1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бременоста се казнува со отказ

7 март 2017

Жените во Србија поретко работат, примаат помалку пари за иста работа, работодавачите ги гледаат попреку и ги отпуштаат ако забременат. И годинешниот Осми март жените го дочекуваат различно дискриминирани.

Serbien Weltfrauentag in Belgrad
Фотографија: DW/N. Pleskonjić

Според податоците на Републичкиот завод за статистика на Србија, во земјата има 14 проценти помалку вработени жени отколку мажи. Минатогодишниот индекс на рамноправноста бележи дека вработените жени поретко работат со полно работно време. Нивните работни места често се несигурни, жените се поподготвени на прекувремена работа, а често принудени да работат и на црно. На дното на скалата се жените -инвалиди, жените од село и Ромките.

„Мнозинството работодавачи се свесни дека е полесно експлоатирањето на жените одошто на мажите, па ги вработуваат во послабо платените гранки и работни места“, објаснува за Дојче веле Милица Лупшор од Здружението за работни права на жените, „Роза“. Ситуацијата, вели таа, е најтешка во трговијата. „Имаме податоци дека жените во еден синџир супермаркети по два или три месеци добивале по 10.500 динари, без ниеден слободен ден, зашто не ја исполниле нормата - не го продале целото овошје“, раскажува Лупшор.

Освен на понесигурни работни места, жените се согласуваат и на помали заработувачки. Истражување на Фондацијата за развој на економската наука покажува дека жените се 11 проценти послабо платени од мажите за извршување иста работа. Тоа значи годишно мораат да работат 40 дена повеќе за да заработат исто колку и нивните машки колеги, иако се со исто ниво на образование и работно искуство. Разликата во платите е присутна и во јавниот сектор, но е повидлива во приватниот, каде изнесува и до 14 проценти. 

Фотографија: DW/N. Pleskonjić

Бланко-отказ за трудниците

На дискриминација се најизложени трудниците и родилките. Дали сте мажени? Дали имате деца? Ваквите прашања веќе не се инцидентни, туку вообичаена пракса. „Сѐ поголем број млади жени ни пријавуваат дека на разговорите за работа меѓу првите прашања се тие дали планираат или имаат семејство. Ако немаат потпишуваат договор во кој се обврзуваат да немаат деца во следните две-три години. Тоа е страшно“, вели Лупшор.

Таа го објаснува механизмот на т.н. бланко-отказ, кој жените го потпишуваат заедно со договорот за работа. На бланко-отказот не стои датумот на спогодбено раскинување на работниот однос, но работодавачот го активира во моментот кога жената ќе остане трудна.

Не се во подобра положба ни мајките со мали деца. Тие исто така не се пожелна категорија за вработување, поради честите отсуства предизвикани од детските болести. Правото да отсуствува во вакви случаи му е дадено и на мажот, но ретко се користи.

Работно место во кујна

Ако се први на листите за отпуштање, на листите за унапредување жените се-последни. На раководни позиции не се застапени дури ни во гранки во кои бројно доминираат во работните колективи. На пример во просветата работат преку 80 проценти жени, а на директорски позиции ги има само 40 проценти.

Повисока е и нивната процентуална застапеност во невработените, а посебно во неактивните. Под неактивно население се подразбираат и лицата кои извршуваат куќни работи и не бараат вработување. Тоа е уште еден доказ за непроменетост на традиционалната претстава за жената-домаќинка. 

Милица Лупшор предупредува и на враќањето на патријархални десни политики, според кои жената треба да седи дома, да молчи и да биде инкубатор за раѓање деца. „Ситуацијата денес во цел свет е полоша одошто пред 20 години. Во социјализмот постоеше поголема можност за искажување на женскиот револт отколку сега. Се враќаме наназад“. 

Фотографија: DW/N. Pleskonjić

Закон заробен на хартија

Механизмите за родова рамноправност и заштита од дискриминација на пазарот на труд ги регулира Уставот на Србија, бројни закони и десетици меѓународни документи, но правата од тие документи дадени на хартија, во пракса не се лесно остварливи, се жалат жените. Судските спорови траат долго и се скапи, па дискриминираните жени ретко се одлучуваат на таков чекор.

Во меѓувреме, во Координативното тело за родова рамноправност подготвуваат уште еден закон, кој  требаше да биде усвоен на почетокот на минатата година по итна процедура, но нацртот беше повлечен поради бројните забелешки на стручната јавност. Невладиниот сектор инсистираше законот да понуди ефикасни механизми на заштита на рамноправноста, а не само список препораки и насоки. Се очекува наскоро новиот нацрт-закон да се најде пред владата, а потоа и на расправа во Собранието на Србија.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми