Доколку не се постигне договор за односите меѓу Велика Британија и ЕУ по Брегзит, тоа нема да биде „прошетка во парк“, но ни „крај на светот“, порача шефицата на владата во Лондон.
Реклама
Британската премиерка Тереза Меј денеска изјави дека „нема да биде крај на светот“ доколку Лондон и Европската унија не постигнат договор за условите за излегувањето на Велика Британија од Унијата.
Министерот за финансии на Велика Британија, Филип Хемонд минатата недела истакна дека британските финансии би претрпеле штета доколку земјата истапи од ЕУ без постигнат договор со Брисел. Тереза Меј за време на патувањето во Јужноафриканската Република истакна дека прогнозите на кои укажува Хемонд се застарени.
На тие бројки сѐ уште се работеше во тоа време, истакна Меј и го повтори коментарот на претседателот на Светската трговска организација дека излегувањето на Обединетото кралство од ЕУ без договор „не би било прошетка во парк, но ни крај на светот“.
Британската премиерка се надева дека со Брисел ќе биде постигнат договор поволен за бизнисот и за трговијата. Во редовите на нејзината партија постои струја која се залага за раскинување на сите врски со ЕУ, односно за таканаречен тврд Брегзит, како и онаа на која ѝ припаѓа министерот Хемонд, која сака да бидат задржани блиски врски со Унијата. Меј уште еднаш повтори дека за Велика Британија е подобро да излезе од ЕУ без договор, отколку со лош договор.
Збогум Британија, ние си заминуваме...
Британските компании многу пати предупредуваа за потенцијалните негативни последици по економијата од Брегзит. По референдумот за напуштање на ЕУ, некои компании размислуваат да ги релоцираат компаниските седишта.
Фотографија: picture-alliance/dpa/W. Kumm
Водафон
Втората по големина компанија за мобилна телефонија во светот ја разгледува опцијата да го премести своето седиште надвор од Британија по Брегзит. Диселдорф би можел да биде една од опциите за новото седиште на компанијата. Водафон веќе е присутна во германскиот град каде вработува околу 5.000 луѓе, исто така, Германија е најголемиот пазар на компанијата.
Фотографија: Getty Images/AFP/M. Hayhow
Рајанер
Најголемата авиокомпанија за ефтини летови во Европа официјално е регистрирана во Ирска, но голем дел од нејзината флота е лоцирана во Британија. Но, тоа може наскоро да се смени – од Рајанер најавуваат дека своите летала повеќе нема да ги стационираат таму.
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Scholz
Изиџет
Втората по големина авиокомпанија за ефтини летови во Европа е базирана во Лондон, но, до кога? „За тоа ќе видиме“, изјави извршната директорка на компнанијата Керолин Мек Кол во телевизиско интервју. Изиџет е една од најпрофитабилните компании во Европа.
Фотографија: Getty Images/AFP/F. Guillot
Вирџин
Ричард Бренсон е еден од најпознатите бизнис личности во Британија. За Брегзит тој изјави: „Британија е насочена кон економска катастрофа“. Неговиот конгломерат изгуби една третина од вредноста по референдумот во земјата. Бренсон ја повика владата да организира втор референдум.
Фотографија: Getty Images/AFP/D. Leal-Olivas
ЏејПиМорган Чејс
Најголемата банка во САД вработува околу 16.000 луѓе во Лондон. Но, менаџментот сега разгледува повеќе можности да премести дел од операциите надвор од Британија. Извршниот директор на банката, Џејми Димон, пред референдумот изјави дека помеѓу 1.000 и 4.000 работни места може да бидат преместени надвор од Лондон доколку се случи Брегзит.
Фотографија: Getty Images/C.Gillon
Виза
Оваа компанија ќе нема голем избор освен да го намали бројот и обемот на активностите во Британија, што ќе доведе до кратење на стотици работни места. Според регулативата на ЕУ, компанијата мора да одржува центар за податоци во земја на ЕУ. Што практично ќе значи крај за податочниот центар на компанијата во Лондон.
Фотографија: Imago
Форд
Од Форд неколку пати изјавија дека Британија е „клучен пазар“ за компанијата во Европа. Фабриката на Форд во Дагенхам произведува делови и мотори за филијалите на компанијата во Германија. По одлуката за напуштање на ЕУ, од Форд изјавија дека компанијата ќе ги преземе сите потребни мерки да остане конкурентна на пазарот.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Јагуар Ленд Ровер
Сепак, сите компании не се песимисти. „Ние сме Британци и стоиме зад Британија“, изјави Едријан Халмарк, одговорен за стратегии во Јагуар Ленд Ровер. Нема промени во нашите бизнис планови, уверува Халмарк за периодот од следните две години во кои Британија со сигурност ќе остане дел од ЕУ.