1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Проблемот на Меј се конзервативците

Барбара Везел
18 јануари 2019

Конзервативната партија и понатаму ја држи Тереза Меј на функција, но не ѝ го прифаќа договорот за Брегзит. Најголемиот проблем на Меј се внатрешните партиски борби меѓу ториевците.

Archivbild: Großbritannien - Theresa May
Фотографија: Getty Images/AFP/T. Akmen

„Сега треба да си го вратиме сопствениот интерес на прво место“, изјави Тереза Меј во средата вечерта, вперувајќи го погледот кон лидерите на опозицијата во Долниот дом, откако повторно го преживеа гласањето за доверба со помош на северноирската ДУП. На премиерката очигледно ѝ недостасува смисла за иронија, бидејќи таа сега е во теснец токму поради тоа што уште од почетокот на преговорите на Брегзит ги следи само интересите на сопствените конзервативци. А тие само ѝ го прават животот потежок и владеењето речиси невозможно.

Во моментов никој не ја сака нејзината позиција

Зошто конзервативците во вторникот вечерта ѝ нанесоа на Тереза Меј пораз при гласањето за договорот за Брегзит? Една третина од нејзините луѓе гласаа против договорот, за вечерта со мнозинство да ѝ ја потврдат премиерската позиција. Она што изгледа како спротивност само по себе, се објаснува со интересите на поделените ториевци.

Во моментов никој не сака да ја преземе позицијата на Меј, за да не си ги извалка рацете со хаосот околу Брегзит и да си ја загрози кариерата уште пред вистински да му започне. Тереза Меј се наоѓа во една позиција во која речиси не може ништо да добие, а може се да загуби. Таа сега мора да достигне еден натпартиски консензус околу Брегзит, чиј исход е сѐ уште нејасен.

Иако има редица кандидати кои чекаат да се вселат во Даунинг стрит, пред сѐ од редовите на тврдокорните ториевци. Борис Џонсон и поранешниот министер за Брегзит, Доминик Раб се нестрпливи, иако знаат дека немаат мнозинска поддршка во партијата.

Помеки преодни решенија не доаѓаат многу предвид: како можен кандидат меѓу нив се смета министерот за внатрешни работи Саџид Џавид, кој пак нема поддршка од тврдокорните, бидејќи, според нив, има многу флексибилни ставови во однос на темите како миграција и Брегзит. Тереза Меј исто така е ослабена, бидејќи нејзините конуренти не можат да се решат на кој друг кандидат да му ја дадат поддршката.

Брегзитерите остануваат тврдокорни

Државниот секретар за Брегзит, Стив Бејкер, поради протест се повлече од преговорите летото 2018 година, заедно со неговиот шеф Дејвид Дејвис. Двајцата се дел од фракцијата на тврдокорни Брегзитери, кои сакаат да ја ослободат Велика Британија од „оковите“ на ЕУ. Во меѓувреме, тој е еден од предводниците на оние кои се против договорот на Тереза Меј за излез од ЕУ.

Стив Бејкер е еден од предводниците на противниците на договорот на Меј за БрегзитФотографија: DW/A. de Loore

Како, според него, сега треба да се продолжи натаму? Бејкер и неговите истомисленици имаат една јасна линија, вели тој во интервју за ДВ: „Следно е планот којшто сега го објавивме. Ние сакаме преговори со ЕУ како што ни беа понудени минатата година во март: сеопфатен договор за слободна трговија, без царини и ограничувања, заедничка соработка на безбедносен план и уште неколку полиња на соработка. Тоа е она што ние го сакаме.“ Често тие се погрешно претставени: „Ние сакаме да ја напуштиме ЕУ со договор, на начин на кој тие ни го понудија. Но, ако тоа не успее, ние сме подготвени да се раководиме според правилата на СТО.“

Во однос на поразот на Тереза Меј околу договорот во вторникот вечерта во парламентот, нејзиниот поранешен партиски колега трезвено коментира: „Откако ја напуштив владата, постојано повторувам дека договорот не може да помине во парламентот и дека поради тоа ќе настане криза. Жал ми е, но владата беше предупредена." Ваквиот став го имаат една третина од конзервативците.

Повеќе: 

Брегзит: Меј останува на функцијата, но останува и притисокот

Брегзит: Најголемата можна катастрофа

Компромис закана за поделба на ториевците

Останатиот дел од ториевците е поделен на дел пријатели на ЕУ, поддржувачи на помек Брегзит и поддржувачи на втор референдум – значи застапени се сите видови на мислења. Проблемот на Тереза Меј не е само да најде компромис со овие групи, туку и во сопствениот кабинет. Сепак, за мнозинство во парламентот на Меј ѝ се потребни уште 120 гласа од опозицијата, кои ќе се согласат само со помек Брегзит, како што е останување во царинската унија или со втор референдум.

Има ли спас за Меј и нејзиниот договор?Фотографија: picture-alliance/R. Pinney

Но ако отиде на друга страна и прифати помека линија, ѝ се заканува долгорочен раздор во сопствената партија. Засега никој не знае дали во принцип нефлексибилната премиерка воопшто има таква намера. Раздорот меѓу ториевците во однос на Европа има петдецениска историја, уште кога се расправаа околу членството на Велика Британија во Унијата.

Овој фундаментален спор во меѓувреме е само прикриен, антагонизмите никогаш не беа надминати и фрлија сенка и врз владите на Магарет Тачер и Џон Мејџор. Според мантрата на Тереза Меј „ништо не е сменето". Таа и натаму е во потрага по решение и мора да успее да постигне квадратура на кругот.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми