Брахими ја доби награда на германското Здружение за ОН
9 јули 2004Голем број граѓани на Ирак, но и на соседните земји со скепса го набљудуваат преносот на власта врз новата преодна влада во Багдад, смета специјалниот пратеник на ОН, Лакдар Брахими, кој неодамна ја разбранува меѓународната јавност нарекувајќи го цивилниот администратор Пол Бремер, “диктатор на Ирак“. Оваа титула Брахими нема намера да му ја даде и на новиот американски амбасадор во Ирак, Џон Негропонте, кој на оваа функција дојде од местото амбасадор на САД при Светската организација, иако неговиот став останува критички кон САД.
Лакдар Брахими вчера вечер во Минхен ја доби наградата Даг Хамарскјелд, што ја доделува германското Здружение за Обединетите нации.
“Американците се чини дека сепак нешто научија“ - вели специјалниот пратеник на ОН за Ирак, Лакдар Брахими. Ако ништо друго, тогаш барем не ги означуваат ОН како ирелевентна организација, што дава надеж дека кризата околу Ирак можеби сепак ќе доведе до создавање нов светски поредок.
“Лакдар Брахими ги отеловува принципите на ОН. Тој покажа вонредна дипломатска умешност во повеќе светски кризни жаришта“ - се вели во поздравниот говор на шефот на германската дипломатија Јошка Фишер, кој за жал беше спречен лично да му честита на Брахими поради грипот.
Брахими се реваншира за ваквите пофалби со поддршката за еден проект од голема важност за германската влада, имено, желбата да добие место на постојана членка во Советот за безбедност на ОН:
“Во ОН тоа се смета за нешто што ќе дојде кога тогаш!“ - порача Брахими во Минхен, нагласувајќи дека за реформата на Советот за безбедност се дискутира ширум светот. Но, искусниот дипломат по потекло од Алжир знае исто така и колкави се отпорите на денешните вето сили кон обидите за реформа, па вели:
“Јас правам се што можам во поддршка на германската желба, но дали тоа навистина ќе му помогне на германскиот канцелар за да ја постигне посакуваната цел – тоа мора да причекаме!“
Наградата на германското Здруежние за ОН на Лакдар Брахими му се доделува пред се поради неговите големи успеси во стабилизирањето на Авганистан. На доделувањето на наградата во Михен тој упати критика до земјите членки на НАТО што се ушпте не се подготвени да испратат доволно војници за смирување на безбедносната ситуација во оваа земја:
“Нема доволно поддршка за Авганистан, не постои доволно долгорочно планирање.“