Брадатата Кончита ја доби европската музичка круна
11 мај 2014Гламурозната и контроверзна Кончита Вурст со песната „Rise like a Phoenix“ и‘ ја донесе првата победа на Австрија на „Изборот за песна на Евровизија“ по 1966 година. Зад Австрија на Евросонгот, што се одржа синоќа во данскиот главен град Копенхаген, се пласираа Холандија и Шведска. Кончита Вурст (25), чие вистинско име е Том Нојвирт, покрај со својот глас и песна, вниманието го привлече со својот несекојдневен имиџ - елегантен фустан и брада.
Нојвирт истакнува: намерата со неговата креација на ликот Кончита му е на светот да му покаже дека секој може да прави она што сака, се‘ додека не му наштетува на друг: „Се работи за човекови права. Со својот живот можеш да правиш што сакаш, конечно секој го има само еден единствен“. Кончита својот триумф во Копенхаген го толкува како победа на толеранцијата во Европа.
Пред финалната вечер во Белорусија, Ерменија и Русија се појавија петиции со барање да се скрати настапот на трансвеститот Нојвирт при емитувањето на преносот во овие земји. Но, Кончита успеа да собере поени во речиси сите земји - од Русија, каде долго претседателот Владимир Путин води борба против хомосексуалците, таа доби пет бода, само два помалку отколку во толерантната Германија.
Инаку, и овој пат, политиката не го одмина Евросонгот, па така при настапот на руските претставнички, близначките Анастасија и Марија Толмачови можеа да се слушаат извици „уаа“. Истите извици се слушаа и при секое доделување поени на Русија за време на гласањето.
Германија го освои 18. место со полка-поп песната „Is It Right" од Елаиза. Женското трио во март успеа да победи на изборот за германски претставник, иако беше речиси непознато.
Финалето на музичкиот спектакл го следеа преку телевизиските екрани од 120 до 180 милиони гледачи во целиот свет.