1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Брегзит: Што ако нема договор?

Барбара Везел
14 декември 2020

За првпат во преговорите за Брегзит Борис Џонсон ја отвори можноста за излез од ЕУ без договор. Што ќе се случи на 1 јануари 2021 година ако не се постигне трговски договор меѓу Велика Британија и ЕУ?

Brexit Symbolbild  Steve Bray London
Фотографија: Kirsty Wigglesworth/AP Photo/picture alliance

За првпат, британскиот премиер, најави дека „многу, многу, веројатно", Велика Британија ќе се раздели од ЕУ без договор. Тоа не е она што го сакал, но ќе и дозволи на земјата „од јануари да прави тоа што сака.“

Досега Борис Џонсон, кога сакаше да каже дека Велика Британија нема да постигне договор со ЕУ, секогаш зборуваше за „Австралиски договор“. Но поранешниот австралиски премиер Малколм Тунрбул му ги помати сметките.

„Бидете претпазливи што си посакувате. Односите на Австралија со ЕУ не се такви какви што би сакала Велика Британија од трговска гледна точка,“ изјави поранешниот премиер. Тоа всушност значи дека трговската размена мора да се одвива според правилата на Светската трговска организација, што нема да им оди во прилог на одредени сектори.

Договорот со ЕУ, покај трговските правила содржи и други аспекти на соживот, од полициска соработка до енергетскиот пазар, кои би отпаднале во случај да нема договор. Што ќе се промени од 1 јануари 2021?

Пристаништа и граници

Според едно сценарио на британската влада, на Довер и другите околни пунктови би можеле да „заглават“ до 7000 камиони, со по два дена чекање. ЕУ сака од 1 јануари да воведе царински контроли. Тоа значи дека на сите камиони кои досега брзо се товараа и истовараа од фериботите, ќе им бидат потребни куп документи – царински и даночни пријави, доказ за потекло на стоката и ветеринарни контроли.

Повеќе на темата:

Колку би чинел Брегзит без договор?

Наредната година, нов референдум за независност на Шкотска?

Брегзит: Џонсоновата стратегија на хаос

Брегзит: Како Голема Британија стана мала

Само на пристаништето Довер до сега дневно се опслужуваат по 10.000 камиони. Во близина на пристаништето во Кент веќе се изградени огромни паркинзи за камиони. Лондон очекува дополнителни 13 милијарди фунти трошоци за британските компании. ЕУ сака и најмалку шест месеци со примена на правила за итни случаи да го регулира и воздушниот сообраќај, како и да се издаваат дозволи за возачи на автобуси и камиони.

Патување и туризам

Туристите од Велика Британија на аердромските шалтери ќе мора да застанат во редот за граѓани кои не се од ЕУ. Го губат и автоматското здравствено осигурување во ЕУ, поради што ќе мора претходно да си извадат меѓународно осигурување и меѓународна возачка дозвола.

Поради корона-ограничувањата, од 1 јануари привремено нема да може да влегуваат во ЕУ. За домашните миленичиња ќе бидат задолжителни компликувани здравствени потврди. Дури и оние кои имаат второ место на живеење во ЕУ, може да престојуваат вкупно 90 дена во шест месеци. Оваа тема веќе предизвика жестоки наслови по медиумите.

Производи

Британската автоиндустрија стравува дека Брегзит без договор за нив би бил смртна пресуда. „Нисан" во британскиот пристанишен град Сандерленд веќе најави можно затворање на фабриката. Поради зголеменото време на чекање на пристаништата ќе се поремети синиџирот на навремена набавка што ќе влијае на целиот процес на производство.

Поради ова фабриката на „Хонда" во Свиндон моментно го прекина производството. Дополнително, според правилата на СТО за моторни возила се наплатува и 10% царина. Тоа би значело губење на конкурентноста, и десетици илјади загубени работни места, вклучително и од индустријата на добавувачите.   

За да може воопшто да ги продава своите лекови во Европа, британската фармацевтска индустрија мора да помине низ дополнителни постапки за одобрување кај Европската агенција за лекови (ЕМА). Тоа чини многу пари и време.

Земјоделие

За земјоделските производи ќе има нови ЕУ даноци: за млечни производи околу 30%, за телешко и јагнешко месо 40% и повеќе. Во контекст на укинувањето и на ЕУ субвенциите кои за селаните се околу половина од нивните приходи, тоа за многумина би можело да значи крај. Многумина од нив гласаа за Брегзит бидејќи не можеа ни да замислат истапување без договор.

Пазар на финансии и услуги

Неспоредливо најважен извозен производ на Британците се финансиските услуги. Тие секако не би биле дел од трговски договор, но губењето добра волја во ЕУ може негативно да се одрази и врз нив.

Т.н. „паспортинг”, односно правото да се работи во ЕУ, банките и осигурителните друштва го изгубија уште од јануари 2020. Во иднина ќе им биде потребно признавање од страна на ЕУ на истородноста на нивната регулаторна рамка (еквивалентност) кое Брисел во секое време може да го повлече.

Некои компании основаа сестрински фирми за да може да продолжат да работа во ЕУ. На ЕУ и натаму и се потребни одредени финансиски услуги од Лондон, но Париз и Франкфурт имаат амбиција постепено да станат понезависни. Иднината на Лондон е неизвесна. 

Адвокати, архитекти и инженери од Велика Британија може да ги изгубат признанијата на нивните дипломи и во иднина ќе им бидат потребни скапи работни визи за ЕУ ако сакаат да работат на краток рок.  Тоа важи и за уметничките професии: британските оркестри стравуваат за иднината на нивните турнеи во Европа.

Последици за ЕУ

Во стандардните изјави за Брегзит спаѓа и тоа дека двете страни губат. Велика Британија губи повеќе од ЕУ бидејќи на Унијата отпаѓа речиси 50% од трговскиот волумен на Британците. „Ние сме 27, тие се само една земја”, вели и Марија Демерцис од тинк-тенкот Бригел во Брисел и додава „ние сме најбогатиот внатрешен пазар на светот со преку 400 милиони потрошувачи”.

Но, и ЕУ би ги почувствувала последиците од непостигнување договор, особено Холандија, Белгија и Северна Франција каде што имаат седишта компании за достава до Велика Британија или пак имало посебно интензивна трговска размена.

Најголем губитник по бројките би била Германија, но тука компаниите веќе се подготвени за Брегзитот: Велика Британија како трговски партнер е падната од трето на петто место. Посебен случај е Ирска каде економијата традиционално е тесно поврзана со британската. Од владата во Даблин затоа се слушаат загрижувачки тонови кога е во прашање опцијата Брегзит без договор.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми