Брегзит: И што сега?
25 јуни 2016Кога во централата на ЕУ во Брисел ќе слегне изненадувањето и разочарувањето поради брегзит, тогаш ќе започне конкретна работа. Британската европска пратеничка Сајед Камал, и самата членка на конзервативците и всушност противничка брегзит, во петокот наутро тоа го опиша вака: „Сега мораме да станеме добри соседи, ЕУ и Обединетото Кралство.“
Официјално, најпрво Велика Британија својата намера за излез од ЕУ мора да ја „објасни“ со писмо на адресите на останатите 27 членки. Нејасно е кога тоа ќе се случи. Референдумот во Велика Британија не беше обврзувачки. Сега најпрво Долниот дом на парламетнот мора да го овласти премиерот да прати изјава за излез до Брисел. Но кој премиер? Дејвид Камерон во петокот најави оставка, велејќи дека тој не може да ја води земјата во насока за која смета дека е погрешна. Сега треба да се одбере нов премиер, а меѓу пратениците од Долниот дом околу 70 насто од гласовите се против брегзит.
Кога, сепак, тоа официјално писмо од Лондон ќе стигне, Европскиот совет, значи останатите 27 членки, би требало да ја овласти Европската комисија да преговара со Велика Британија за моделите на излез од Унијата. Според членот 50 од Договорот од Лисабон за тоа е предвиден рок од 2 години. Целата работа би можела да оди и побрзо, смета баварскиот конзервативец Манфред Вебер, шеф на пратеничкиот клуб на Народите партии во Европскиот парламент.
Работата не е едноставна: мораат да се проверат илјадници правни прописи и финансиски односи, и тогаш да се запрат врските со ЕУ и останатите членки. Договорот за напуштање на Унијата мораат да го поддржат земјите членки, Европскиот парламент и секако Велика Британија. Мора да се разјасни статусот за престој на граѓаните на ЕУ во Велика Британија- и обратно. Потребен е договор околу регулирање на патувањата.
Тргување со дезертер?
Истовремено или можеби потоа започнуваат преговорите на Велика Британија со ЕУ околу идното уредување на односите. Можно е да се направи договор за соседски односи во кои би била вградена и бесцаринска трговија. Можен е пристап на Велика Британија во ЕФТА (Европска зона за слободна трговија), во која се во моментов Норвешка, Лихтенштајн, Швајцарија и Исланд. Според проценките на Европската комисија, потребни се години додека не се испреговараат деталите од тој договор, кои мораат да ги ратификуваат сите членки на ЕУ. Тоа во нормални услови би требало да потрае 2 години. „Дезертерот нема да биде пречекан со раширени раце“, рече шефот на Комисијата Жан-Клод Јункер уште пред неколку недели.
Во меѓувреме мора да се разјасни и статусот на британските службеници кои работат за ЕУ. Тие веројатно би можеле да продолжат со работа во Брисел до пензија (се работи за постојани договори за работа). Велика Британија би морала да ги плати и пензиите на своите службеници во ЕУ. Понатаму, 73 британски пратеници во Европскиот парламент до конечното излегување на нивната татковина од ЕУ би можеле активно да учествуваат на заседанијата и тоа со право на глас. „Ќе се најде разумно решение“, рече еден функционер на ЕУ во Брисел.
Голем број економисти очекуваа крах на берзите (кој и се случи), а очекуваат и пад на економскиот раст во Велика Британија. Европската централна банка (ЕЦБ) и централните банки на земјите членки, уште порано договорија, во случај на потреба, да почнат да купуваат британска фунта. Банките во Европа, истотака, во случај на потреба ќе добијат на располагање доволно ликвидни сретства за никој да не остане без пари. „Имаме се’ под контрола, иако никој не знае што точно ќе се случи“, ни рече еден инсајдер од ЕЦБ. „Берзите повторно ќе се вратат на нозе“.
Популистите демнат шанса
ЕУ ќе мора да се занимава со опасноста од „заразување“ со брегзит. Во Франција во 2017. година се одржуваат претседателски избори. Во Холандија во 2018. година се избира нов парламент. Популистите од овие две земји веќе најавија дека истотака сакаат да организираат референдуми за излез од ЕУ. Марин Лепен во Франција и Герт Вилдерс во Холандија сметаат на голем успех на крилата на брегзит, како што тоа веќе го кажаа и во петокот наутро.
Ова е првпат некоја земја да ја напушти ЕУ, па поради тоа деталите за разводот никому не му се јасни. Но извесно е дека постапката со Велика Британија ќе чини многу време и труд и оти многу долго ќе ја оптоварува работната сила во централата на ЕУ. „Мајка на сите кризи“- така во петокот наутро тоа спонтано го нарече еден функционер во Брисел.