Брегзитот почнува од март со економски турбуленции во најава
3 октомври 2016Британскиот министер за финансии, Филип Хамонд, денеска, на годишната конференција на Конзервативната партија во Бирмингем, предупреди дека економијата во Велика Британија ќе се соочи со „турбуленции“ и „големи пречки“ за време на преговорите за излез од ЕУ. „Треба да се очекуваат турбулениции за време на двегодишниот преговарачки процес, а компаниите ќе се соочат со неизвесност од конечноста на односот меѓу Британија и ЕУ“, рече Хамонд на конгресот на Конзервативната партија во Бирмингем.
Тој оцени оти најважен предизвик е одржувањето на довербата на компаниите, бидејќи Брегзит ќе остави „негативни последици“ врз британскиот економски раст и додаде дека одделни коорпорации го одлагаат донесувањето одлуки за инвестирање поради економската неизвесност која ја погоди земјата.
„Недовербата на компаниите ќе биде голема пречка во постигнување на конечен договор“, рече Хамонд, кој во кампањата пред референдумот се залагаше за останување на Велика Британија во ЕУ.
Премиерката Тереза Мејинаку вчера соопшти дека до крајот на март наредната година ќе започне процедурата за Брегзит.
Меј изјава оти Лондон во првите месеци од наредната година ќе го активира членот 50 од Лисабонскиот договор кој го регулира излезот од ЕУ, што ќе создаде услови Британија да ја напушти Унијата до 2019 година.
Таа така стави крај на шпекулациите дека Британија ќе започне процедура за излез од ЕУ до крајот на наредната година. Многу аналитичари тврдеа оти британските претставници нема да го употребат членот 50 од Лисабонскиот договор до завршувањето на претседателските избори во Франција.
Таа изјави дека пред обраќањето на годишната конференција на Конзервативната партија во Бирмингем ќе го извести членството за започнување на Брегзит.
Меј кажа оти ќе побара од парламентот да го укине Законот за европска заедница, акт со кој законите во ЕУ се наметнуваат како британски закони. „Тоа значи дека Велика Британија ќе биде независна и суверена нација“, рече британската премиерка.
По активирањето на членот 50 од Лисабонскиот договор, започнува формалниот процес за излез од ЕУ, кој може да потрае подолго од две години, со што се согласуваат и Велика Британија и Брисел.