1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Босна: Прво ме протера војната, а сега водата

Ралф Борхард (ард) / Александра Трајковска19 мај 2014

Повеќе од еден милион луѓе на Балканот се погодени од поплавите. Кога водата целосно ќе се повлече на виделина ќе излезат катастрофалните последици од природната непогода. Голем број граѓани ги загубија домовите.

Фотографија: Reuters/Dado Ruvic

Маглај е град со 25.000 жители во северна Босна. Кој останал овде се обидува да спаси што може да се спаси. Откако реката Босна поплави речиси сѐ, владее хаос и очај: „Состојбата е многу тешка“, вели Ениса Ѓаниќ. „Сѐ беше под вода - мојот стан, мојата мала продавница, автомобилот - сѐ. Пред 20 години како бегалец од војната тука дојдов од Добој. Сѐ што имав тогаш беше уништено. И сега повторно. Не знам како натаму“.

Златан Латифовиќ, кој е израснат во Германија, исто така вели: „Во Маглај состојбата е лоша, ништо не функционира. Страшно е, немаме вода, немаме ништо тука. Сѐ е поплавено“.

„Катастрофално е, ова е поплава на столетието“

На прашањето што сѐ загубил, Златан Латифовиќ вели: „Како може тоа да се пресмета? Целиот долен кат на куќата го нема. Значи сѐ е потопено, сѐ може да се фрли. Целата електроинсталација. Катастрофално е, ова е поплава на столетието. Хуманитарна помош доаѓа, но мора да биде координирана“. И тој информира дека има грабежи: „Сите земаат по нешто“, вели тој и дополнува: „Луѓето крадат, што да ви кажам“.

Фотографија: DW/Dragan Maksimovic

Босна е една од најсиромашните земји во Европа, еден милион луѓе се погодени од поплавите, повеќе од една четвртина од жителите на земјата. Водостојот на многу места во Босна и во Србија полека се намалува, но и натаму демнат опасности. Од една страна, поради лизгање на земјиштето, во планинските предели се заканува уништување на куќи поради тоа што земјата е многу омекната. Властите исто така предупредија од ширење на заразни болести, а тука е и проблемот со мините, кои поплавите ги изместија. И во Маглај жителите во калта на опустошените имоти веќе најдоа неексплодирани мини.

„Обреновац веќе не постои“

Во Србија, градот Обреновац, кој се наоѓа непосредно пред Белград, е најсилно погоден од поплавите. Тука беа пронајдени дванаесет жртви. „Обреновац веќе не постои“, со треперлив глас вели една жена, која навреме можеше да избега од поплавата.

Крај Обреновац се наоѓа и најголемата термоцентрала на Србија, „Никола Тесла“, која исто така е погодена од поплавите и сега може само делумно да работи. Затоа владата во Белград уште повеќе е загрижена за втората голема термоцентрала, Костолац, поради заканата за излевање на реката Млава.

Властите во Србија и во Босна очекуваат зголемување на бројот на жртвите. Српскиот премиер Александар Вучиќ се заблагодари за досега пружената помош од Србија, од соседите, од Русија и голем број ЕУ-држави. Истовремено, тој побара натамошна хуманитарна помош, како вода за пиење, храна за деца, пелени, облека, лекови и средства за дезинфекција.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми