„Брегзит“ алиби за „македонегзит“ од ЕУ-стандардите
24 јуни 2016Од умерен песимизам до умерен оптимизам - се движат оценките на македонските аналитичари, во однос на глобалното и локалното влијание и ефектите од референдумската одлука на Велика Британија за напуштање на ЕУ. Она што најмногу ја интересира македонската јавност, е колку таа ќе ги мотивира евроскептиците и националистите во регионот и во Македонија. Одговорот го даваат македонски дипломати и познавачи на современите европски процеси, проблеми и предизвици.
„Резултатите од референдумот во Британија ќе ги охрабрат евроскептичните сили во ЕУ и ќе го смалат ентузијазмот за влегување во ЕУ кај земјите што се кандидати за членство“, вели поранешниот македонски амбасадор во Лондон, Ѓорги Спасов.
„Многу помали земји може погрешно да ја протолкуваат оваа одлука и да почнат да мислат дека ако излегувањето од ЕУ е добро за Британија, би било добро и за нив. Но, тоа ќе биде лекција и за бриселската администрација, која ќе стане поекономична и поефикасна. Овој излез ќе ги охрабри и националистичките сили на Балканот кои работат против влегувањето на нивните земји во ЕУ, само за да не бидат принудени на транспарентност и владеење на правото. Сега ним им се отвора простор за дебата за алтернативна надворешна политика, за важноста на суверените народни демократии кои кај малите народи се маска за изолационизам и за продолжување на ограбувањето на својот народ, без одговорност пред домашните и меѓународните судови“, констатира Спасов.
Гласот на десничарските баритони
И покрај заложбите за ЕУ-интеграции, во десничарските кругови во Македонија зад официјалната воздржаност владее „сеир и задоволство“ од епилогот во Британија. Ваквото расположение не ги изненадува аналитичарите.
„На Балканот, а посебно во Република Македонија, прашање на часови е кога ќе се огласат десничарските баритони блиски до владејачката ВМРО-ДПМНЕ, кои од свои партикуларни интереси не го посакуваат членството на земјата во ЕУ“, вели поранешниот македонски амбасадор, Нано Ружин.
„Стандардите за правната држава, слободата на медиумите, почитување на поделбата на власта, им го руши комодитетот на голем број популисти и нивни верни подржувачи на Балканот. Овие сили, зад кои не заостанува ни претседателот на РМ, ниту осомничениот поранешен премиер Груевски и неговата клика, најпрвин срамежливо, а потоа и отворено ќе се повикуваат на 'брегзит'. Затоа, може да се оечекува една поагресивна политика од страна на овие субјекти врз сите творби кои беа создадени со Договорот од Пржино“, смета тој.
Притоа, прогнозира дека истите структури ќе се обидат да ја зацрнат сликата за ЕУ, претставувајќи ја како фактор кој настојува да го смени идентитетот на Македонецот, да ја смени легално избраната власт, но и други приказни за потребите на владејачката клика.
„Меѓутоа не треба да се заборави дека дури и демократската Велика Британија да е надвор од ЕУ, таа нема да се согласи со обидите на македонската формула за 'македонегзит', односно за изигрување на основните вредности на либералната демократија“, потенцира Ружин.
Тој се повикува на старата кинеската мудрост - дека во секоја лоша вест има и нешто позививно. Во тој контекст ги оценува и последиците од „несреќниот епилог на референдумот во Британија“.
„Во политичка смисла 'брегзит' може да влијае во две насоки. Првата е да ја 'стегне' Европа во смисла на поконзистентна аграрна, дипломатска, одбранбена и социјална политика, што би довело кон уште поголемо значење на политичките фактори при проширувањето на ЕУ. Тоа значи и одредено успорување на политиката на проширување и построги правила за прием во ЕУ. Втората насока, пак, може да се движи во насока на барање нови сојузници, подобрување на односите со Русија, Кина и други земји, полабава политика во однос на проширувањето на ЕУ кон постојните и нови аспиранти“, оценува Ружин.
Во однос на глобалниот ефект, тој го констатира јавувањето на старо/новите евроскептици на чело со Ле Пен во Франција и Виндерс во Холандија, како бројката на други кои ќе станат повидливи на сцената поради центрифугалниот ефект на британската одлука. Но, смета дека е малку веројатно епилогот од британскиот референдум да се повтори во останатите членки на ЕУ.
Ветер во едрата на национализмот
Засега никој не е сигурен дали првичните ефекти од „брегзит“ ќе имаат краток здив или ќе предизвикаат поголеми последици и на подолг рок.
„Првичното влијание на излезот на Велика Британија врз проширувањето ќе биде негативен, вели Малинка Ристевска Јорданова, директорка на Институтот за европска политика - Скопје (ЕПИ).
„Првата причина е што ЕУ сега го преживува ударот на овој шок и сигурно дека најзначајната работа на агендата нема да и' биде проширувањето. Втората е што Велика Британија беше поддржувач на проширувањето. Очекувам дека по првиот шок, во кој евроскептиците ќе ја имаат својата приказна, дискурсот ќе се смени и ќе дојдат на сцена интегративните тенденции - 'да расчистиме со Велика Британија и да го зголемиме нашиот интегративен капацитет', што го најавува германската изјава по одлуката за британскиот излез од Унијата. Само по себе, тоа не би значело отворена врата за проширување. Но, менувањето на агендата и динамиката во ЕУ може да го смени и наративот за проширувањето“, вели Јорданова.
Во првиот бран, и во Република Македонија таа очекува негативен одраз, „ветер во едрата“ на национализмот.
„Но, очекувам дека овој ветер бргу ќе заслабне, кога ќе излезат на виделина последиците од дезинтеграцијата во Велика Британија - и внатрешно-политички и економски, а особено ако ЕУ брзо се соземе и реагира“, констатира директорката на ЕПИ.
Оптимист е и поранешниот амбасадор Ѓорги Мисајловски. Според него, „брегзит“ нема да никакво влијание или значење за Република Македонија.
„Ништо нема да се менува во однос на Република Македонија. Евроскептицизмот кај нас нема да порасне, бидејќи и еврооптимизмот беше главно прокламативен, односно виртуелен. Десно-ориентираните популистички партии не можат да бидат охрабрени со овој британски чекор, во смисол на оправдување за досегашните калкулирања околу пристапот во ЕУ, која нема да исчезне. Излегувањето на Велика Британија од ЕУ нема да влијае ниту врз влошување на нашата безбедоносна ситуација, вклучувајки ја и перменантната криза со бегалците“, смета Мисајловски.