1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бразил ја отфрли помошта од Г7 за Амазонија

СН /дпа,афп,ртр
27 август 2019

Поради пожарите во Амазонија, самитот на Г7 му понуди на Бразил итна помош од 18 милиони евра. Владата во Бразилија учтиво се заблагодари и истовремено отсечно ја отфрли понудата.

Brasilien Waldbrände Löschflugzeug
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/Brazil Ministry of Defense

Оникс Лоренцони, шеф на кабинетот на бразилскиот претседател Жаир Болсонаро, за информативниот портал „Г1“ изјави дека ветените милиони помош од седумте најголеми западни индустриски нации треба да бидат искористени за пошумување на шумите во Европа. Претседателскиот кабинет на новинската агенција АП ѝ го потврди одбивањето на итната помош од самитот на Г7.

Државите од Г7 обезбедија 20 милиони долари (еквивалентно на 18 милиони евра) итна помош за Бразил,  со оглед на катастрофалните пожари во дождовните шуми на Амазонија. Со овие средства требаше да се финансираат првенствено авиони за гаснење пожари, изјави францускиот претседател Емануел Макрон во понеделникот на самитот на водечките индустриски земји во јужнофранцускиот приморски центар на Бијариц. Освен тоа, требаше да се поттикнат проекти за пошумување. Разговори на оваа тема се предвидени во рамките на Генералното собрание на ООН во септември.

Бразилскиот министер за животна средина Рикардо Салеш првично ја поздрави поддршката на Г7, но истовремено јасно стави до знаење дека самата влада сака да утврди како ќе ги користи парите од помошта. „Бразилскиот народ и бразилската влада одлучуваат како ќе се користат средствата“, рече Салеш во Сао Паоло.

Фотографија: Getty Images/AFP/L. Alves

Јасно одбивање

Потоа шефот на кабинетот на Болсонаро, Лоренцони, јасно го отфрли предлогот на Г7: Бразил се заблагодарува за понудената помош, рече тој за „Г1“. „Но, можеби би било поважно со средствата повторно да се пошуми Европа“. Во истовреме тој го повика Макрон повеќе да се грижи за проблемите „дома“ и во француските „колонии“.

Повеќе:

-Болсонаро не сака од Макрон „колонијалистички совети“ за пожарите

-Општ револт поради Болсонаро- но што потоа?

-Амазонија - регион важен за целиот свет

Бразилската влада во последните неколку денови постојано остро го напаѓаше Макрон, бидејќи францускиот претседател ги стави шумските пожари во Амазонија на агендата на самитот на Г7. Болсонаро го обвини Макрон за „колонијалистички менталитет“, за „инструментализација“ на шумски пожари во Амазон и за „сензационалистички тон“. Ултрадесничарскиот политичар дури не се воздржуваше и од сексистички напади врз сопругата на Макрон, Брижит.

Молиме, без мешање!

Болсонаро изрази револт и поради тоа што државите на Г7 , според негово мислење, се мешаат во внатрешните работи на Бразил. „Не можеме да прифатиме претседателот Макрон да врши несоодветни напади врз Амазонија и да ги крие своите намери зад 'Алијансата  на државите на Г7  за  спас на Амазонија', како да сме колонија или ничија земја“, напиша шефот на државата на Твитер .

Сателитска снимка на НАСА од пожарите во АмазонијаФотографија: NASA

Сѐ повеќе пожари

Бидејќи дождовните шуми од регионот на Амазон можат да врзат големи количества на јаглерод диоксид (СО2), тие се од клучно значење за глобалната клима. Во Бразил, во моментов беснеат најтешките шумски пожари со години. Од јануари, бројот на пожари и операциите за гаснење пожари во најголемата земја во Јужна Америка пораснал за 78 проценти на повеќе од 80.000 пожари во однос на истиот период во минатата година, покажуваат најновите бројки на бразилската вселенска агенција ИНПЕ. Во повеќето случаи, погодено е приватно земјиште, но исто така и во природните резерви и на земјиштето на домородното население секогаш одново избувнуваат пожари.

Еколозите и домородните групи го обвинуваат претседателот Болсонаро дека создал општествена клима во која земјоделците, дрварите и копачите на злато се охрабруваат да продолжат да ги уништуваат шумите. Според извештаите на медиумите, земјоделците во државата Пара организирале „Ден на огнот“ и запалиле огромни шумски области. „Постои сомневање за оркестрирана акција и постои сомневање дека ова е планирано долго време“, рече генералната јавна обвинителка Ракел Доџ. Таа покрена кривични истраги против осомничените подметнувачи на пожари. Во меѓувреме, локалното здружение на земјоделци негира какво било координирано подметнување на пожари во регионот. „Никој не сака пожари што би можеле да излезат од контрола, тоа е лошо за сите“, рече претседателот на задружението во местото Ново Прогресо, Агаменон да Силва Менезес.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми