Брамерц ја завршува посетата на Белград
23 мај 2012Главниот обвинител на Хашкиот трибунал Серж Брамерц спроти поднесувањето на редовниот извештај пред Советот за безбедност за соработката на Србија со трибуналот, изјави дека тој ќе биде негативен само во делот на јатаците на хашките обвинети.
„Многу е значајно да дознаеме дали лицата кои им помагале на бегалците доаѓале од јавните институции или тоа биле членови на нивните семејства“, рече Брамерц по средбата со претставниците на српското обвинителство за воени злосторства. „Не дојдов да давам лоши критики. Задоволен сум бидејќи минатата година се уапсени последните двајца бегалци, како и од соработката со претседателот на Националниот совет за соработка со Хашкиот трибунал и обвинителот за воени злосторства, но темата за мрежата соработници нема да помине едноставно“, изјави Брамерц во Белград.
Главниот обвинител на Хашкиот трибунал денеска заминува за Бриони каде ќе биде одржан регионален состанок на обвинители на кој ќе биде разгледано прашањето за соработка со Судот.