1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Брзите пари“ на приватните заложувачници и сиромаштијата

Свето Тоевски21 јуни 2015

Во Македонија се случува експанзија на приватните заложни куќи, за кои експертите велат дека ќе ги има се‘ повеќе поради забрзаното осиромашување на населението.

Фотографија: picture-alliance/dpa

„Даваме заем по пат на оставање залог, без оглед на вашето кредитно минато. Стопроцентна професионалност и дискреција“ - вака се рекламира една заложна куќа, која стартуваше со работа кон крајот на 2014 година во Скопје, а набргу потоа отвори и уште 10 „канцеларии“ во другите градови во земјата. Втора заложна куќа од Скопје на муштериите им го порачува следното: „Ако имате потреба од пари, а банките ви вртат грб - дојдете само со лична карта и предметот кој сакате да го заложите (злато, сребро, автомобил, бела техника, компјутер, лаптоп, фотоапарат, часовник ... ) и за само 15 минути ја добивате посакуваната сума на пари, на брз и сигурен начин.“ Трета заложна куќа, овојпат од источниот дел на Македонија, на конкуренцијата и‘ парира со следнава понуда до клиентите: „До екстра кеш за 10 минути - 365 дена во годината. Даваме заем во зависност од заложениот предмет: од 1, 6 евра до 16.300 евра (во денарска противвредност)“.

Во овие три, но и во повеќе други заложувачници во земјата, се врши проценка и, на пример, за златниот предмет се добива како кредит сума од 70 - 90 отсто од неговата „реална вредност“. За заложените автомобили, или други предмети, се добива сума како кредит од 40 - 60 отсто од нивната проценета вредност. Во некои заложни куќи и уште помалку, дури и само 30 отсто од вредноста на возилото, или заложениот предмет.

Во огласите на заложните куќи, кои се рекламираат преку фејсбук - мрежата, интернет - порталите и на други начини, не се наведува според која камата се даваат кредитите. Само во еден оглас на заложна куќа од Скопје се прецизира дека за граѓаните се пресметува безмалку еден процент месечно на позајмената сума, а околу 1,7 отсто за претпријатијата. Но, таа заложна куќа кон дадениот кредит додава и административни трошоци и трошоци за складирање „најмногу до 2 отсто месечно“.

Од изјави на граѓани, кои заложувале вредности, може да се чуе дека им се пресметувале, наводно, дури и до 6 проценти, месечна камата на одобрениот заем. Сопствениците на неколку заложувачници со кои разговаравме укажуваат дека заложениот предмет останува во заложната куќа, ако парите не се вратат во договорениот рок.

Одговорен функционер во еден државен орган од областа на финансиите, барајќи да остане анонимен, го изнесува своето лично мислење дека „не ретко заложувачниците развиваат дејност, која е рамна на нелегално лихварство, поради превисоките камати“ и дополнува: „Полицијата ќе треба да ги стави уште повеќе ’под лупа’ овие заложувачници и во сите случаи на незаконитости и оштетувања на граѓаните ќе треба да преземе соодветни законски мерки“.

Нема евиденција за бројот на заложувачниците

Од министерствата за економија и финансии ни одговорија дека немаат евиденција колку вакви „финансиски институции“ работат во Македонија. Но, во адресарите за сите македонски деловни субјекти стои дека само во главниот град се отворени околу 8 заложувачници. Ги има и во Радовиш, Куманово, Кавадарци, Битола, Велес, Струмица, Тетово и другите градови и општини. Врз основа и на искажувањата од разговорите со неколкумина сопственици на заложни куќи во Скопје и во источниот дел на државата, може да се заклучи дека во оваа земја веќе има 80 - 100 заложувачници, со тоа што станува збор за тренд на пораст на ваквите објекти.

За златни предмети се добива „кредит“ во висина од 70 до 90 проценти од нивната вредностФотографија: picture-alliance/dpa

Од кои причини се случува забрзана експанзија на ваквите „финансиски институции“ во Македонија и тоа токму во минатата и во оваа година? Дали е тоа поврзано со актуелната економска криза, во која тоне стопанството, но и државата, како и со алармантното влошување на социоекономската состојба на населението? Клиенти на приватните заложни куќи се, или биле, повеќе пејачи, спортисти и други личности од јавниот живот на земјата, оставајќи под залог златен накит, десетици илјади евра вредни автомобили, или други вредности, со цел да дојдат до „готови пари“. Меѓутоа, во Македонија се случува многу повеќе во последниве месеци предмети да заложуваат најчесто граѓани кои се притиснати од континуираната егзистенцијална криза, во која се западнати со своите семејства. Немањето месечни приходи за исхрана и плаќање на комуналните сметки и сметките за струја, сооченоста со извршителите и банките, кои им ги блокираат трансакциските сметки, или неможноста да се добијат вообичаени банкарски кредити со „нормални“ камати, сево ова ги насочува граѓаните кон приватните заложни куќи. Има случаи кога граѓаните ќе успеат да дојдат по некој месец до пари, ќе успеат да го отплатат долгот и да си го повратат заложениот предмет. Но, сепак, многумина не успеваат да го вратат долгот и тогаш нивните заложени вредности остануваат во заложната куќа, која потоа ги препродава. Овојпат по реални, пазарни цени. Така, заложна куќа од голем урбан центар во источниот регион на својата фејсбук - страница нуди „брзи пари во моменти кога на клиентите им се најпотребни“, но, на истата социјална мрежа таа „банкарско-финансиска институција“ објавува и многу голем број огласи за продажба на автомобили, камиони и други движни предмети според „најниски и најповолни цени во градот“. Се разбира, кои останале од оние претходни сопственици што „заглавиле“ со долгот и кои морале да се простат од своето возило, или другите заложени предмети.

Да се врзе крај со крај

Поголемиот, ако не и најголемиот дел од граѓаните заложуваат и само и за 50, или 100 евра, колку да го поврзат „први со први“ - од тековниот со следниот месец. Меѓутоа, во македонските заложувачници се регистрирани случаи да се земе заем и од 10 до 20 илјади евра, па и повеќе, за што, секако, мора да се заложат многу скапи нешта. Обично, вакви заложувања се вршени од страна на одделни стопански претпријатија.

Посегнувањето по заеми често е со цел да се преживееФотографија: DW/Woll

Милева Ѓуровска, експерт за социоекономија, порастот на заложувачниците исто така го поврзува со растечката сиромаштија, нагласувајќи: „Статистичарите истакнуваат дека речиси 30 отсто од популацијата во Македонија живее под линијата на сиромаштијата. Иако кредитирањето не е среќното решение за остварување на егзистенција, сепак, лицата кои се кредитно спосособни кон банките се во значително поволна ситуација отколку невработените, или вработените со ниски приходи. Не се ретки случаите кога лицата со ниски примања се задолжуваат кај лихвари. Меѓутоа и едните и другите влегуваат во голем ризик да загубат вредни нешта, кои биле заложени како гаранција за кредитирање (позајмување). Веројатно е дојдено времето да се троши она што било чувано за 'црни денови’“.

Абдулменаф Беџети, како експерт за економија и јавни финансии, заклучува: „Посегнувањето по заеми од заложувачниците е за граѓаните дневно излезно решение заради преживување. Во ситуација кога македонската економија и јавните финансии се веќе нефункционални, а имајќи предвид оти се случуваат и структурни влошувања, кои ја ’лизгаат’ Македонија во насока на можна предбанкротна состојба како држава, тогаш може да се очекува дека ќе има се‘ повеќе заложни куќи и се‘ повеќе граѓани кои ќе бидат нивни клиенти.“

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми