Братислава е најбучниот град во Европа
20 март 2011
Стариот и кородиран трамвај вози во правец на главната градска железничка станица. Главната сообраќајница во центарот на градот е најгласната улица во овој европски град. Степенот на јачина овде ја поминува границата на дозволеното: „Овде измеривме 80 децибели. Тоа е голама јачина, исто како да работите со пневматска дупчалка. На вакво работно место на луѓето би им биле потребни штитници за уши. Во просек на оваа улица мериме бучава од 65 децибели“, објаснува еден инспектор. Вревата е постојан придружник во секојдневниот живот на луѓето во Братислава. Оној, кој може да си дозволи куќа на периферијата, заминува од градот. Меѓутоа, сообраќајната мрежа во тие делови не функционира. Подземна железница нема, па затоа луѓето мораат да патуваат со автомобил до центарот на градот.
Застој на автопатиштата
Секое утро и попладне, кога луѓето одат и се враќаат од работа, има застој на автопатиштата. Оние кои живеат во стариот, историски дел на градот, се или изнервирани, или, пак, веќе се помириле со ваквиот начин на живот. „Постојаната бучава ми пречи. Има премногу автомобили и автобуси, освен тоа немаме никаква заштита од постојаната врева. Лично не можам повеќе да издржам. За неколку години ќе одам во пензија и тогаш веднаш ќе се преселам на село, каде е мирно“, вели овој постар граѓанин.
Една заобиколница помага да се намали сообраќајот во центарот на градот
Светската задравствена организација итно предупредува од здравствени проблеми, како последица од постојаната бучава. Службите во Братислава се информирани за ваквата состојба во градот, но обидите да се намали вревата до сега не успејаа, вели Ленка Шрамкова од градскиот завод за здравство: „Минатата година издадовме три парични казни во висина од 3.300 евра. Но, тоа не е доволно. Кај понежните луѓе вревата може да предизвика проблеми со срцето и крвотокот, освен тоа, таа го нарушува и варењето на храната кај луѓето. Значи, едно е јасно: бучавата не е добра по здравјето.“
Автор: Штефан Хајлајн / Бисера Огањовска Митров
Редактор: Трајче Тосев