Едни прогласуваат согласност, други се подготвуваат за излегување на Велика Британија од ЕУ без договор. Лондон и Брисел се неединствени и натаму, но има знаци дека договор ќе се постигне.
Реклама
По долги и жилави преговори, се чини дека Европската унија и Велика Британија сепак ќе најдат решение. Кабинетот на британската премиерка Тереза Меј вчеравечер соопшти дека двете страни постигнале согласност за предлог договор за британското излегување од ЕУ.
Шефот на пратеничката група на Европската народна партија, Манфред Вебер, го потврди пробивот во преговорите за Брегзит. „Да, се крева бел чад. Имаме позитивни сигнали дека по недели и месеци мачни дебати, конечно доаѓа до согласност“, изјави Вебер за телевизијата АРД.
Брисел не потврдува
Потврда од страна на ЕУ засега нема. „Преговорите меѓу ЕУ и Обединетото Кралство за договор за излегување се сѐ уште во тек и не се завршени“, соопшти портпарол на ирскиот министер за надворешни работи Сајмон Ковни. Сепак, за денеска е закажана вонредна седница на амбасадорите на 27-те членки на ЕУ. Од дипломатски кругови се вели дека на средбата ќе се разговара за предлог текстот.
Ирската телевизија РТЕ, повикувајќи се на владини кругови, јави дека е постигната согласност со која се избегнува враќање на цврста граница помеѓу Ирска и британската провинција Северна Ирска. Прашањето на границата беше едно од главните точки на сопнување во преговорите за Брегзит.
Договорот на преговарачите треба да биде одобрен и во Лондон и во Брисел. Британската влада денеска во 15 часот по средноевропско време ќе заседава околу предлог-договорот и ќе донесе одлука за идните чекори, соопшти Даунинг стрит. Премиерката Меј уште вчеравечер разговараше одделно со министрите и бараше нивна поддршка.
Преговорите со Велика Британија за излегување на земјата од ЕУ во март 2019 година во текот на изминатите месеци се заглавија. Договорот мора да биде постигнат најдоцна до декември, за парламентите на двете страни да можат да го ратификуваат навреме, односно пред датумот за Брегзит.
Збогум Британија, ние си заминуваме...
Британските компании многу пати предупредуваа за потенцијалните негативни последици по економијата од Брегзит. По референдумот за напуштање на ЕУ, некои компании размислуваат да ги релоцираат компаниските седишта.
Фотографија: picture-alliance/dpa/W. Kumm
Водафон
Втората по големина компанија за мобилна телефонија во светот ја разгледува опцијата да го премести своето седиште надвор од Британија по Брегзит. Диселдорф би можел да биде една од опциите за новото седиште на компанијата. Водафон веќе е присутна во германскиот град каде вработува околу 5.000 луѓе, исто така, Германија е најголемиот пазар на компанијата.
Фотографија: Getty Images/AFP/M. Hayhow
Рајанер
Најголемата авиокомпанија за ефтини летови во Европа официјално е регистрирана во Ирска, но голем дел од нејзината флота е лоцирана во Британија. Но, тоа може наскоро да се смени – од Рајанер најавуваат дека своите летала повеќе нема да ги стационираат таму.
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Scholz
Изиџет
Втората по големина авиокомпанија за ефтини летови во Европа е базирана во Лондон, но, до кога? „За тоа ќе видиме“, изјави извршната директорка на компнанијата Керолин Мек Кол во телевизиско интервју. Изиџет е една од најпрофитабилните компании во Европа.
Фотографија: Getty Images/AFP/F. Guillot
Вирџин
Ричард Бренсон е еден од најпознатите бизнис личности во Британија. За Брегзит тој изјави: „Британија е насочена кон економска катастрофа“. Неговиот конгломерат изгуби една третина од вредноста по референдумот во земјата. Бренсон ја повика владата да организира втор референдум.
Фотографија: Getty Images/AFP/D. Leal-Olivas
ЏејПиМорган Чејс
Најголемата банка во САД вработува околу 16.000 луѓе во Лондон. Но, менаџментот сега разгледува повеќе можности да премести дел од операциите надвор од Британија. Извршниот директор на банката, Џејми Димон, пред референдумот изјави дека помеѓу 1.000 и 4.000 работни места може да бидат преместени надвор од Лондон доколку се случи Брегзит.
Фотографија: Getty Images/C.Gillon
Виза
Оваа компанија ќе нема голем избор освен да го намали бројот и обемот на активностите во Британија, што ќе доведе до кратење на стотици работни места. Според регулативата на ЕУ, компанијата мора да одржува центар за податоци во земја на ЕУ. Што практично ќе значи крај за податочниот центар на компанијата во Лондон.
Фотографија: Imago
Форд
Од Форд неколку пати изјавија дека Британија е „клучен пазар“ за компанијата во Европа. Фабриката на Форд во Дагенхам произведува делови и мотори за филијалите на компанијата во Германија. По одлуката за напуштање на ЕУ, од Форд изјавија дека компанијата ќе ги преземе сите потребни мерки да остане конкурентна на пазарот.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Јагуар Ленд Ровер
Сепак, сите компании не се песимисти. „Ние сме Британци и стоиме зад Британија“, изјави Едријан Халмарк, одговорен за стратегии во Јагуар Ленд Ровер. Нема промени во нашите бизнис планови, уверува Халмарк за периодот од следните две години во кои Британија со сигурност ќе остане дел од ЕУ.