерес има овој турски имам кој од 1999. година се наоѓа во „самонаметнат егзил“ во САД? Наводно, Фетула Ѓулен од САД управува со царството училишта, универзитети и бизнис компании кои делуваат во рамки на Хизмет. Ѓулен на Запад го претставуваат како поборник на „умерен ислам“, определен за меѓурелигиски дијалог. „Неговата интерпретација на исламот, инспирирана од суфијската традиција, е наметната како најприфатлива за западните интереси. Во академските и политичките центри на Запад се сугерира неа би требало да ја следат и арапските, земјите од средна Азија и муслиманските заедници во Европа, Америка и Австралија“, пишува за Ал Џезира истражувачот на современите исламски движења Осман Софтиќ.

Фотографија: klix.ba/Bosna Sema

„Ѓуленовата организација делува заговорнички“

По обидот за воен удар во Турција, одделни аналитичари зборуваа дека и БиХ повторно страда поради несогласувањата меѓу Исток и Запад. Како би требало оваа држава, посебно босанско-херцеговските муслимани, да се постават во однос на конфликтот помеѓу Ѓулен и Ердоган? На ова прашање за ДВ одговара босанскиот академик, професор по арапска книжевност и и филологија, д-р. Есад Дураковиќ: „Според она што јас го знам, организацијата на Ѓулен делува заговарнички, значи не делува легитимно, јавно и транспарентно. Во организациите кои делуваат на таков начин немам никаква доверба. БиХ веќе некое време, особено по војната, е изложена на премрежување на разни „Ѓуленовци“, секти, муслимански фракции итн. Тука се селефиите, тука се Ѓуленовците, тука се т.н. Ахмедии, има многу и шиитски организации, но тие делуваат поперфидно, пософистицирано. БиХ станува бојно поле на тие разни секти. Апсолутно сум уверен дека муслиманите во БиХ имаат долго и многу позитивно искуство во толеранција и соживот во Европа со другите и поинаквите и, како исламолог и арабист, убеден сум оти сите овие кои ги набројав би требало од традиционалниот босанско-хецеговски, односно бошњачки ислам, да учат како човек може да биде муслиман, а притоа да биде Европеец, толерантен и транспарентен. Значи, тие би требало да учат од нас, а не ние од нив.“

Ердогановата „безусловна“ поддршка за Босна и Херцеговина

Одделни критичари истакнуваат оти и меѓу босанско-хецеговските муслимани има такви кои, поради недостаток на поенергична западна поддршка за суверенитетот и интегритетот на БиХ, со одобрување гледаат на политиката на Ердоган кон БиХ. Поранешниот босански дипломат и прв амбасадор на БиХ во Турција, Хајрудин Сомун, вели дека дел од бошњачката политика, а не толку од јавноста, со симпатии гледа на Ердогановата власт. „Верувам дека, поради западната неодлучност во поглед на она што го прави претседателот на Република Српска, Милорад Додик, и одреден број босанско-хецеговски муслимани имаат разбирање за политиката на Ердоган кога тој тврди оти ја поддржува цела и суверена БиХ“, вели Сомун за ДВ.

А изгледа дека таа приврзаност кон Ердоган ја одразува и официјалната бошњачка политика. Претседавачот на Претседателството на БиХ и лидер на Партијата за демократска акција (СДА) Бакир Изетбеговиќ изјави: „Турција е пријател на БиХ, не само на Бошњаците во неа. Кога се во прашање образовните и другите институции и поединци во БиХ кои се поврзани со организацијата на Фетула Ѓулен, одамна сме предупредени на опасноста која може да дојде од нив. По подмолниот обид за воен удар во Турција, логично е да се прашаме зошто е ФЕТО ( кратенка за Фетулова терористичка организација, како што турските власти го нарекуваат движењето на Ѓулен) присутен во БиХ, зошто троши пари и време во оваа земја? Кои се крајните цели? Несебична, братска грижа за исламот и за нашите деца? Навистина? Овие прашања треба себе си да си ги постави државата, но пред сѐ родителите. Попаметно е да се учи на туѓи отколку на сопстени грешки“.

Фотографија: Getty Images/E. Ortac

На сметка на институциите „Босна Сема“ се изнесени и приговори кои се однесуваат на „интернатскиот карактер“ и „строгите“ правила до кои учениците, наводно, мораат да се придржуваат. Тие казнувања, судејќи според сѐ, би требало да ги потврдат тезите за „тајни дружења“ и негување на култот на личноста на Фетула Ѓулен, поради што Хизмет во некои кругови е споредуван и со католичката организација Опус Деи. Таквите сведоштва меѓутоа, немаа поголем одек во јавноста во БиХ. По неуспешниот воен удар во Турција, институциите „Босна Сема“ повторно се најдоа на удар на критики, поради што оваа организација се огласи и со посебно соопштение. „Нашата работа како босанско-хецеговска образовна институција се доведува во врска со случувањата во Турција што нема никаква правна ни суштинска основа и што категорички го отфрламе како невистина и злонамерност. „Босна Сема“ е „во приватна сопственост“, се наведува на интернет страницата на институцијата. За време на работењето во БиХ, „Босна Сема“ основаше 15 институции во Сараево, Бихаќ, Тузла, Зеница и Мостар. Основана е во 1998. година и функционира со согласност со законот и регулативата на надлежносто министерство во БиХ.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми