Бременоста ќе може да се прекине само еднаш годишно?
29 мај 2013Предлог законот за прекинување на бременост, кој по скратена постапка е ставен на денешната собраниска седница, предизвика реакција кај дел од пратениците кои користејќи ги деловничките можности, побараа негово повлекување.
При утврдувањето на дневниот ред на седницата на Собранието на Република Македонија, пратениците образложија дека предложеното законско решение е крајно рестриктивно и значи враќање назад, односно ограничување на правата на жената.
„Овој закон треба да се повлече затоа што е крајно рестриктивен и ги ограничува правата и слободите на жените да располагаат со своето тело и да решаваат за правото за раѓање. Тоа се уставни права и пракса со децении. Со вакви рестриктивни одредби се враќаме во некои други времиња кога некои други решавале за правата и слободите на жените. Ова не е мерка за пораст на наталитетет. Пораст на наталитетот е нешто што се прави со стимулативни мерки, а не со ресктриктивни мерки. Ова е апсолутно погрешно“, рече Лилјана Поповска од ДОМ. Таа укажа дека законот ќе предизвика низа негативни импликации и ќе се зголеми бројот на диви абортуси.
Ист став како Поповска имаа и пратеникот Ивон Величковски од Либералната партија и Цветанка Иванова од СДСМ.
„Во името на основните човекови права и 20 - годишната битка за женските права нека проработи свеста и овој предлог закон да се симне од дневниот ред. Да не дозволиме некој со закон да управува со нашето тело. Овој закон ќе загрози два живота - животот на мајката и на детето. Симнете го законот затоа што не е по желба на ниту една жена во Македонија“, побара Иванова.
Нивните предлози за повлекување на ова законско решение не беа прифатени од мнозинството пратеници.
Што предвидува предлог законот за прекин на абортусот?
Инаку предлог законот предвидува дека жената не ќе може да ја прекине бременоста ако од претходниот абортус не поминала една година, освен во случаи кога бременоста не претставува опасност за животот на мајката или кога врз основа на научни сознанија се очекува дека детето ќе се роди со тешки телесни или душевни недостатоци.
До прекин на бременоста ќе може да дојде и во случај кога детето е зачнато како резултат на силување, обљуба врз немоќно лице, како и кога ќе се утврди дека во текот на бременоста или по породувањето би можела жената да дојде во тешки, лични семејни, материјални или други услови што ќе имаат одраз врз нејзиното здравје.
Бременоста ќе може да се прекине по 10-тата недела, а за тоа жената ќе треба да достави писмено барање по што докторот е должен да ја предупреди бремената жена за можните предности за продолжување на бременоста, како и за ризиците доколку се спроведе абортусот. Ако бремената жена, и по добиените информации остане при своето барање, должна е да даде писмена изјава дека го прифаќа спроведувањето на интервенцијата за прекинување на бременоста.
Ако докторот утврди дека абортусот не го дозволува здравствената состојба на бремената жена или дека ќе се загрози животот и здравјето на жената или пак дека се изминати повеќе од десет недели од денот на зачнувањето, должен е да ја упати бремената жена на првостепена комисија за одобрување на прекинување на бременоста.
Бремената жена и сопруг, ако се во брачна заедница или жената која е малолетна и нејзиниот родител или старател, на нивно барање или на барање на првостепената комисија, може да присуствуваат на седницата на првостепената комисија на која се разгледува барањето за прекинување на бременоста.
Според македонските медиуми, против овој предлог закон во Скопје протестираа група граѓани.